Пред огледало со Мијата: Се шминкам по пат накај работа

Добивај вести на Viber

Кантавторката Наташа Крстевска- Мијата, која лани во ноември одржа впечатлив концерт во Македонската Филхрамонија со проектот „Јаболки и круши за уметнички души“, ни ги раскажа своите ритуали за убавина. Мијата долги години работи како контролор на летање на скопскиот Аеродром, мајка е на Никита и на Калин и со оглед на динамичниот ден и работата во смени, има практични навики за лична нега.   

* Каков е Вашиот дневен козметички ритуал?

- Мијам заби, лице, ставам рол-он под пазувите најчесто некој за сензитивна кожа што мириса на бебешка пудра, ставам крема за лице, правам фризура и излегувам за на работа. Во кола се шминкам дур возам бидејќи имам половина час возење додека да стасам на работното место. Таа шминка се состои од подлога - течна пудра, руж, кармин и маскара, што ми дава минималистички дневен изглед а ги постигнува целите на прикривање на заморот.

* Со какви препарати го негувате лицето?

- Периодов користам крема за лице на L'Oreal Anti age 35+ преку ден,a навечер ставам Cera di cupra за суво лице. Претходнo подолго време користев домашна козметика на Алкалоид - SATTWA. Особено голем фаворит ми беше нивната крема со овошни киселини. Составот на кожата драстично ми се промени после бременостите. Порано сум можела со денови да не ставам крема за лице, а сега толку ми е сува кожата што повремено морам и бебешка мрсна помада да ставам за да го нахранам.

* Посетувате ли козметички салони?

- Козметички салони користам само за депилација и надградба на нокти. Не сум љубител на третмани на тело затоа што одземаат повеќе време. Мојот карактер е таков што попрво би го поминала времето во теретана или на планина отколку да лежам и да ме третираат во козметички салон. Во минатото сум пробала и едноставно не се пронаоѓам во тоа. Исто така во раните дваесети години имав многу проблематична кожа на лицето и бев приморана доста време да поминувам на козметички третмани на лице кои ми беа многу болни. Среќа сето тоа е сега позади мене.

* Кои производи ги употребувате за нега на коса?

- Користам шампон и регенeратор на ORZENE на база на пиво, а од марката LAKME користам прелив за тонирање на шатиранатa косa. Пред сушење ја прскам со Revlon Professional UniqONE, а на крајот ја обликувам со брилијант крема на SUBRINA.

* Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка?

- Шминката е магија која ми помага да се трансформирам надворешно онака како што се чувствувам. Генерално сакам да се шминкам а особено за настап - тогаш ми е вистински предизвик. Одам и на професионални шминкери, но се трудам и самата да експериментирам. Најчесто голем акцент ставам на контурите кога ги исцртувам затоа што со нив успевам да ги намалам образите, да го истенчам носот. А среќна сум кога ќе успеам да ги истакнам очите и веѓите во шминкањето.

* Кои се Вашите омилени козметички производи?

- Имам нова течна пудра која има четка за нанесување на самата туба и ми е апсолутен фаворит. Станува збор за Bourjois Brush foundation. Долги години сум лојална на руменилата на FLORMAR, а маскара сега користам на MaxFactor. Производи за исцртување на контури на Golden Rose, а кармин на MAC и сјај за уста на Malena.

* Што носите секогаш во Вашиот несесер?

- Кармин, руж и четка за руж, маскара и пудра.

* Омилен парфем?

- Конечно можам да кажам дека си го пронајдов „мојот“ парфем. Станува збор за парфемот THIS IS HER на ZADIG&VOLTAIRE. Го помирисав за прв пат на Малта минатата година а веќе го има и кај нас во пaрфимериите на Cosmo.

* Како ја одржувате линијата?

Со помош на сите нутриционисти и тренери во градот. Не постои режим на исхрана кој не сум го практикувала и така мора да биде зошто со мојот метаболизам и автоимун тироидит до сега ќе имав буквално преку двеста кила.

Милица Џаровска