Портрет- Елена Стојановска: Го молам небото да бидат тука луѓето што ги сакам

Добивај вести на Viber

Фото: Бојан Стоилковски 

Љубезноста која е видлива и пред камерите, е нејзина најголема доблест и во приватниот живот. Водителката на телевизија Сител, Елена Стојановска и да е тажна, ќе најде начин да биде коректна со луѓето.  Понекогаш кога ќе види дека е залудно, само се повлекува. Не сака да враќа некому со иста мерка или да влегува во конфликти.

Стојановска открива детали за нејзиното детство, тинејџерство, работа, бракот, мајчинството и пријателството.

Моите сеќавања за детството се...Моето детство е најмногу поврзано со сестра ми. Многу мала разлика сме во години и буквално секое сеќавање го делам со неа. Летување со нашите родители во Градиште, прослава на Нова година кај баба ми Рада и дедо Стефан, кога и двете се прејадувавме, а дедо ми ни раскажуваше приказни. Училиштето „Браќа Рибар“ и дедо ми Живко кој секој ден доаѓа на вратата и нѐ бара мене, сестра ми и братучетка ми Верче. Ни носи некое лижавче, џемпер да не ни е студено или чај во термос.  Потоа доаѓаат Биба и Маја, другарките од новата зграда каде се вселивме и размена со украсни ливчиња и салфетки.  До ден денес се дружиме и тука сме едни за други. Бев галена, пазена од сите и со многу љубов го помнам овој период.

Омилен јунак од приказните..Не знам дали доликува на овие години да се биде романтичен, ама мене омилен цртан филм ми е „Ариел, малата принцеза сирена“. Уште кога излезе јас бев вљубена во Ариел и како таа се бореше да биде со принцот Ерик иако буквално беа два различни светови. До ден денес таа е моја омилена хероина и пак ќе кажам за себе, имам обичај да ги романтизирам работите (хахахахахах).

Тинејџерскиот период би го опишала...Првите излегувања со другарките, на јуниор, па и на сениор забави. Бевме малолетни, ама сакавме да излегуваме до подоцна, па така со разни перипетии успевавме во тоа. Се облекувавме во палта од мајките кои ги носеа на работа, нивните потпетици, се шминкавме со светкави сенки на очите. Малку е да кажам дека некоја чудна мода имаше во 90-те. Во тијнеџерскиот период секако дека ми се случи и првиот симпатија. Средношколските години ми беа прекрасен период, многу учев, ја засакав книжевноста и многу читав книги.

Првото појавување пред камерите беше...Емисијата 100%, А1 телевизија. Угро ме најавува, јас доаѓам до сцената и не знам за себе. А мојата другарка Биба, ме гледа од зад камерите и ми дава поддршка. Откако се качив на сцената, по првиот кажан збор сѐ беше лесно и убаво, како љубов на прв поглед.

Водителството е професија која бара...Водителството како и секоја друга професија бара многу љубов, работа и посветеност. Секоја професија сака надградување на знаењето, трпеливост, а искуството навистина е процес. Мојот говор не беше ист низ годините, некогаш ќе ја забрзате реченицата, ќе пропуштите буква, па не знаете да се снајдете во моментот. Но, искуството, работата на себе си го прави своето. Со голема љубов го работам сево ова, инаку не знам како да опишам зошто не ми е тешко да се будам во 5 часот за на работа. Мора да е љубов (хахахах).

Пријателство во оваа професија постои, но...Секако дека постои. Барем кога јас почнував мене така ме учеа. До ден денес и новите колеги ги советувам да имаат разбирање кога ни доаѓа некој нов, да подадеме рака, да дадеме контакт, да им овозможиме полесно да се снајдат. Секогаш сум ги почитувала и повозрасните колеги, но факт е дека на сите ни се случува живот. Годините одат и веќе немаме иста енергија за сите и сѐ околу нас. Лично, кога веќе не можам да одржувам контакт со некого, не се ни обидувам. Полека но сигурно, мојот мир ми е пресуден.

Мојот имиџ би го дефинирал како...Ова е лесно прашање. Роматичен! Јас ќе облечам кожна јакна, ама сигурно тогаш ќе ставам и некое украсно венче, алка, ќе облечам и здолниште со тантела. Многу сакам да се украсувам, ама гледам да не претерувам, да има баланс. Можеби хороскопскиот знак вага ми е пресуден во имиџот и стилот на облекување.

Понекогаш се плашам дека нема да стигнам да го направам сето тоа што го замислувам...

Секогаш се плашам! Па брзам, па грешам, па сама се смирувам. Гледам да сум темелна и некако научив да одлучувам што е приоритет.

Особина која најумногу ја сакам и ја поседувам е...Љубезност. Дури и да не ми е денот, и да сум тажна, јас ќе најдам начин да бидам коректна со луѓето.  Понекогаш кога ќе видам дека ми е залудно, само се повлекувам. Не сакам да враќам некому со иста мерка или да влегувам во конфликти.

Кај луѓето најмногу почитувам… Лојалност и искреност. Сакам кога луѓето ги поставуваат работите така како што се чувствуваат. Така не би си губеле време едни на други и многу е фер во сите односи. Работен, пријателски или љубовен однос, сеедно.

Мојата дефиниција за бракот е...Немам. Бракот мене ми е љубов.

Мајчинството ме смени како личност...Најмногу ме смени Илина. Се сложувам дека се менуваме откако ќе станеме родители. Станав многу грижлива, ама и научив да распознавам што е приоритетно. Уште ме учи, секојдневно.... На практичност, на трпеливост, на поголема одлучност.

Мудроста според која секогаш се раководам е...Се плашам дека немам одговор на ова. Секој ден читам по нешто, во дадени ситуации гледам да применувам.

Верувам во пријателства до крајот на животот...Верувам и среќна сум што имам долги пријателства, малку се, ама скапоцени.

Плановите се за практичните луѓе, а моите се поврзани со...Не правам долгорочни планови, повеќе се врзани за секојдневието.

По десет години себеси посакувам да се видам во...Прво, да нѐ служи здравје! За десет години, по можност се уште да го работам ова што го сакам, и го молам небото да бидат тука луѓето што ги сакам.

Неостварена професионална желба ми е...Немам неостварена желба. Имам многу остварливи желби во однос на усовршување, интервјуа со интересни личности, понатамошно растење во професијата. 

Соња Алексоска Неделковска

Фото: Бојан Стоилковски и приватна архива