Пред огледало со Сања Савеска: Си се лажам дека од први ќе почнам да вежбам
Со нејзината насмевка и позитивна енерија, водителката Сања Савеска секое утро ги буди гледачите на Тв „24“, во Утринската програма „Македонија денес“. Шармантната водителка вели дека поради работата на телевизија, на нејзиното лице му се случува тортура од шминка, па приватно сака природен изглед. Сања ни откри уште неколку нејзини интересни ритуали за убавина.
Kаков е Вашиот дневен козметички ритуал?
Секое утро поради утринската емисија „Македонија денес“ ,која ја водам секој работен ден, на моето лице му се случува тортура од шминка, но телевизијата тоа го бара и е составен дел од работата. Среќна околност за моето лице е што речиси до мојата 30та година нанесував многу малку и многу ретко шминка, па денес немам некои поголеми проблеми со кожата на лицето. Се трудам темелно да ја отстранам шминката и да никогаш кога немам потреба не нанесувам тешка пудра, а како замена користам ВВ Cream на Garnier. Студена вода наутро е мое вистинско решение за будење на кожата и телото.
Со какви препарати го негувате лицето?
Не сум зависна од одредена козметичка линија, но за да ја сочувам еластичноста и свежината на кожата и да го забавам процесот на стареење сакам тоа да биде квалитетна медицинска козметика, дерматолошки тестирана и да одговара на мојот тип на кожа, хијалуронската дневна крема на Еуцерин е мој дневен избор, а денот го завршувам со, Hyaluron-Filler ноќниот пилинг и серум кој совршено ми одговара и не легнувам да спијам без да го нанесам на претходно исчистено лице.
Повремено нанесувам маска од зелена глина на лицето.
Посетувате ли козметички салони?
Многу ретко за третмани за лице и тело, а редовно за депилација, маникир и педикир.
Кои производи ги употребувате за нега на коса?
Долгата коса е нешто од секогаш сум го сакала, но природно долга, здрава и сјајна, не сакам екстензии, и повеќе ценам природно кратка отколку вештачки долга коса. Среќна сум што конечно најдов производи кои одговараат на мојата коса, која е секојдневно изложена на фенирање, пеглање и пречесто миење, со Fanola Oro Therapy го вратив сјајот на мојата коса и успеав да ја добијам посакуваната должина.
Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка?
Подочниците од недоволното спиење се мој проблем кој сакам да го прикријам, а да ги истакнам очите, затоа што тие се огледалото на душата, и кога се во комбинација со искрена насмевка е тоа е добитна комбинација за совршен изглед.
Кои се Вашите омилени козметички производи?
Absolute Matte кармините на АURA, MAC маскара, руменило на Bourgois и BB cream на Garnier.
Што носите секогаш во Вашиот несесер?
Секогаш имам крема за раце и кармин.
Омилен парфем?
Burberry - HER
Како ја одржувате линијата?
Со лажни ветувања дека од 1ви ќе почнам да вежбам. Не сум редовна во вежбањето, особено не во зимскиот период, а кога е потопло времето мој избор е Водно, тоа ми годи и за умот и за телото подеднакво, додека во однос на исхраната, благодарна сум и на др. Драгица Зенделовска, нутриционист, која ми даде препораки како да се хранам по генотип и оттогаш се чуствувам многу подобро и поенергично.
Милица Џаровска