Премиерката Џасинда Ардерн соопшти: Бесплатни вакцини за населението во цел Нов Зеланд
фото:JOHN CAIRNS / TANJUG/AP
Нов Зеланд бесплатно ќе го вакцинира целото население, а вакцинацијата е предвидено да заврши до средината на следната година, објави денеска премиерката Џасинда Ардерн.
Владата соопшти дека обезбедила доволно вакцини за сите 5 милиони жители, а биле потпишани договори со фармацевтските компании АстраЗенека и Новавакс.
Договорите обезбедуваат 7,6 милиони дози на AstraZeneca и 10,72 милиони Novavax, што е доволно за повеќе од 9 милиони луѓе, имајќи предвид дека и двете вакцини се даваат во две дози, пренесува Ројтерс.
„Тоа ќе биде најголемата имунизација во историјата на Нов Зеланд“, рече Ардерн на прес-конференција.
Таа објасни дека во првата половина на годината граничните службеници и припадниците на спасувачките служби ќе бидат вакцинирани, а во втората половина сите жители.
Датумите за вакцинација, сепак, не можат да се гарантираат со оглед на високата побарувачка за вакцини, особено во земјите кои се борат со голем број на заразени и починати лица.
Нов Зеланд е меѓу ретките земји кои успеаја да го потиснат ширењето на коронавирусот.
Досега во земјава се заразени само 1.744 лица, од кои 25 починаа.
извор:republika.rs