ПОЗИТИВ НА ДЕНОТ: Бранови на слободата

Добивај вести на Viber

Шамали Санјава, самоуверена мајка и сурферка која живее во мало место во заливот Арагум, им пркоси на предрасудите. За разлика од повеќето жени во Шри Ланка кои се домаќинки и се грижат за сопругот и за децата, таа одлучила да има едно сосема поинакво секојдневие.

Шамали е претседателка на првиот женски сурферски клуб во Шри Ланка во кој членуваат 17 девојки и жени, а вештините во освојувањето на брановите ѝ ги пренела девојка од Калифорнија која случајно ја запознала. На почетокот се соочувала со низа непријатности кога најблиските во нејзиното семејство негодувале за хобито на кое одбрала вистински да му се посвети. Особено мажите во фамилијата не го поднесувале нејзиниот ентузијазам.

Во меѓувреме ѝ се приклучиле уште неколку амбициозни жени. Среќа, низ годините селото каде што живее почнало да ја поддржува во намерата и на крајот од минатата година во заливот Арагум бил и официјално регистриран првиот женски сурферски клуб воопшто на територијата на Шри Ланка. Иако овие жени повремено се соочуваат со дофрлувања и непристојни коментари, тие веруваат во нивната светла иднина.