Прирачник за самољубов 3

Добивај вести на Viber

Продолжение на колумната

Буда вели,

Ти самиот, како било кој во Универзумот, ја заслужуваш твојата љубов и благонаклонетост.

Ганди вели,

Биди промената што сакаш да ја видиш во светот.

Сакај се себе си, промени го тоа што не го сакаш и започни одново онолку пати колку што е потребно за да си среќен.

Немој да мислите дека мене ми е лесно. Никому не му е лесно дечки, нит денес, нит било нит ќе биде лесно да се разјасниме. Јас самата знам како ми е секој ден, колку битки и на колку полиња водам, за да имам сопствен бренд, сопствен бизнис, да создадам, одржам и задржам. И се уште сум без сопствено семејство, кога ќе дојде и тоа станува уште потешко. И милион пати до сега паднав, и милион пати станав, и спремна сум да паѓам онолку колку што е потребно за да станам јака личност со цврст карактер. Животот на сите ни мава по една клоца и си тера по негово, само тие што се подготвени да шутнат назад, ќе живеат убав и богат живот. На дневно ниво се расправам со секакви ситуации и пречки кои ми го отежнуваат секојдневието. Секој ден се борам за сопствена подобра иднина и основа за семејство, за дом. И сите ние знаеме колку е тоа тешко на овие простори. Да, но да знаете дека секаде е така. Можеби пар закони во пар држави олеснуваат околности, но само за мало подсетување, народот е државата, ние сме тие кои ќе дефинираат каква е нашата иднина. И кога ќе го сфатиме тоа, кога ќе престанеме да го кривиме светот, семејството, мајката, таткото, системот, образованието, школството, здраството, политичарите, итн итн итн…. Тогаш кога ќе го вперите прстот во себе, и кога сета вина за тоа што го имате или немате ќе ја превземете самите вие, тогаш кога ќе престанете да се самосожалувате, да се споредувате со вам блиски и далечни, кога ќе ставите на кантар што сте направиле до овој момент за себе и оние кои ги сакате, е тек тогаш мили мои започнува вистинскиот процес на промена.

Мене ми требаа пет години за да сфатам дека јас сум главниот и одговорен уредник на мојот живот. Не мајка ми, не татко ми, не нивна карма, не судбински заговор, туку јас. Јас одлучувам за абсолутно се во мојот живот. Од тоа што и кога ќе доручкувам, до тоа кој ќе ми е партнер и пријател во животов, со кого ќе работам, кој ќе ме повреди, колку ќе ме повреди и како јас лично, самата јас, ќе се справам со одлуките во мојот живот.

Има една вистина која можеби малку предоцна ја сфатив. А можеби и само важи она непишано правило дека ти е дадено само тоа со кое можеш да се справиш.

Победи ја твојата најголема зависност и ќе можеш да го освоиш светот.

Во оној момент кога ќе добиеш целосна контрола на најголемата зависност која ја имаш, нема да постои препрека во твојот живот во било кое поле, што нема да можеш да ја поминеш. И ќе можеш да се соочиш со сите твои стравови, и ќе се ставиш во позиција на директно донесување на одлуки, без колебање, со целосно сносување на последиците. Во оној момент кога ќе ја победиш твојата зависност ќе ти се отвори врата кон твојот реален живот. И има едно чувство на неотповиклива победа, моќ и храброст која се активира во истиот момент кога ти стануваш комплетен сопственик на твоето тело.

Мојот смртен грев беше ненаститност. Го препишував до скоро на хедонизам, но со тоа само мислам се оправдував за кофата сладолед во два часот после полноќ изедена со вилушка како врвен фетиш. И си велев дека е ок да дојдеш после работа, со цел ден поминат на милијарда опции на кафиња, да изедеш даска со пршути и сирења за четворица сам, па уште и да си додадеш литро вино како за завршување на денот. Дека тежок ми е животот нели, морам да си најдам начин да си олеснам. па така вентилот на прејадување, препивање, неконтролирано и неограничено конзумирање на најопасната зависност на светот, си ја само дозволив, дека тешко ми е нели. Дека со тоа од утре се ќе е полесно.

Епа не е.

Ни утре а ни задутре. И опивање до бесвест, прејадување до лошење, јадење благо како да од утре почнува крајот на светот по не знам чив календар со оправдувањето дека знаеш слаба сум на благо, не ми оправи ни еден проблем. Баш напротив, слабоста на мојот карактер ме воведе во безбројни болни и безизлезни ситуации од кои сама со себе се вадев како со магично стапче и со исклучително многу среќа. А знаев да кажам дека ич ама ич немам среќа, дека не ми се местат мене коцки, дека се морам сама. Квалитетно паднав пред себе, и се дојдов до прекршен момент каде веќе не можам да се поднесам. Не можев да се гледам во огледало, не сакав ништо да облечам за да заличам на човек, не сакав да се соочам со себе.

