Пред огледало со Цеце Николова: Немам некаков комплекс да морам да се шминкам за нешто да покријам
Новинарката Цеце Николова е позната по искреноста, отвореноста, но и директноста, бидејќи таа е гласен говорник за се‘. А најмногу за децата без родители и алопецијата - болеста со која се бори со години.
Пред повеќе од една година таа храбро застана пред објективот и се фотографираше без перика, и конечно се претстави пред јавноста како навистина изгледа, а како што откри Николова на Инстаграм за тој чекор ѝ било потребно подолго време.
„Се преморив од перики носење“ - напиша тогаш под објавата Цеце и истакна дека е среќна бидејќи од алопеција не се умира.
Таа е секогаш искрена и неодамна во едно интервју откри дека нема контакт и не сака да комуницира со нејзините биолошки родители, а дека мајка Наташа, жената што ја одгледала во СОС Детско село, каде што го поминала своето детство за неа е многу битна личност во нејзиниот живот.
Водителката и новинарка Николова исто така е и претседател на Здружение за помош и поддршка на деца без родители „За тебе“, кое всушност работи со младите лица кои пораснале без родители, но и страстна танчарка особено на латино танци.
Цеце секогаш отворено зборува за себе, а овој пат за Женски магазин ги открива своите ритуали за убавина.
* Каков е Вашиот дневен козметички ритуал?
- Често ме прашуваат како имам толку мека и чиста кожа. Веројатно се гени во прашање, бидејќи немам некој посебен, ниту скап ритуал што го применувам. Единствено, не поминува капење без потоа да ставам млеко за тело, крема за лице и крема за стапала.
* Со какви препарати го негувате лицето?
- Во моментов, навечер правам пилинг за лице (сите препарати се по препорака на Trend As Beauty Center), а потоа ставам масло за лице. Наутро пред да одам на работа, бидејќи летно време преку ден избегнувам да се шминкам, задолжително ставам или крема за лице или крема со фактор, зависно од годишното време. И да, спиење со шминка ни во лудило. Бонус совет за сите девојки што користат многу шминка и мака мачат целосно да ја извадат - на Бекутан влажна марамица нанесете неколку капки Бекутан масло или било какво друго масло. Каква и да е, шминката ќе ви биде извадена за отприлика 15 секунди. После овој „третман“, немате потреба од нанесување крема. За повеќе бесплатни совети следете ме на Инстаграм(се смее).
* Посетувате ли козметички салони?
- Да, во последнава година почнав интензивно да го правам тоа. Користам третмани од Trend As, имам индивидуална програма, па доста време поминувам и таму.
* Кои производи ги употребувате за нега на коса?
- Бидејќи на главата имам отприлика 10-на влакна, немам потреба од никаква нега на коса, но имам потреба од нега на кожа на главата. После капење на главата ставам некоја многу лесна крема или млеко за тело. А од дома не излегувам без да ставам Black Up (SPF 30).
* Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка?
- Откако пред скоро една година ми паднаа и трепките на едното око, мојата шминка се сведе на минимум. Па затоа, вака без трепки, си ја истакнувам устата. И не секој ден, ниту пак секаде. Зависи од приликата. Воопшто немам проблем, ниту некаков комплекс за да морам да се шминкам за нешто да покријам. Се шминкам за некоја посебна пригода и тоа секогаш ѝ го оставам на мојата најдобра мејкап артистка, Марија Лазарова.
* Кои се Вашите омилени козметички производи?
- Јас сум буквално опседната со козметички производи, но немам омилени. Од секој бренд знам да најдам нешто интересно. Но еве, ако мора да изберам - би користела буквално сѐ што е од Ziaja.
* Што носите секогаш во Вашиот несесер?
- Секогаш со мене носам дезодоранс, Black Up и лабело.
* Омилен парфем?
- Верувале или не - мојот омилен парфем чини 198 денари и го има во сите подобро снабдени маркети! Mini Pink. Кој пробал, знае. Скроз сум „јас“ во парфемот.
* Како ја одржувате линијата?
- Линијата ја одржувам со здрава исхрана (без грицки, благо, сокови и тесто). Сѐ друго се дозира умерено. И се разбира, со редновна физичка активност. Фигурела ми е прва мисла штом отворам очи.
Наталија Миланова
Фото: Инстаграм - Цеце Николовска
Можеби ќе ве интересира: