Предизвикот на стареењето
Сте приметиле колку песни има за младоста? Опеана, повикувана да се врати назад, носталгично барана низ спомените. Но што правиме со она што веќе одминало и не се враќа повеќе? Зошто никому не му текнало да напише или испее песна за стареењето, но од сосем друг агол. Оти ја одбегнуваме темата која сакале или не, на сите ни клука во умовите. Стареењето е најчесто врзано со страв и тоа оној најнеубавиот од сите стравови (синкир има убави стравови), а тоа е немоќта. Часописите се преполни со младост, свежи и оптегнати лица, беспрекорни тела. Просто да ти се снеможи од сета таа енергија, која само не’ потсеќа дека годините минале кога сме изгледале како од магазин. Тврдам дека староста може да биде исто толку убава како и младоста. Впрочем, младоста е од многу аспекти преценета. Да, имаме ликови и тела со гради и задници кои пркосат на гравитацијата, енергијата е поинаква, ама и мудроста, односно нејзиното присуство или отсуство.
Не сум истата од порано кога можев сиот свет да го носам на плеќи и збор да не изустам дека ми е тешко или дека сум уморна. Првото соочување со уморот и фактот дека умот може да ми поднесе многу повеќе отколку телото, ме шокираа. Како да не бев јас-јас. Како може телово да ме издаде кога солидно се грижев за него? Зошто ми треба одмор кога вообичаено издржував се’? Предавството на моите 173 см и 62 кг, ги сфатив како низок удар. Отпрво се форсирав до граница на тоа да ми откажат рацете и нозете, додека не се помирив дека сепак навлегувањето во петтата деценија од животот си носи промени кои или ќе ги почитувам и прифатам, или ќе си навлечам некоја болест. Го намалив темпото. Умот го користам уште 200 на час, пишувам, читам, си наоѓам милион обврски, претежно кои ме држат и психички здрава (колку-толку). Од друга страна, учам да си дадам одмор кога ќе почувствувам дека претерувам. Тој баланс не ми беше ич лесен. Тоа ми дојде ко да кревам бело знаме и признавам дека стареам. Јас? Јас да стареам?! Ма не е можно (како ми оди со сарказмов?). Е па, драги мои, стареам. И да ви кажам искрено, уште не ми се познава на ликот или во обликот на телото. Научив што ми сака телото, каква храна ми е најпотребна за да имам сила, а најважно, научив што не ми треба.
Во овие години подеднакво е корисно човек да знае што му прија, а уште повеќе што му е отповеќе. Стресовите се секогаш тука, дали од работа, приватен живот, здравје. Но, мудроста на годините е веќе да имаме начин како тоа да се амортизира барем доволно за да нема трајни последици. Особено, мудрост треба кога човек мора да се помири со физичкиот аспект на она што го гледа во огледалото. А да се разбереме, она што ни се пласира по медиумите ич не ни е во корист од оваа гледна точка. Форсирањето на лица кои се нереално чисти и негувани, фотошопирани тела, насмевки од милион долари. Да, еве јас знам дека не постои таква совршеност и дека секоја жена се бори со брчки, целулит, сало, свиснати гради, стомак кој после 2 породувања не може да изгледа мазно. Знам дека косата ако не ја бојосам на две недели, има шанси да уплашам некого на сред улица и дека една неспана ноќ може да ме изгужва ко кошула ставена на центрифуга. Знам дека е нереално да било која од нас се грижи дека годините ја навјасуваат, ама тоа е толку многу присутно кај нас. А во денешно време, некои работи стануваат многу достапни и лесни. Стави си ботокс, филери, затегни овде-онде, липосукција и тадаааааааам. Но, проблемот е малку посуштински отколку еднократно решение да се посетат сите можни салони за убавина или естетски корекции.
Зошто таа несигурност? Зарем неповратно исчезна она дека секое доба си носи своја убавина? Еве, можам да затегнам лице, да немам брчки околу очите, ама што да им правам на рацеве. Ко Федора да шетам со ракавици, оти има делови од телото за кои се’ уште нема решение како да се подмладат. Одбивам да бидам роб на младешкиот изглед. Едноставно така, одбивам. Немам ниту време, ниту ја сакам таа зависност. Да не ме разберете погрешно, не сум против корекции. Напротив, за се’ сум што ќе ве направи да се чувствувате ментално ок со себе. Муабетот ми е дека истото може да се направи и без пластика. Да е човек ок и да се чувствува добро во сопствената кожа (каква и да е таа, затегната или опуштена) е најголемата мудрост и придобивка во живеењето. Самоувереноста не доаѓа со мазното лице и полните усни. Не сум толерантна на болка. Кога бев бремена, желба ми беше да се породам по природен пат. Ај што не можев поради здравствени причини, туку кога почнаа контракциите, го зграпчив докторот за рака и му реков “ставај нешто против болки, оти ја демолирав болницава”. Толку од мојата храброст за да биде “трпи бабо за убајна”. Не сакам да трпам болка, најмалку за да си го лажам умот дека вештачката младост ќе ми донесе среќа.
Сакам да стареам. Сакам да ја имам таа привилегија да бидам побелена во косава (иако сум уште суетна, па се фарбам) и да доживеам внуци да чувам. Сакам да ги носам годините достоинствено и да сум спокојна дека е тоа процес кој многумина немаат можност да ја имаат. Да, ме плаши немоќта дека физички нема да можам да сум истата, ама и тоа се решава. Налет младост со сила, ако живеам во страв. Оптеретувањето само може да одмогне и да создаде несигурност. Баш гледав фотографии со жени модели на свои 60+. Убавина која е најмалку мерлива со мермерно бела и мазна кожа. Грациозност која доаѓа однатре и која се гледа по држењето и ставот. Без стравови, без опседнатост за нереална слика за себе.
Да се живее она што го носат годините бара храброст и сакање себе. Верувам драги мои дами, дека го имате и едното и другото. Убави сте не заради изгледот, туку заради она што го имате и носите во себе. Тоа ви се гледа на лицата, само тоа и ништо повеќе. Веќе имам кажано дека секоја жена која дише со љубов во себе и е задоволна, нема шанси да е грда. Грдотијата доаѓа од карактерот и излегува на површина. Носете си ги годините со радост и уживајте во секоја една. Не бидете несреќни ако некому не сте му како оние, од магазините. Бидете сопствен судија за тоа како ќе изгледате, дури и ако одлучите да легнете под нож. Не го правете тоа за некој, туку за себе. Ставете ботокс, ставете филер, ма ставете се’ што ви сака душата, ама само ако тоа вам ви треба за да блескате. Не поради трка со времето, оти времето е безмилосно. Да сте ми живи и здрави и памтете, убави сте онолку колку што вие ќе одлучите. Не годините, туку вие.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Ме уплаши староста
Како страшило под кревет на дете
Кое се појавува само ноќе
Кога сите ќе заспијат
Не сакав да ти остарам
Да се видам побелена во твоите очи
Полна линии по лицето
И со старечки пеги на рацеве
Ме уплаши таа подмолна старост
Која помоќна и од смртта беше
Оти неосетно идеше
Та ако зборуваме за гревови
Ете
Тоа ми е гревот
Што сакав млада да ти бидам
Не да сум ти убава
Туку млада да ти останам
Легнував со грутка во срцето
Дали денот нова бразда ќе ми донесе
Скарана со времето
Лута на кревкоста на моево истрошено срце
Сакав млада да ти бидам
Како оние, другите
Кои окото ти го заробуваа
Чии лица светеа со сиот сјај на младоста
Се опседнав
Се поболев
Сите ѕидови со огледала ги покрив
Небаре човек од одразот во себе
Имал среќа да избега
Не сакав да ти остарам
Мислев така ќе те усреќам
Дека така ќе можеш да ме љубиш
Ако веќе поинаку не ме засака
“Не госпоѓо! Не може уште еден зафат
лицето ви е премногу затегнато
нема да можете да се насмевнете
ниту пак да зборувате”
Проклети доктори!
Што знаат тие за љубовта
Не сакам да се насмевнувам
Ниту да зборувам сакам
Сакам да сум млада за него!
Сакам да ме сака, ми вреска во умот
Сакам да не се плашам повеќе
Да сум раат кога ќе ги спомне оние, другите
Да се перчам со лицево
Кое веќе не го препознавам
И не ми е мака што сум несреќна
Ниту што солзиве наместо по кожа
Како по мермер лијат
Не ми е грижа што месото што го допирам
Како туѓо ми е
Оти и онака се’ што имав мое
Замина неповратно
Не сакав да ти остарам
Сакав само да ме сакаш
Сакав млада да ти останам
Како оние
Знаеш?
Оние за кои љубовта ми ја продаде
Како половна облека
Која никој повеќе не ја носи
Ама покрај тебе
Душата
Душата ми остаре