Ќе повторам, животот е многу тежок. За сите нас на свој начин, но тежок. АМА, и проклето магичен кога ќе научиш да го живееш.

Откако ме тресна од земја реалноста во која јас се доведов, откако се ставив себе си пред свршен чин, решив да стопирам се. Абсолутно се.

Клучен момент во мојот живот одиграа патувањата во Кина. Видов одблиску поинаква култура, од овој аспект сега повисока, со поинаков принцип на живот и себе одржување. Жените во Кина, немаат целулит, немаат вишок килограми, немаат брчки, немаат стрии, немаат холестерол, висок крвен притисок. Јадат цел ден, по малку, од будење до два, три часа пред спиење. Јадат многу овошје и зеленчук најчесто термички минимално преработен, Месо во мали количини, обавезно супа, дури понекогаш до три пати на ден. Не јадат бел шеќер, туку кога ќе им опадне енергија џвакаат шеќерна репа, или ананас или мали пржени теста во кафен шеќер. Наместо леб, јадат ориз, секое јадење е поделено во неколку мали чинии од по 150/200 грама, со разноврсни готвени јадење. За нас мирисни и чудни, ама здрави и полни со витамини и минерали. Постојано нешто си поткаснуваат во текот на денот, по едно бомбонче од ѓумбир, мала чинија јагоди, портокал, банана… По едно. Постојано нешто работат, децата ги држат до себе, и успеваат се да одржат како треба. И насмеани се. Постојано се смеат, ги интересира се што е ново и поинакво и не судат.

Таму, се потсетив што значеше да живееш со многу малку, а да си исклучително среќен. Таму се сетив на цело мое детство поминато надвор на улица со семки за грицкање, без мобилни телефони, на пикниците на Матка со сендвич од дома, на одењето по гости и родендени со готвени јадења, на домашните торти што од едно парче три дена ти се лоши пошто има кило ореви и двеста јајца во неа, на скарите по викендици каде не постиравме по социјални медиуми кој колку изел, на еден убав богат живот полн со многу малку. И кога се сетив дека знам и јас да бидам среќна со една банана што ќе ја доручкувам, и ќе ме засити доволно за пред пладне да имам еден квалитетен оброк. Се сетив дека не сакам да дремам по плажи со шеќерни коктели во рака и да се сликам за инстаграм и фејсбук, туку дека сакам да патувам и од секое место кое што ќе го посетам да ја испробам локалната кујна. Дека мојот хедонизам е во вкусот и мирисот, не во количината. Дека смеам да претерам понекогаш ако баш е превкусна тортата, или пршутата или некој фабулозен мини оброк во ресторан со мишелинка, или лигњите во локална таверна во некој приморски град што ги служат со домашно вино, и некој магичен сос со лукче од газдарицата домашен рецепт што го пренесуваат од колено на колено. И ок е, да изедеш две порции од тие лигњи никој нема да ти пише рецка на зид за тоа. Ама веќе следниот ден врати му се на балансот кој ти ќе си го створиш за себе. По твои правила, со потреби на твоето тело, слушајќи се само себе.

