Промоција на новата книга за возрасни на Владимир Лукаш „Гени, мени, сени (Потеклото на бабите)“

Добивај вести на Viber

Новата книга за возрасни на Владимир Лукаш „Гени, мени, сени (Потеклото на бабите)“, ќе биде промовирана на 07.02 (среда) во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“ на улица „Македонија“. Промоторка на романот ќе биде уредничката Оливера Ќорвезироска.

„Гени, мени, сени“ можеби не е роман каков што сме научиле да биде, но несомнено е роман каков што бара и раѓа нашето време. Фрагментарноста издигната на ниво на само една димензија од романескниот книжевен холограм, здружена со поетското и ликовното, со факциското и фикциското, ја овозможува жанровската преобразба на кусата проза (на микро план) во роман (на макро план). Ова е роман по мерка на новиот, љубопитен и отворен читател за флуидноста, и како авторска, но и како рецепциска стратегија, како можен поглед на светот, на зборот, на сликата, на бојата, на емоцијата, на мечтата трансформирана во нужност, на потребата трансформирана во стварност.

Како и секој холограм, и „Гени, мени, сени“, романескниот холограм на Владимир Лукаш, е тродимензионален и во буквална и во метафорична смисла. Во него има едночудо тројства: три поглавја; тријади од проза, поезија и цртежи; од фотографии, сеќавања и мечти; од слушам, гледам и додавам; од помнам, коригирам/конфабулирам и умножувам...

Поднасловот – Потеклото на бабите е мошне значаен. Не само затоа што е еден вид дескрипција на темата / на фокусот на романот, туку затоа што на него цврсто е потпрена приказната. Со тоа станува чудесно стабилен пред емоционалните налети и страшните животни ветришта на неколкуте главни ликови: Јас-раскажувачот, Таткото и Битната Жена скриена во родот (ТАА) како баба, како мајка, како љубовница, а најмногу од сè – како ЉУБОВ. 

Ова е весел роман за најтажното, смешен роман за најсериозното.


Владимир Лукаш (1978) е музичар, визуелен уметник и писател. „Гени, мени, сени (Потеклото на бабите“ е негова десетта книга. Претходно ги има објавено: „Мамурлаци“, „Се гледаме наскоро. Е.“, „Дедлајна, љубов моја“ (за возрасни); „Микромонографија на отпадниците од светот на анимираниот филм“ (артбук), „Ши, Ѕифри, Копчи“, „Поклони се и почни“, „Пу за Мите, пу за сите“, „Суштествијада“ (за деца) и „Радишански прелудиуми“ (минијатури за пијано). Има илустрирано повеќе книги, реализирано многу групни и самостојни изложби, автор е и на неколку анимирани филмови.

Промоцијата на книгата ќе се одржи во рамки на „Денови на литературата“ во Литература.мк која ќе се одржува во период од 06 до 20 февруари.
Книгата е во издание на Супрема и достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку https://www.literatura.mk/makedonska-knizevnost/43154-geni-meni-seni-potekloto-na-babite

ПР објава