Преполна сала и бран од емоции: Шерифовиќ го започна проектот „Друга страна плоче 2”

Вечерва уште еднаш
Марија Шерифовиќ докажа и покажа зошто важи за една од најдобрите пејачки на
Балканот. “Сава Центар” во Белград беше местото на кое го потврди ова. Во преполната
сала го започна продолжението на проектот “Друга страна плоче”, а истиот ќе
може да се слушне и доживее уште барем три пати овој месец.
Не се појави на сцена веднаш на првите тактови, туку влезе низ партерот каде се поздрави со неколку љубители на нејзината музика. Не ги одмина ниту нејзината мајка, Верица Шерифовиќ и пејачката Јелена Карлеуша, кои седеа во првите редови.
Ова музичко патување го започна со песната “Can’t stop the feeling” од Џастин Тимберлејк, а потоа следуваа песни од Бруно Марс, Кристина Агилера, Лејди Гага, Стинг… Најголемиот аплауз, заедно со стоечките овации го доби на изведбата на “Je T’aime” од Лара Фабиан.
Не ги одмина ниту хитовите на нашиот Тоше Проески, Оливер Драгоевиќ, Здравко Чолиќ, а отпеа и неколку народни песни, меѓу кои се најде и безвременската “Жуте дуње”.
На самиот крај отпеа и неколку од своите хитови, но им ја отстапи и сцената на бек вокалите, кои ја отпеаа најавната песна од серијата “Пријатели” на која таа скокаше и играше како мало дете во буквална смисла на зборот.
Концеротот заврши со ветување дека следната година на истиот датум повторно ќе се дружи со својата верна публика и дека нема да дозволи овој проект да згасне, бидејќи посебно ја радува.
Ивана Мисајловска