Потресната приказна на Скопје: Смогот што ми ја задушува иднината!
Се разбудив утрово, рано, во главниот град на нашата земја. Се разбудив но не гледав, не гледав ништо пред себе… од прозорец не успеав да ја видам ни соседната зграда. Застанав, воздивнав, почувствував грч во градиве… но продолжив, набрзина се подготвив за да тргнам на работа. Во другата соба, запалено светло, брат ми лежи. Ми вели дека полага испит денес…
,,Полагам ,,Медиумите и правата на децата”. Страв ми е да отидам на испит. Не дека не научив, тоа не е ниту една од причините. Редоследот е ваков, а ситуацијата алармантна: страв ми е да не се изгубам во маглава и страв ми е да не се задушам од овој чад наречен воздух. Полагам испит од Мастер за да ИМАМ поубава иднина со квалификации во град каде што НЕМАМ воздух. Учам за права на деца, а овој смог надвор ми го крати основното- право на живот! ”
Ова е Скопје, иако не го гледате, ова е главниот град на Република Македонија, ова е градот каде се стационирани најдобрите можности за граѓаните… чекајте малку, најдобрите?!
Му посакав среќа, му кажав никако да не излегува без шал на лицето, се завив во мојот и излегов. Решив, денеска ќе ги дадам и тие последни 2000 денари со кои требаше да ја тераме цела недела, но ќе купам маски за прочистување на воздухот, на двајцата…
Само што излегов, без претерување ништо пред себе не гледав, мирисаше многу лошо, гадно... се удрив со комшијата од соседниот влез кој забрзано чекореше за да влезе во зграда. Поминувам улица, слушам дека свири зелено, ни тоа не се гледа.. не се гледа ни дали ќе застанат автомобилите да поминам… се плашам, се плашам да не умрам, но од нив нема сигурно... ТИЕ ЗАСТАНУВААТ, ЗАСТАНУВАМ И ЈАС. ИСПЛАШЕНА... ИЗМОРЕНА… РАЗОЧАРАНА… БЕСНА… ТАЖНА… ШТО ЛИ СЕ СЛУЧУВА?!
Неколкумина излегоа, ме фатија во паѓање... викаа ,,Девојче, дали си добро, што ти е?”
,,Немам воздух -извикав јас, НЕМАМ ВОЗДУХ, но во вистинска смисла на зборот. Се гушам во овој смог. Не ве гледам, од овој смрдлив смог…”
Станав и избегав, ги оставив растревожени и замислени… си велам можеби утре ќе тргнат на работа со автобус, можеби ќе внимаваат повеќе, можеби ќе мислат дека сум луда…
Избегав од нив, но не и од ова чудо што со секое вдишување ги полни моите бели дробови... не сум пушач, ама сигурно имам бели дробови на некој страствен.
Стигнав на работа, за среќа не е толку далеку… седнав, а грлото ме корнеше од болка. Зедов да ви раскажам, не за да ме жалите, туку за да се жалите самите себе…
Мене искрено ми е жал за сите нас до еден! И не знам кој што планира да направи, ама редно е секој да почне од себе. Не чекај некој да ни помогне, преземи иницијатива сам… помалку загадувај го уште ова нешто што ги исполнува белите дробови и ни дава живот! Дај му живот и ти!
Даница Караташова