ПОРТРЕТ: Билјана Дебарлиева открива дали е конфликтна личност и како реагира на критики
Билјана Дебарлиева е водителка на „Фактор здравје“ која се емитува на ТВ 24 и домаќин на гостите во студиото. Темите од областа на здравството се во фокусот на овој тип емисии, но начинот на водење, пристапот кон нивната обработка, комуникацијата со гледачите и советите упатени кон нив, е тоа што е препознатлив белег на водителката. Преку рубриката Портрет ви откриваме интересни работи за нејзината личност надвор од екраните.
Моето прво појавување пред камерите од оваа дистанца го доживувам како...Од оваа дистанца, го доживувам како мој голем успех, сфаќам дека сум била многу храбра да застанам пред камера без никакво искуство, да им се обратам на гледачите на единствениот и најгледан медиум во тоа време, МРТВ. Можеби и годините си го направиле своето. Кога си млад, полесно ги прифаќаш предизвиците кои се пред тебе, сакаш да истражуваш, да искусиш нови нешта. Од нешто што требаше да биде само моментален, краток ангажман, прерасна во моја голема љубов и професионална определба која трае веќе три децении.
Кога ќе се сетам на моето прво интервју се чувствувам ....Убаво, носталгично, бидејќи тоа беше прво интервју кое ми го направи Маја Крстиќ за списанието Екран и тоа само една година од моето појавување на телевизија. Во тој период веќе бев водителка во утринската програма на МТВ. Тоа беше и единствено интервју со моето моминско презиме Кочева. Малкумина ме паметат со тоа презиме, бидејќи токму тогаш полека ја стекнував и довербата на гледачите и популарноста. Го чувам исечокот од интервјуто во мојата домашна колекција, за да ме потсетува на моите почетоци како нов лик на малите екрани.
„Фактор здравје“ на ТВ 24 е проект кој се разликува од останатите...Бидејќи е прва емисија од областа на здравството која во континуитет опстојува веќе 12 години, од кои во последнава јас сум водителка на „Фактор здравје“, домаќин на гостите во студио, а на гледачите преку малите екрани. Темите од областа на здравството се во фокусот на овој тип емисии, но начинот на водење, пристапот кон обработката на темите, комуникацијата со гледачите и советите упатени кон нив, е она што е препознатлив белег на секој водител.
Успехот секогаш е производ на заедничка работа, а тимот со кој соработувам е...Едноставно прекрасен, тимската работа е главен предуслов за успехот на еден проект и генерално за успехот на која било работа. Многу е важно некогаш да се разбирате само со поглед, зборови не се потребни, зашто на крајот, нашата добра комуникација и соработка придонесува финалниот производ што го пласираме до гледачите да биде добар и успешен.
Да се работи секој работен ден подразбира...Максимална посветеност и подготовка во секој поглед. Истражување, читање, барање здравствени теми, договарање лекари со кои треба да ја договорите и темата и терминот за гостување. Максимална концентрација додека си во студио, завршува една емисија, веднаш се прават подготовки за следниот ден, за следната работна седмица. Но, затоа викендите се за одмор и релаксација и посветеност на фини нешта со најблиските.
Голем предизвик ми се темите поврзани за ...Дефинитивно теми од областа на здравството, кои во континуитет ги обработувам во изминативе 10 години. Потребни се вакви емисии, бидејќи на тој начин придонесуваме за подигнување на здравствената култура кај населението, а тоа е многу важно за поголема свесност за сопственото здравје и многу поголема посветеност на превенцијата.
Некои кариери почнуваат на цврсти, некои на убави нозе, мојата почна на...На цврсти нозе, со многу труд, вложување, работа, прифаќање на сугестии. Она што првично го знаев, само го надоградував, учејќи од повозрасните и поискусни колеги.
Убавината во секоја професија е битна...Но, не и пресудна. Гледачот е голем критичар, прво ќе го забележи надворешниот изглед, ама потоа му е важно да слушне убава, течна мисла, начинот на кој ја пренесуваш информацијата. До гледачот треба да допреш и со ликот и со гласот и со начинот на изразување.
Пријателство во шоу бизнисот постои, но...Да, може да постои само доколку сето тоа е поставено на цврсти основи, без скриени намери. Убаво е кога една професионална соработка продолжува да опстојува и преминува во искрено пријателство.
Реагирам на критики...Секогаш добронамерно, со насмевка. Прифаќам и позитивни и негативни критики, ама само овие вториве да не се навредливи и кажани без никаква основаност или причина. Не сум воопшто суетна, прифаќам совети, сугестии, зашто на крајот сите понекогаш грешиме. Треба да сме самокритични, да го почитуваме, а некогаш и да го прифатиме туѓото мислење.
Кога сум среќна тоа го искажувам...Со насмевка и среќа на лицето. Сакам сето тоа да го споделам со другите. Всушност, сакам да имам и да гледам околу себе само среќни и позитивни луѓе.
Најмногу ме разочаруваат...Себични, суетни, самобендисани. Луѓе кои немаат емпатија кон другите, користољубиви, мислат само на себе, се однесуваат како сѐ да почнува со нив и сѐ треба да заврши со нив. Затоа одбирам да се дружам и да го поминувам времето само со оние со кои ми е пријатно и релаксирано да бидам во нивно, а и тие во мое друштво.
Успевам секогаш да бидам сталожена и не навлегувам во конфликти, туку проблемите ги решавам...Речиси секогаш на мирен начин, никогаш не влегувам во конфликти, зашто едноставно не сакам да се полнам со негативна енергија. Некогаш премолчувам, па дури и кога нешто многу ме повредило или навредило, јас на лошото враќам со добро. Едноставно таква сум, карактерот не можам, а и не сакам да си го сменам.
Луѓето кои ме опкружуваат се оние...Кои размислуваат слично како мене, кои го сакаат и уживаат во животот, луѓе со позитивна мисла и енергија од кои можам да добијам искрен совет и на кои можам да се потпрам во секој момент.
Мојата дефиниција за бракот е ...Толеранција, разбирање, взаемна доверба и поддршка и во убавите и во тешките моменти. Отсуство на љубомора, постојана комуникација, понекогаш и одредени отстапки, ама сето тоа за успешно функционирање и на бракот и на семејството.
Моите најважни совети за двете деца се...Да бидат свои, она што го зацртале пред себе да го реализираат, без оглед на тоа колку некои работи некогаш може да изгледаат тешко остврливи. Да се почитуваат себеси, но да ги почитуваат и другите, да бидат со оние кои им се искрени пријатели, да помагаат во секоја ситуација, никогаш да не се откажуваат и се разбира да уживаат во секој миг од животот.
По десет години себеси посакувам да се видам во...Тогаш веќе ќе бидам во шестата деценија, ама мене годините не ме плашат. Сакам, а и верувам дека и понатаму ќе го задржам младешкиот дух во себе, зашто само така човек продолжува да го живее и да ужива во животот.
Соња Алексоска Неделковска
ФОТО: Фејсбук официјален профил Билјана Дебарлиева