Сопругот нѐ донесе во Македонија и мораше да се врати назад во Украина: Потресно сведоштво на Македонката Мери за војната во Украина
Откако започнаа
нападите врз Украина од страна на Русија, завладеа паника и загриженост во
земјава, но и во светот. Последните неколку дена сме сведоци на френетично пазарување на некои намирници од маркетите, но и на масовно полнење на горива
на безнинските пумпи... тоа беше реалноста кај нас деновиве, но Македонката Мери го
доживеа сето тоа во само неколку часа - во Украина.
Таа морала до го напушти својот дом во Киев, веднаш по првиот напад на Русија. Ја разбудил нејзиниот сопруг и ѝ кажал каква е ситуацијата, дека мора да се спакува за да отидат со ќеркичката Марта на сигурно. Односно, да дојдат во Македонија.
„Сопругот во 07 часот сабајле ме разбуди и ми ги покажа вестите, јас бев во шок погледнав на улица и видов гужва од автомобили, гужва во маркет.... Искрено не очекуваше никој од нас, ни моите пријатели што живеат во Киев, сите мислевме ќе војуваат во источна Украина“, искрено одговори Мери за првиот момент на нападот и нејзиното соочување со војната и додаде дека ќерка ѝ Марта не се исплашила, дека таа има само 4 години и не разбрала што точно се случува, туку дека се израдувала на куферите и дури сакала да си земе повеќе играчки со неа.
Мери, како што вели за Украинците биле храбар и сплотен народ, народ кој нема да се предаде лесно на Русија и дека и покрај бомбардирањата и војувањето голем дел од нив останале во своите домови, се симнувале во скривалиштата само при дојава на бомба.
Амбросова е од Скопје, но живее скоро 6 години во Украина, како да попримила од нивниот менталитет и гордо зборува, сигурна во себе дека за година-две ќе се врати во Киев и ќе продолжи со животот таму.
Додека таа и Марта веќе неколку дена се на сигурно во нашата земја, нејзиниот сопруг откако ги донел нив две во земјава се вратил назад во Украина. Како што ни раскажа, тој сега е во западна Украина, помага во воен штаб при организиција на храна и вода, дека се припрема за одбрана. Но, како што вели тие двајца се во постојан контакт и дека сега за сега е сѐ во ред“.
„Никој не сака војна, никој не сака да си го напушти домот, но некогаш Бог ни дава искушенија низ кои треба да поминеме, да се освестиме, да научиме, да пораснеме и продолжиме. За жал човештвото од претходните војни нè научило па најверојатно е потребна уште една. Јас знам дека и украинскиот и рускиот народ ќе извлечат максимум од ова. Преку војната луѓето учат да не изгубат надеж, да не паничат, да држат контрола на себе, да научат да го контролираат стравот, и најважно да го победат стравот од смртта“, потенцира Мери и храбро сподели дека и покрај сè таа мора да продолжи да работи, да заработи, но и да не застане да работи на себе.
„Сите програми со кои работев си продолжуваат и фала му на бога што сум тука на посигурна земја за да ги работам, да останев таму сигурно ќе ги прекинев или ќе имав огромен предизвик за да ги продолжам. Добив огромна поддршка од сите мои клиенти на програмите, сите имаа разбирање и ме почекаа да се вратам во Скопје да се стабилизам за да продолжиме. Јас сум им многу благодарна за тоа. Од моите следбеници на Инстаграм добив огромна поддршка, дури и некако по пораките видов дека се многу попотресени од мене. Одвај успев да вратам на сите и да им се заблагодарам на поддршката.
Позитивна, насмеана, зрачи со енергија која инспирира, не би кажале дека пред само неколку дена таа беше очи в очи со војната, еден од најголемите непријатели на човештвото. И покрај сè, продолжува да шири позитивна енергија и да биде пример за многумина.
„Последната година ипол, максимално работев на себе некако продолжив со мојот духовен раст кој беше започнат пред 7 години. Ништо друго не ми остана освен да ја ширам, јас сум човек што од сè гледа да извлече максимум и се да е позитивно. Во сè да гледам и нешто светло, иако некогаш и мене знае да ме фатат црни мисли се трудам да ги прифатам и сработам. Мене работата ме исполнува ја работам со љубов и е нешто во кое што уживам јас сакам да го правам тоа, сакам да помагам на други, да ширам свет, да учам и другите да се сè повеќе во свет, и да не и се предаваат на темнината.
Секогаш во нас е изборот во што ќе погледнеме и со што ќе се полниме. Одберете ведри, светли мисли тие нека се ваш приоридет и во тешки и не така лесни периодни во животот. Од нас зависи како ќе реагираме на предизвиците кои ни ги носи животот. Никој не рече дека ќе е лесно, но ние решаваме колку ќе паднеме и колку брзо ќе станеме“.
Наталија Миланова
Фото: Вангел Тануровски