Пред две недели спортуваше: Пријателите на Драган Вучиќ за Женски магазин

Фудбалскиот тренер Ѓоко Хаџиевски цели 40 години беше семеен пријател со Драган Вучиќ, познатиот музичар и водител кој утрово почина во Скопје од вирусот Ковид-19.

„Ме скина веста, во голем шок сум. Зборувавме пред две недели, ми кажа дека спортува, дека пешачи, тогаш немаше никаков проблем. Немав никаков знак за ваков исход. Сакав да можев да му се јавам. Како е можно ова? А, велат не е опасен вирусот. Ми замина најдобриот другар, 40 години нашите фамилии беа како една“, изјави Хаџиевски за Женски магазин. Во моментов, тој е тренер во фубалскиот клуб „Емиратес клуб“ во Рас Ел Хајма во ОАЕ.

Близок семеен пријател на Вучиќ беше и рокерот Бени Шаќики.

„Драган беше супер лик и ме потресе искрено ова што го чув, а немав ни поим дека е на инфективна. Се дружевме доста често, една наша екипа од неколку луѓе и тоа неколку години беше традиционална собиранка. Инаку, беше мој близок семеен пријател и се дружеа Весна и Драган со моите родители. Во една прилика, некаде на средина на деведесетите, доаѓаат кај нас Драган и Весна, седат со моите, а тој ми вика: „Дај те видам што те фалат, си имал многу музика, дај покажи да чујам нешто“, како демек ме проверува, а јас “копиљ“. Остана фрапиран од каде ми толку музика, особено од поранешните југословенски републики, кои иако беа зафатени од војна, снимаа повеќе отколку ние денес во мирни услови. Имавме доста дружба со Вукле и искрено ми е жал за неговото заминување. Последен пат го чув кога се породи сестра ми да честита. Не пропушташе прилика да се јави за празник, роденден и да испочитува. Одличен момак и другар! Вечна му слава“, ни изјави Бени.

Неговата сестра Нора Шаќири- Марковиќ исто така има многу спомени на како што таа вели, чичко Драгче.

„Ќе го паметам по заедничките наши семејни одмори во кампот АС. По тоа што нè носеа со Мартин по кафани, моите и неговите кога бевме деца. По сите преспиени ноќи кај нив дома, додека тие се дружеа, а Мартин и јас „окапувавме“. За него, до денешен ден бев неговата мала Норче“, ни изјави Нора.

Музичарот Љупчо Мирковски на својот Фејсбук профил прв објави за загубата на својот пријател.

„Драган беше другар за сѐ. Во времето кога бев уметнички директор на Макфест  од 1991 до 1993 година , јас си замислив дека „Макфест“ треба да биде интернационален. Најдов неколку пејачи од Австрија, Велика Британија, Нов Зеланд. Но, требаше некој да ја исполни шоу програмата за време на гласањето. Во разговор со Драган, тој ми предложи група од Атина која била дел од филмот ВИВА ЛАС ВЕГАС со Елвис Присли. Рече дека може со нив да оствари контакт. Јас изнајмив кола рент-а-кар од „Авис“ од Белград, затоа што не можеше да се оди со македонски таблици во Грција. Од грчкиот конзулат добивме тридневна виза и отидовме во Солун на состанок со еден менаџер - пријател на Драган. Драган одлично говореше грчки. Вечерта во Солун седевме во еден ресторан на улица во Солун, каде што имаше околу еден милион претестанти против Македонија. Не ни беше воопшто пријатно, но издржавме со узо и со добро грчко мезе.  Утредента отидовме во Волос, каде што нѐ пречекаа музичарите од групата КАЦАМБА БРАДРС. Се договоривме за сѐ. Драган ги убеди дека исплатата ќе биде сигурна на граница на денот на нивното доаѓање. Додека ние сите на некој начин се подготвувавме за втората полуфинална вечер, Драган со минибус и со ташна полна со германски марки, отиде на граница, ги доведе членовите на групата и вечерта наместо договорените половина час, тие свиреа цел час благодарение на ведрината и духот на Драган. Се разбира дека тој тогаш тоа го направи прво заради нашето другарство, без никаков надомест, но и за „Макфест“ кој многу го сакасш како фестивал. Многу ќе ми недостига“, ни раскажа Љупчо Мирковски.

Уште многу познати личности, со емотивни објави на социјалните мрежи денес се простија од Драган Вучиќ.

Милица Џаровска