ПРЕД ОГЛЕДАЛО со Цаци Паковска: Можеби претерувам со начинот на кој вадам шминка

Добивај вести на Viber

Цаци Паковска успешно чекори во светот на модата повеќе од две децении. Таа е жена со свој изграден стил, сопственик на бутикот за облека „Зап Милано“ и бутикот за чевли „Марвел.мк“. Цаци ја познаваме и како водителка на емисијата „Стилисимо“, како и стилист на македонската ѕвезда Каролина Гочева. Своите тајни за убавина, со кои секогаш изгледа топ средено, ги открива во ова издание на „Пред огледало“.

* Каков е Вашиот дневен козметички ритуал?

- Одржувањето на моето лице со години е мојот императив. Како минува времето, сѐ повеќе и повеќе се обидувам да го одржам тонусот на мускулатурата и свежината на тенот. Според мене, лицето памти, она што сте правеле за време на младешките години, тоа подоцна се чита и на вашето лице. Јас никогаш не си дозволив да легнам со шминка, можеби и претерувам со начинот на кој ја вадам мојата шминка со многу различни препарати. Во денови кога знам дека ќе имам напорна работа, дури и го избегнувам шминкањето, а сѐ со цел да си го олеснам чистењето на лицето во вечерните часови.

* Со какви препарати го негувате лицето?

- Отсекогаш користам квалитетна козметика, веќе 15 години користам крема за лице и околу очи од „Шисеидо“. Не знам дали е толку добра, колку што знам колку не би можела без неа. Едноставно за мене тоа е иделана козметика. Но пред кремата, секако е најважно добро да се исчисти лицето, со оглед на фактот дека Скопје е доста загадено. Шминката ја вадам со мокри марамици, но тоа е само почеток. Го мијам лицето со течен сапун, а потоа го поминувам со мицеларна вода. На крај се поминува со лосион со клиндамицин и дури тогаш лицето е подготвено за крема.

* Посетувате ли козметички салони?

- На козметичар одам многу ретко. Да бидам искрена, не сум од оние жени кои постојано одат во фризерски и козметички салони, а токму на таквите жени им се восхитувам. Најголемиот дел од работите кои се поврзани со нега, ги правам сама дома. Така ми е најлесно да се организирам со моето слободно време. Без исклучок два пати во неделата користам и три вида на маски за лице, за темелно чистење, хидратација и хранење на кожата.

* Кои производи ги употребувате за нега на коса?

- Веќе неколку години користам шампон, балзам и маска за коса од „Гарние“. Повремено ставам и маски за коса. Природно имам квалиететно влакно, што и после долгогодишни фарбања и малтретирања на косата, сепак сум задоволна од мојот изглед.

* Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка?

- Порано обожував да бидам постојано нашминката, но последниве години, користам толку малку шминка, што со шминкање сум готова за 5 минути. Кај мене не постои дневна и вечерна шминка, бидејќи јас отсекогаш сум го обожувала природниот изглед.

* Кои се Вашите омилени козметички производи?

- Течна пудра на „Шисеидо“,  сенки од „Kiko“, маскара „YSL“.

* Што носите секогаш во Вашиот несесер?

- Секојдневно не носам со себе несесер, прво од практични причини, бидејки скоро сите чанти кои во моментов ми се актуелни за носење се мали, а второ бидејки никогаш не коригирам шминка и кармин. Скоро никогаш не ставам кармин на усните, освен понекогаш во јака црвена боја. Но тоа се исклучителни моменти.  Инаку наполнет несесер носам само на моите патувања или одмори. Во него секогаш има четка за заби, паста, четка за коса, маска за лице, крем за лице и за околу очи, мицерална вода, лосион со клиндамицин, конец за заби. Шминките ми се во посебен несесер, исто како и сите препарати за нега на коса. Без разлика дали одам на патување на 2 или 20 дена, секогаш ја носам истата козметика.

* Омилен парфем?

- „Narciso Rodriguez For Her“.

* Како ја одржувате линијата? 

- Балансирана исхрана, физичка активност, самодоверба, насмевка и задоволство.


Даница Караташова