ПРЕД ОГЛЕДАЛО со Ели Танасковска: Третмани за лице правам од 25 години
Женски Магазин избира наши познати дами кои зборуваат за односот кон сопственото тело и споделуваат трикови и тајни за убавина во рубриката „Пред огледало“. Овој пат ја имаме водителката и уредник во културно – уметничката програма на МТВ, Ели Танасковска.
- Женските магазини се нераскинлив дел од секое девојче, девојка и зрела жена. Тука, на лесен начин можете да ги најдете одговорите кои никогаш не ви се достапни директно од стручно лице, јавна личност, или омилен лик. Затоа со задоволство ги читам од прва до последна страница- вели таа.
* Каков е Вашиот дневен козметички ритуал?
- Обично луѓето ме доживуваат како насмеана, смирена и позитивна личност. Таква сум, сакам да ги прегрнувам драгите луѓе, да им се радувам. Ама во исто време сум и темпераментна, брза. Својот утрински ритуал го правам секое утро, брзо и со музика. Голема чаша вода, не заради тоа што сега нутрицонистите препорачуваат. Едноставно од дете утрото ми започнува со голема чаша вода. Истиот момент сум пред туш кабината. Скоро ладен туш, крема на лице и утринска прошетка со мојот миленик Чарли. Неодамна го открив магарешкото млеко за тело и сапунот од козјо млеко. Органски без хемија. По нивната употреба не е потребно ништо друго. Спремна сум за работните обврски. Имам квалитетна коса која после фризер трае долго, само ја минувам со прсти, сјај на уста, парфем и влегувам во својот автомобил.
* Со какви препарати го негувате лицето?
- Негата на лицето целосно, опуштено и релаксирано го препуштам на мојот козметичар Вероника. Од својата 25 -та година, секој месец, одам на третман. Класичен, чистење на лице, масажа и тонирање. Сакам да ги охрабрам младите девојки и да им порачам навреме да инвестираат во својот изглед. Не пушам, не пијам и уживам кога третманот трае. Сум пробала секакви креми, млека за лице, тоници, ама ништо не се споредува со млекото на Вероника. И кремата која таа лично ми ја прави. Магични се. Лицето свети.
* Посетувате ли козметички салони? Кои производи ги употребувате за нега на коса?
- Господ ме сакал кога ми дал ваква коса, природна, со кадрици и отпорна на сите хемиски третмани. Ама ме сакал и кога ме составил со Диме и Ивона од „ID TEAM“. Направија комплетна трансформација која сите ја забележаа. Во салонот влегов преку заедничка пријателка и се почувствував дека тие ми требале целиот живот. Во рацете на Диме изгледаш како тинејџерка, како дама, како вамп девојка. Ивона има посебен пристап ословувајќи ме како „Мадам“, а јас навистина се чувствувам прекрасно. Одлично ми дојде новата промена. Кажав збогум на догите кадрици и се поздравив со кратката фризура која ме подмлади и ме направи да се чувствувам задоволно.
* Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка?
- Колку и да се собрало во нас животно искуство, камери, светла, фестивали... потребна е стручна, уметничка рака која ќе ви каже што да скриете, а што да истакнете. Со години имав комплекс заради истакнатите јаболкници. Се изгладнував до бесвест мислејќи дека ќе спласнат некако. Во ова ново време на хијалурон и ботокс, сите ме прашуваат дали сум ставала јаболчници. Парадокс! Ама, повторно благодарение на Диме кој секогаш ме разубавува за емисија, ми ги смирува, а ми ги истакнува очите и усните. Имам природно долги и густи трепки, но тој умее да ги направи доминантни. Откако работам со нив, ни се јавуваат гледачи од сите страни на светот да прашаат дали станува збор за естетска корекција. Ние се смешкаме и знаеме колкава е моќта на шминката кога е во рацете на уметник. Би сакала да ја истакнам соработката со Верица од Валандово која уживаше да ми го менува ликот за фестивалските вечери, а да изгледам природна и свежа.
* Кои се Вашите омилени козметички производи?
- За млекото и кремата веќе кажав. Сакам да го споделам јавно моето искуство со сите. Имам многу осетлива кожа. Сензитивна. Алергична сум на трева, полен, убод од инсекти. Сум давала многу пари по квалитетни креми, од најскапи брендови кои ме иритирале и сум завршувала со кортикостероиди. Најдете ја вашата идеална козметика. Онаа која не ја чувствувате, односно онаа која ќе ја почувствувате како своја втора кожа. Имам среќа што сите мои козметички производи ми ги праќа ќерка ми Симона од Канада и кои се далеку поевтини од кај нас. На прво место ја ставам пудрата „Stage“, со мирис на портокал, која го прави лицето со кадифен сјај. „Chanel“ пудра , кога ќе снемам од првата и сенки за очи од истиот бренд. Омилен кармин ми е коралниот на „Clinique“.
* Што носите секогаш во Вашиот несесер?
- Во мојот несесер немам многу нешта. Огледалце, кармин, римел, сјај за усни и задолжително антихистаминик во случај да ме касне оса, пчела, комарец (хахаха), парфем, очила за сонце... толку!
* Омилен парфем?
- Парфемите се моја слабост. И кога имам и кога немам... последниот денар можам да го потрошам на нив. Ете некој има пасија за чевли, некој за очила и брендирана гардероба, моја пасија се парфемите. Омилен и прв на листа ми беше „Armani Sensi“, потоа „Versace Crystal Noir“, „Burberry“, „Ceruti“, a при последната моја посета во Канада го открив „Lovely“ од Сара Џесика Паркер, по кој ме препознаваат. Велат по мирисот знаеме дека си поминала овде.
* Како ја одржувате линијата?
- Некогаш пливав по неколку километри на ден во базенот „Карпош“. Тој беше дел од мене. Јас не можев без мирисот на хлор. Потоа заради заштеда на време вежбав пилатес, аеробик, степ во „Ребис“... Дефинитивно се враќам на пливањето. Тоа е за мене идеалниот спорт. Двигател и оддржувач на вашата кондиција и здравје. Пливате и не мислите на ништо. Излегувате надвор и мислите дека немате органи во себе. Толку лесно се чувствувате. Ми се допаѓа што гледам рекреативци кои секој ден пливаат и вложуваат во своето здравје. Со тек на време ја усовршиле и техниката и убава е глетката од трибините, како да се професионалци.
Даница Караташова