ПРЕПОРАКА ОД Д-Р ИВАН ТРАЈКОВ, КАРДИОЛОГ ВО „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“: Откажете се од цигарите уште денес

Добивај вести на Viber

Никотинот го намалува производството на хормоните потребни во текот на бременоста. Исто така го забавува или спречува транспортирањето на јајце-клетката низ јајцеводот до матката, појаснува тој

Светската здравствена организација (СЗО) денеска го одбележува Светскиот ден за борба против пушење. Секоја година на 31 мај се истакнуваат здравствените ризици поврзани со употребата на тутунот и се промовираат ефективни политики.

Д-р Иван Трајков, кардиолог од клиничката болница „Аџибадем Систина“ нагласува дека пушењето цигари е одговорно за околу една петтина од сите смртни случаи предизвикани од срцеви болести.

- Пушачите  четири пати имаат поголем ризик да добијат болести на кардиоваскуларниот систем и околу 70 проценти повисок ризик од смртност како последица на болестите на срцето и крвните садови во споредба со непушачите. Пушењето е главен ризик фактор за појава на  рак на белите дробови – објаснува тој.

Д-р Трајков вели дека пушењето цигари е исто штетно кај мажите и кај жените. Појаснува дека кај жените никотинот го намалува производството на хормоните потребни во текот на бременоста.

- Никотинот исто така го забавува или спречува транспортирањето на јајце-клетката низ јајцеводот до матката. Бремените жени кои пушат имаат поголема веројатност да родат бебиња со мала тежина и се зголемува ризикот од синдром на ненадејна смрт кај бебињата. Постои врска помеѓу пушењето и ракот на матката – колку е поголем бројот на испушени цигари, толку е поголема веројатноста за појава на развој на рак на матката. Пушењето, исто така, е поврзано со хуман папилома вирусната инфекција  - вели тој.

Ѓ.С.