Примабалерината Мијалкова горда на своите врвни ученици: Денес тие ќе блескаат во Торино

Добивај вести на Viber

На покана на Fondazione Egri per la Danza, балетските солисти од Националната опера и балет, Христина Наќевска и Балаж Лочеи (Унгарија) ќе настапат денес на Гала балетски концерт во Торино, Р. Италија , по повод Светскиот ден на танцот. Ќе се претстават со pas de deux од балетската претстава „Дон Кихот“. Репетитор е Александра Мијалкова. Имавме можност да поразговараме со примабалерината Мијалкова, која зад себе има завидна кариера, а сега несебично се дава целосно за да ги научи младите кадри.

Pas de deux од балетот “ Дон Кихот “ e нивната точка. Изборот да го играат тоа е бидејќи е атрактивно, бара техничка и физичка подготвеност, за нив е голем предизвик. Често го играат светските балетски зведи на концерти во целиот свет- вели Александра. 

* Колку е тешко да се биде добар учител? Велат дека посебноста е во трпението, страста, несебичноста...

- Да се биде педагог или репетитор навистина не е едноставна работа, особено ако се посветиш професионално, вложиш голема енергија за да го извлечеш максимумот од секој поединец со кој што работиш. Всушност посебноста е во тоа што сите балетски уметници не се исти, туку се различни со свои индивидуалности, а како педагог треба да имаш посебен пристап кон секого, да има резултат на крајот. Најважна од се е меѓусебната доверба помеѓу балетскиот уметник и репетиторот, ако таа не постои не може воопшто да се функционира..

Како балетски уметник сум перфекциониста и многу професионална,  се стремам кон совршеното, а тоа всушност е и целта на нашата работа. Така работам и како педагог поставувам високи цели кај секој балетски играч за да има напредок, да има добар резултат и сите да бидеме задоволни. 

* Вие вашето ценето знаење и техники ги пренесувате и на двајца млади кои ќе не претставуваат во Торино. Какви се тие по табиет, сензибилитет и впивање на знаење и начин на изведба?

- Работам како репетитор веќе три години со првенците и солистите на македонскиот балет, и им го пренесувам целото свое 30 годишно искуство и знаење за да им помогнам и на некој начин олеснам полесно да се справат со тежината на оваа професија. Со Христина и Балаж работиме заедно со мојот колега Горан Божинов. Да бидам искрена кај нив двајца има голем подем и напредок во танцот, но има уште многу работа  да се доусовршат некои работи, за кои ние меѓусебно разговараме секој ден на пробите. Позитивно е тоа што и двајцата се трудољубиви и имаат голема желба за работа, едноставно не им е воопшто тешко една вежба и по десет пати да ја направат, не се жалат сакаат да работат. Различни се, но добро функционираат и најважно од се, секогаш ги применуваат забелешките кои што им ги даваме, а критиката ја примаат позитивно бидејќи знаат дека е искрена. Всушност целта е да бидат добри, а репетиторот задоволен. Радоста и среќата од добро одиграната претстава е взаемна, со желба за следни заеднички успеси.. 

* Што е пресудно за да се издржи во себереализирачкиот процес на сцената?

- Многу компоненти се важни да се издржи тежината на нашата работа. Покрај тоа што е потребно многу труд, посветеност и енергија во процесот на реализација на улогите во балетските претстави,  би рекла дека многу важна е и психичката подготвеност. Мораш да знаеш да се носиш со тежината на самата работа и кога е најтешко да не се откажеш. Секако,  во тој случај и педагогот има улога, да му помогне и да го насочи ученикот како да се справи во такви ситуации. 

* Дали двајцата имаат "хемија" при играњето и колку професионалната блискост е пресудна, пикрај талентот и работата?

- Најважно е да имаат меѓусебна почит, да работат во позитивна атмосфера, да си помагаат и да имаат разбирање еден со друг. На таков начин ке функционираат добро, а они тоа го имаат и задоволство е со нив да се работи 

Небојша Толески

Фото. МОБ