Јас почнав од нула кога ме стрефи реалноста. Не верувам во религија и Бог, верувам во виша сила што според мене е насочена енергија и моќта на таа енергија да ти го промени животот. Па така, 2017 година на 5 Јануар, јас почнав да постам. Го препишав мојот пост на Велигденските, се на куп испаѓаше да постам три месеци, но на мој начин. Исфрлив производи од животинско потекло, риба задржав и комплетно исфрлив алкохол. Ветив дека ќе издржам, си ветив на себе. Малку така ми реагираа сите дека сум како чакната нели, и од оваа перспектива можеби и јас би судела, поговото ние нели генерацијава плод на транзиција која го преживеа милениумскиот вирус, со завет за пост за триесет годишна девојка баш и не е сеопшто прифатливо. Поготово не за неконвенционален, абсолутно нерелигиски поврзан пост. Но во сите списи за верба во Бог, во било која религија вели дека Бог е во самите нас, во одлуките кои ги спроведуваме, и начинот на кој правиме работите да бидат исправни. Па така во тие три месеци се свртев кон себе и личните приоритети. Непланирано, раскинав врска, изгубив пријател, и променив едно цело поглавје од мојот живот. Дојдов на нула. Што е најчудно, за ниту една одлука не се покајав, и за сите до една не се поколебав. Поодлучна не сум била никогаш, посилно Не немав доживеано до тогаш од себе. Вечерта на Велигден, испив половина чаша пиво и изедов две лажици руска со една кифличка, стандард нели, и доволно ми беше. Ако продолжев ќе ми се слошеше. А одеднаш не сакав да ми биде лошо, сакав да ми биде убаво и исполнето. Така продолжив. Полека и по свое. Престанав да пијам алкохол воопшто, решив комплетно да исфрлам бело брашно и бел шеќер од исхраната, но не како казна. Сфатив дека ако каснам кифли, или геврек или пита, отекувам. На алкохолот не научив да кажам стоп после една чаша и решив комплетно да го исфрлам. Ако изедам торта, или сладолед или колачи, тешко ми е. Моментално ми е убаво, ама после половина час ми е мака во стомакот. И решив за себе да направам промена на тоа што го внесувам во организмот. Јас инаку не пиев сокови, пиев вода, сега почнав дупло. Никогаш во живот не сум јадела овошје, сега дека го прекратив шеќерот почнав да јадам по кила и кила јагоди, грозје, цреши, праски… Ама и тоа претерување со тек на време си стави само граница до каде. Па од килограм грозје си намалив на грозд, од килограм јагоди на пола. Си се мести желудникот сам по тебе, си ти кажува телото само што му е, кај го повредуваш. Секој залак што ќе го внесете денес, ќе се впише во вашето тело, ќе остави печат. Прочитајте што јадеме, која намирница за што е. Дајте си време за себе и однос кон својот организам за да ви каже што му треба, што му фали. Како викаат, на бремена жена во 2 по полноќ и текнува дека и се јадат кисели краставички. Епа бремената жена е со распалени хормони, отворени се сите чакри на енергија и телото си го бара тоа што му е потребно за да прехрани уште едно тело што доаѓа.

Почнав да вежбам. Да се разбереме, станува збор за најголемата тронта што ја создала планетава, сум одела пешки во животов ама толку било. Мене да ми се спомнеше теретана, трчање или слично, ахам да важи. Бев еден од најголемите скептични г…јадци на таа тема, па дури и со подсмев, сеир и мрчење си возвраќав. Ама, после се поминато и после сите клетки во телото умртвени, сфатив дека морам, за себе.

Леле мајко, колку тоа мене ми беше страшно и тешко на почетокот. Знаев дека не го сакам тоа, дека сум била на милион и една опција за вежбање, што пилатеси, што фитнеси. Додека студирав одев на белиденс ама тоа не се важи, студиите ми беа во друга временска димензија, во стаклено звоно заштитена не се важат. Почнав дома на Орбитрек, најскапата закачалка, по пола саат колку да се деси нешто. Февруар, 2017 година решив да се зачленам во теретана. Почнав сама, со вежби кои ми ги дадоа од таму, и со мои вежби од интернет. Ако не можев да ја направам вежбата не се фрустрирав, едноставно не ја правев. Не купив скапа опрема, купив само квалитетни патики, инаку одев по стари маици и памучни хеланки. Ми беше гајле кој ме гледа и зошто. А да не се лажеме, набилданите цуцки и дечкичи и те како те меркаат со доза на осуда. И ич не ми беше гајле. Не бев Ивана Кнез во тој момент. Си бев Ивана отидена на вежбање. На трака можев да издржам две минути трчање. И си викав добро бе луѓево по саат што трчаат на што дроги се. Ама, не се откажав. Прво две минути, па за некое време пет, па десет… Па после неколку месеци сфатив дека тоа трчањето мозокот ми го опоравува, некако после трчање се е полесно и посвесно. Летото 2017 година ги истрчав првите пет километри на трака. Пуууу која среќа беше тоа. Сакав да се запишам на кикбокс ама некако не успеав да најдам соодветен тренер, но верувам дека и тоа ќе ми дојде на ред. Бидејќи сакам да го направам. Сега веќе почнав да внимавам на опремата за вежбање, сакам да е добра и да е соодветна за на тренинг. Не вежбам редовно за жал, но јас сум виновна за тоа. Не успевам да си го организирам времето, а знам дека можам. И не се казнувам себе за тоа, ќе си дојде момент каде ќе си ги наредам сите коцки и ќе вежбам секој ден, за себе ама. Многу е важно да почнете да ги правите работите за себе.