Пред огледало со Марија Лазарова: Скапиот препарат не мора да значи дека е добар, некогаш „лекот е пет пари“
Има само 27 години, а е успешна мејк-ап артистка, која една деценија работи како ко-менаџер во сеемеен приватен бзинис, односно во салон за убавина.
Марија Лазарова е млада девојка која ѝ е позната на јавноста како сестра на Јутуберот Стефан Лазаров, но и како дама која внимава на својот изглед и има околу 10.000 следачи на својот Инстаграм профил.
Дипломирала на катедрата за Турски јазик и книжевност на Филолошки Факултет ,,Блаже Конески” и привремено се занимава со преводи, а од неодамна е бруцош на Факултет за Уметности Тетово, на отсек Актерство.
Оваа млада успешна дама вели дека себе си се смета за уметник, личност со повеќе интереси и многу амбиции - хедонист кој го цени „убавото“. А во оваа нејзино прво интервју за Женски магазин ги споделува своите ритуали за убавина.
* Кој е Вашиот дневен козметички ритуал?
- Откога памтам дека ми излегоа првите акни во пубертет јас користам козметика за лице. На времето беше тоа тоник од ружина вода во комбинација со бекутан крема, а од 20-тата година навака користам креми со појако дејство на хидратација и анти ејџ компоненти како што е аргановото масло и Б витамин. Моментално негата ја делам на дневна и ноќна рутина. Навечер го мијам лицето со студена вода со гел во кој има нијанцинамид, користам серум со витамин Ц (безбедни се да се користат заедно доколку нема контакт со сонце) и гел за хидратација од алое вера. Наутро одбегнувам да го мијам лицето, само го тонизирам и ставам крема со хјалурон и заштитен фактор. Се туширам со топла и студена вода за добра циркулација, користам млеко или масло за тело и стапала, правам редовен пилинг и педикир. Сакам да напоменам дека НИКОГАШ не заспивам со шминка, пред и по шминкање го хидрирам и чистам лицето, и користам чисти алати за шминкање. Хигиената во шминкањето најчесто е пресуден фактор во одржување на здрава и чиста кожа. Исто така, се трудам да пијам вода најмногу што можам. Доколку се шминкам, преку ден користам серум – пудра со мала покривност, а за вечерна варијанта одам со фул фејс.
* Со какви препарати го негувате лицето?
- Во претходното прашање го одговорив и ова, бидејќи самиот ритуал се содржи во конкретен редослед на препарати. Тоа што е важно е дека навистина огромен дел од животот посветувам на нега и имам пробано различни брендови на козметика и на тој начин дознав што ѝ одговара на мојата кожа. Треба да сфатиме дека негата за кожата е всушност грижа за здравјето, и треба да се информираме и вложиме околу тоа. Скапиот препарат не значи дека продуктот е добар, некогаш „лекот е пет пари“ и апсолутно е важно да се чисти и хидрира кожата секој ден, да се користи заштитен фактор и редовно да се пие вода. Не треба да имаме огромен буџет за здрава кожа, доволно е само да се стекне навика.
* Посетувате ли козметички салони?
- Освен што израснав во козметички салон, сакам отворено да кажам дека посетувам и други, бидејќи денес навистина може да се пробаат различни методи. Апсолутно е важно да се посетува козметичар и да се вложи, ако не редовно, барем од време на време во третмани на тело и лице, дали е тоа слабеење, детоксикација, некакво чистење или третмани против стареење. Всушност важно е со третмани да се почне од адолесценција, за да му се овозможи на телото здрав и стабилен метаболизам, и фактот што постојат различни салони и цени за секој џеб е добра вест. Сакам да кажам дека за нега нема изговор, исто како што мора да одиме на стоматолог, треба да сфатиме дека посетата на салон е грижа за здравјето.
* Кои производи ги употребувате за нега на коса?
- Користам шампон кој е по „лесен“ за скалпот, го користам само во коренот и веднаш го измивам, користам маска или кондиционер за врвовите, спреј за расчешлување и заштита од топлина, капки за омекнување и бидејќи редовно ја бојадисувам косата, гледам тоа да биде со боја без амонијак и користам препарати на природна база за зајакнување на коренот. Негата за косата ми стана нормална од кога целосно ја изгорев, некои лекции се учат на тежок начин.
* Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка?
- Кога се работи за шминка, тоа е моето поле на кулминација и нема шминка што ја немам носено. Значи, задоволство наоѓам во крема и маскара, но и во целосен мејкап. Она што е карактеристично за мене е тоа дека кога шминкам, ги истакнувам сите убави црти на лицето, подеднакво ги истакнувам очите и устата, но не значи дека целосно сакам да покријам недостатоци. Сметам дека е добро да ,,ѕирка’’ нешто несовршено, тоа е личниот печат. На пример, немам проблем ако подочниците не ми се целосно покриени.
* Кои се вашите омилени козметички производи?
- Масло за кожа, парфимирано млеко за тело, парфем, маски за лице, фактор за сонце, пилинг за тело и лице.
* Што носите секогаш во вашиот несесер?
- Не носам несесер, но обично во мојата торба во која можат да се најдат тајните на светот, имам резерва кармин, камена пудра, фактор за лице, дезодоранс, парфем. Мешано или заедно, зависи каде одам или што правам.
* Омилен парфем?
- Сега за сега имам два фаворити - „Rici Rici by Nina Ricci“ и „Idole Lancome“.
* Како ја одржувате линијата?
- Третмани на тело – масажи, криолиза, пресотерапија, сауна, и веќе 4-5 години гледам редовно да одам на тренинг. Во принцип сум физички активна личност со брз метаболизам, не сметам дека имам совршена линија но исто така не сметам дека тоа постои, и тврдам дека на телото му се потребни физичка активност и третмани. Телото е храм и мора да се одржува.
Наталија Миланова