ПРЕД ОГЛЕДАЛО со Вера од Љубојна: Чистиот воздух кој го немаме е основен фактор за свежо лице и кожа
Вера Милошевска- Јосифовска од „Љубојна“ е жена која има свој изграден стил и секогаш внимава на својот изглед. Претпознатлива по насмевката и секогаш специфичната фризура, Вера ни раскажува за своите тајни и ритуали за убавина, пред нашето огледало.
* Каков е Вашиот дневен козметички ритуал?
- Толку убаво ми звучи и уживам кога можам да си го овозможам. Но бидејќи денот ми почнува брзо и енергично и така со ист интензитет сè до вечер, и покрај моите амбиции, воглавно мојот дневен козметички ритуал е минималистички. Чисто лице е приоритет, сабајле и навечер, маска еднаш неделно, многу вода, супи и чаеви и минимална употреба на шминка.
* Со какви препарати го негувате лицето?
- Мислам дека сонот и чистиот воздух (кој патем го немаме) се основен фактор за свежо лице и кожа, како и внатрешната хидратација. Преферирам поблаги козметички линии како таа на „Хербалајф“, „Хаушка“ и „Виши“, а често користам и беби масла. Инаку маската од нане и глина на „Хербалајф“ е "д бест"!
* Посетувате ли козметички салони?
- Козметичките третмани ми се вистинска терапија - не само што ме освежуваат, туку и самиот човечки допир ми прави внатрешен баланс, кој ми е повеќе од потребен. Супер среќна сум што имам несебична поддршка од Даниела Бошковска, сопственичката на „Energi Studio“, каде што се грижат за мене на тој начин и го прават тоа со многу љубов.
* Кои производи ги употребувате за нега на коса?
- Обожувам да експериментирам со косата и често менувам боја и форми, а тоа највешто го прави Грациела Марк и целиот тим на „Panache“, во чии што раце е доверен мојот стајлинг и грижа за косата. Во меѓувреме знам одвреме-навреме да подготвам некоја домашна маска, но пред се користам благи шампони, често и бебешки, во комбинација со аргановото масло на „Dicson“.
* Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка?
- Секојдневно користам многу малку шминка, што значи малку интервенирам во изгледот. А и такви очи имам што кога се тажни ме издаваат и шминка не ме покрива. Од Елена Арсовска, мојот стилист за шминка, научив како да ги истакнувам моите природни црти, така што сакам свеж изглед и истакнати, не замаскирани со шминка, очи и усни.
* Кои се Вашите омилени козметички производи?
- „Elizabeth Arden“ крем за тело од портокал и зелен чај, масло за тело од „Nivea“, путер за тело од јасмин на „The Body Shop“, руменило „Deborah“, течна пудра „Healthy Mix“ на „Bourjois“, сенките на „Аrt Deco“...
* Што носите секогаш во Вашиот несесер?
- Обеткииии, „Deborah“ 2 во 1 сјај/кармин, крем сјајно руменило „Avon“, маскара на „Maybelline“, течна пудра „Bourjois“ и се што по инспирација ќе ми притреба или ќе ми се бендиса.
* Омилен парфем?
- Сезонава ми се „Moschino - Funny“, „Calvin Klein - 2U“, „Karl Lagerfield - Private Club“ и „Versace - Yellow Diamond“. А тоалетната вода „Green Tea“ на Elizabeth Arden ми е секојдневна „ароматерапија" за почеток на денот.
* Како ја одржувате линијата?
- Периодиочно со вежбање и здрава исхрана, многу течности, а периодично истото, само количински дуплирано и без вежбање, некој пат и со малку винце. Бога ми, солидно ја одржувам вака или онака. Сепак неизоставни ми се безкофеинското кафе, напивките од алое вера и многу вода.
Даница Караташова
Фото: Самир Љума, Боби Дојчиновски, Владимир Чочоровски, Тео