ПРЕД ОГЛЕДАЛО со Марија Петровска: Црниот „ајлајнер“ и високите потпетици се мој заштитен знак
Во Македонија остана запаметена како една од најзабавните новинарки од естрадната сцена, а во Словенија успешно продолжи да плива во медиумскиот свет како продуцентка во „Radio Fantasy“ и асистентка на директорката на заводот за култура во Марибор. Тетовчанката Марија Петровска секогаш знае како да изгледа беспрекорно, а нејзините ритуали за убавина ги открива за Женски Магазин.
* Каков е Вашиот дневен козметички ритуал?
- Едноставен и краток Поради работните обврски кои започнуваат доста рано, немам многу време за козметични ритуали. Моите утрински подготовки во целост (лична хигиена, туш, шминка, фризура) не траат подолго од 15 – 20 минути.
Секое утро задолжително го мијам лицето со ладна вода. Освен што и годи на мојата кожа, ладната вода најбрзо ме расонува. Следи хидратантна крема и дискретна дневна шминка која секогаш започнува со „Artdeco camouflage cream“, а завршува со класичен црн ајлајнер и маскара. Оние кои ме познаваат знаат да кажат дека црниот „ајлајнер“ и високите потпетици се мој заштитен знак.
* Со какви препарати го негувате лицето?
- Посебни препарати за лице и маски не користам, на третман за лице не сум била никогаш... Единствено правило кое го почитувам е тоа, да не легнувам со шминка. Колку и да сум уморна, колку и да е доцна, задолжително го чистам лицето и потоа нанесувам класична Nivea крема.
* Посетувате ли козметички салони?
- Единствено за депилација, маникир и педикир.
* Кои производи ги употребувате за нега на коса?
- Отсекогаш сум сакала долга коса, а таа бара посебна нега. Затоа еднаш неделно одам на третмани во салон. Внимавам да не ја мијам косата пречесто и да не употребувам моќни шампони. Последниве неколку години дополнително ја оштетив бидејќи константно имам омбре или балајаж, со исклучок на еден експеримент кога преку ноќ се одлучив за шишки и темна коса. Потег што од оваа перспектива можам да го окарактеризирам како грешка со големо Г. Тие што имале шишки знаат која мака е додека повторно да пораснат.
Во Македонија за се поврзано со мојата фризура и шминка се грижеше Бобан Тодоровски, но кога се преселив во Словенија бев приморана да најдам нов тим. Потрагата по добар фризер беше, благо кажано, мачен и долг процес. Конечно, после две и пол години, можам да кажам дека сум навистина среќна што ги најдов Рок и Фризотека. Благодарение на нив, единствениот препарат кој го употребувам дома е шампон и балзам за неутрализирање на жолтите тонови. За се останато се грижат тие.
* Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка?
- Обично се трудам да го прикријам уморот, а да ги истакнам очите. Многу ретко се одлучувам да експериментирам со интензивен кармин. Речиси никогаш. Да бидам искрена, порано бев посмела во однос на шминката, комбинирав нијанси, си играв со различни бои, обожував „смоуки ајс“.... Сега преферирам дискретна шминка, дури и кога станува збор за вечерни излегувања.
* Кои се Вашите омилени козметички производи?
- На прво место „Artdeco camouflage cream“, потоа десет места празни па се останато. Не сум личност што се врзува само на еден бренд. Во мојот несесер е, благо кажано, шаренолико. Користам течна пудра на „L'Oreal“, камена на „Max Factor“, руменилото па ми е „Burjois“...
* Што носите секогаш во Вашиот несесер?
- Горспоменатиот омилен производ на „Artdeco“ и течен кармин или лабело.
* Омилен парфем?
- „Hugo Boss Femme“. Го користам веќе 10 години и не ми паѓа на памет да го заменам.
* Како ја одржувате линијата?
- Тешко. Отсекогаш сум била гурман, а сега ја имам и таа слатка мака, да живеам со човек кој одлично готви... така што навистина не ми е лесно.
Шегата на страна, веројатно мојот најголем проблем е тоа што јас никогаш не сум пренајадена, јадам се додека гледам храна. Затоа една од работите кои најмногу ми недостигаат од Македонија е мезењето. Тој ритуал на уживање во добро друштво и добра храна кој трае и трае... Словенците не знаат што е тоа мезе. Тука салатата се служи заедно со главното јадење и ниту еден оброк не трае повеќе од 30 минути. Затоа па возењето велосипед трае со часови. Исклучително спортска нација се, сите возат велосипед, пешачат, планинарат... Наместо во кафеана се дружат во природа. Несвесно почнав и јас да ги прифаќам нивните навики.
Па уште една многу важна работа која ми помага во одржувањето на линијата - речиси воопшто не јадам благо. До тој степен „не сум по благото“ што кога сум била малечка не сум сакала ниту да ја пробам сопствената роденденска торта. И ден денес е така.
Даница Караташова