Продолжува агонијата на семејството Шумахер: Близок пријател апелира да престанат шпекулациите за здравствената состојба на шампионот

Добивај вести на Viber

Здравствената состојба на седумкратниот шампион на Формула 1 Михаел Шумахер кој пред 10 години се здоби со тешка повреда на главата при скијање на Алпите, сѐ уште се држи во тајност. Еден од ретките пријатели на Шумахер, кој има дозвола да го посетува, поранешниот претседател на Меѓународната автомобилска федерација Жан Тод, апелираше до јавноста да го остават семејството на мира особено неговата сопруга Корина.

- Потребно е да го оставите семејството, да престанете да ги притискате да откријат нешто повеќе, потребно е да се почитува нивната приватност и желбата на неговата сопруга и децата да се држи ситуацијата во „тајност“. Несреќата остави големи последици на целото семејство на Шумахер, изјави Тод за италијанските медиуми.

Тој додаде дека сите информации за шампионот се невистинити и дека никој не ја знае вистинската здравствена ситуација.

- Ги посетувам еднаш во месецот. Кој вели дека нешто знае за ситуацијата во која се наоѓа Шумахер? Верувајте ми, никој ништо не знае, изјави Тод.

Инаку, 77-годишниот Жан и Шумахер беа одлични соработници кога Тод беше извршен директор на Ферари, и токму под негово водство Михаел освои 5 светски титули по ред во периодот на 2000 и 2004 година.