ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ДВОЈКИ: Како се запознале?

Дознајте како изгледале првите средби на актерите Јелена Јованова и Стјепан Периќ, на музичарите Андријана Јаневска и Драган Гиновски и на новинарката Соња Алексоска Неделковска со докажаниот текстописец Огнен Неделковски


Јелена Јованова и Стјепан Периќ

Македонската актерка својот животен партнер го запозна во Загреб на снимањето на серијата „Тајни“. Романсата од малиот екран со колегата Стјепан Периќ продолжи и во вистинскиот живот, а интересен е моментот што во хрватската метропола се запознале и родителите на Јелена.

- Ако секој од нас ја завршува приказната на своите родители, јас во Загреб сигурно се надоврзав на нивната и започнав една моја, поинаква. Никогаш не мислев дека ќе се вратам таму од каде тие тргнале и уште помалку дека таму и ќе љубам. Верувам Евреите биле во право кога од својот речник го извадиле зборот „случајно“ – изјави Јованова во едно интервју.

Андријана Јаневска и Драган Гиновски

Познатата пејачка и авторка Андријана Јаневска и нејзиниот сопруг, гитаристот Драган Гиновски-Гино во брак се од 2009 година. Се запознале преку заедничка пријателка, иако и претходно се знаеле индиректно.

- Јас сум голем обожавател на репертоарот на „Архангел“ така што музиката беше таа што нѐ спои – откри Јаневска во едно интервју.

Поголемата разлика во годините (Гино е 14 години постар од Андријана) се покажала како предност во нивниот живот.

- Гино е толку младолик што физички и не се разликуваме многу. Плус, секоја жена која е во брак сака стабилен и зрел партнер, а тоа можете да го добиете само од маж кој знае што сака во животот – изјави Андријана пред четири години за „Антена“.

Соња Алексоска Неделковска и Огнен Неделковски

Докажаниот текстописец и познатата новинарка и авторка на романизираната биографија за Тоше Проески,  „Ова не е крај“, се запознале пред 22 години на „Фолк фест Валандово“.

- Првпат се сретнавме во холот на Домот на културата во Валандово во 1996 година. Една година претходно, мојот тогашен уредник Љупчо Алексовски ми предложи заедно да направиме интервју со познатиот текстописец Огнен Неделковски. Тогаш работев во списанието ,,Турбо фолк” на Драган Б.Костиќ. За да ме убеди ми рече дека Огнен сака женски со руси коси. Кога слушнав дека е помал од мене му реков: „Нема шанси, не се дружам со помали од мене“. Но, старите велат „Кога ќе го запознаеш судениот, Господ ти ги затвора очите“. Тоа се случи и со мене. Уште на првата средба сфатив дека воопшто не ми е важно колку години има, какви му се чорапите или чевлите, како се смее и дали има бодликава брада - раскажа Соња неодамна за порталот „Во бело“.

Ѓ.С.