ПРЕД ОГЛЕДАЛО СО ЈАНА БУРЧЕСКА: Омилен ми е парфемот на сопругот
Ланската наша евровизиска претставничка Јана Бурческа, негува природен изглед.
Вели дека кога станува збор за козметика е прилично ограничена, затоа што страда од атопичен дерматит. Линијата ѝ ја оджува ќерката Дона, која наскоро ќе наполни една година, а омилен парфем ѝ е онод што го користи сопругот, гитаристот Александар. Јана, од неодамна, заедно со Александра Јовановска е дел од водителскиот тим на емисијата „Стисни плеј“ на МТВ.
* Каков е Вашиот дневен козметички ритуал?
- Кога станува збор за козметика, прилично сум едноставна, но и ограничена затоа што имам атопичен дерматит и имам проблем со наоѓање соодветен препарат на долг рок. Најважно ми е во текот на денот кожата да е чиста и хидрирана, а кога е многу сува како резултат на дерматитот користам и помасни производи. Избегнувам да нанесувам кортико стероиди, иако инстантно го сокриваат проблемот, сепак не го решаваат.
* Со какви препарати го негувате лицето?
- За отстранување шминка, како и на чисто лице за хидратација, користам мицеларна вода од брендот Botanics -Hydration Burst 3 in 1 Micellar Cleanser, a потоа нанесувам хидратантна крема на Yves Rocher - Sensitive Vegetal. Кога дерматитот ќе се активира на лицето, тогаш користам бабин мелем кој лечи се, а чијшто состав е вечна тајна.
* Посетувате ли козметички салони?
- Само за депилација, педикир и маникир. За останатото се грижам одвнатре, со внесување на многу вода и квалитетна исхрана.
* Кои производи ги употребувате за нега на коса?
- Косата ја негувам со тоа што не ја оптеретувам со премногу тешки производи. Користам нежен шампон и повремено арганово масло за заштита на врвовите и сјај. Сум забележала дека мојата коса лесно се презаситува од производи па затоа често ги менувам. Мислам дека најголемата услуга која и ја имам направено на мојата коса е тоа што ја чувам природната боја.
* Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка?
- Природно сум бела, да не речам бледа, па со шминката сакам да постигнам изедначен, свеж тен, што значи во мојот случај најважна ми е основата на шминката. Во однос на уметничкиот, естетски дел, сакам убаво истакнати очи и трепки. Не сакам многу контури, затоа што и природно имам истакнати јаболчници.
* Кои се вашите омилени козметички производи?
- Двата наведени во првото прашање, а тука би го додала млекото за тело Ultra Rich Lotion - L'Occitane. Од македонски производи ми се допаѓаат баровите и маслата за масажа на LaSoy, како и симпатијата на многу девојки - CRUSH Coffee Scrub.
* Што носите секогаш во вашиот несесер?
- Лабело, крем соодветен за лице и раце, парфем.
* Омилен парфем?
- Парфемот на мојот сопруг, Paco Rabanne во неколку изданија Paco, Black XS или One Million. А од моите Burberry Touch.
* Како ја одржувате линијата?
- До скоро со доење, а сега ќе му ја мислам, хаха.
Милица Џаровска