Промоција на резултати на потпроектот „Малешевска Корија – планински велосипедизам дестинација“

Добивај вести на Viber

Планинарско спортскиот клуб „Малешевска Корија“ од Берово ги промовира постигнатите резултати од потпроектот „Малешевска Корија – планински велосипедизам дестинација“ како дел од туристичката дестинација Малешево и околината што беше поддржан во рамките на „Проектот за локална и регионална конкурентност“.

  На 04.12.2019 година (среда) во хотел Манастир – Берово, со почеток во 10 часот беше одржана промоција на активности и постигнати резултати од потпроектот во организација на планинарско спортскиот клуб „Малешевска Корија“ од Берово.

На настанот учествуваа Заменик Претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, д-р Кочо Анѓушев, Амбасадорот на Европската Унија во РСМ, г-дин Самуел Жбогар, Директорот на Светска Банка за РСМ и Косово, г-дин Марко Мантованели и претставници на дипломатски кор, локалната самоуправа и други организации.

  Гостите на настанот имаа можност да возат велосипед во организирана група придружувана од обучени водичи, да уживаат во убавините на Малешевијата, да прошетаат околу Беровското Езеро, да го посетат манастирот Св. „Архангел Михаил“ и да ја погледнат презентацијата на работилницата за изработка на високо квалитетни мозаици. Исто така, учесниците можеа да ја проследат изведбата на традиционални народни ора на културно-уметничкото друштво „Димитар Беровски“ од Берово, придружувани од ансамблот „Етно Малеш“ од Берово.  Присутните уживаа во вкусовите на традиционалната храна подготвена со производи од малешевското поднебје на локалните производители.

  Цели на потпроектот се:

·  Да се подобри локалната туристичка понуда за планински велосипедизам

·  Да се поттикнат здрави животни навики и активности за грижа и почит кон планината

·  Да се зголеми бројот на дојдовни туристи во Малешевијата

·  Јакнење на економијата и намалување на иселувањето на младото население

  Во рамките на потпроектот се спроведени повеќе активности што ја збогатуваат туристичката понуда за планински велосипедизам во туристичката дестинација Малешево и околината.

  Постигнати се следниве резултати:

-  Набавени се 25 велосипеди за деца и возрасни и соодветна опрема за планински велосипедизам;

-  Обучени се водичи за спроведување велосипедски тури во планина;

-  Набавена е го-про камера за креирање на промотивни видеа и слики;

-  Изработен е промотивен материјал

-  Изработена е веб страна ( https://adventuresmacedonia.com/ )преку која сите заинтересирани можат да се информираат за услугите и понудите и која обезбедува насоки за индивидуално користење на велосипедските патеки.

 

Реализирањето на овој потпроект, набавените 25 планински велосипеди и опрема за туристичко изнајмување, е со цел подобрување и збогатување натуристичката понуда на Малешевијата, на кое јас како претседател на ПСК Малешевска Корија (6г) и генерален менаџер на хотел Манастир, Берово (15г), работам многу посветено, создавајќи континуирано нови туристички искуства и понуди. Сето ова води кон нашата крајна цел, а таа е зголемен број на дојдовни туристи во Малешевијата, што имплицира јакнење на економијата и апропо намалување на иселувањето на младото население од овој прекрасен планински рај - истакна г-ѓа Дина Муцунска, Претседател на планинарско спортскиот клуб „Малешевска Корија“ – Берово.


  Преку поддршката на Проектот за локална и регионална конкуретност асоцијациите кои работат во областа на туризмот ја збогатуваат македонската туристичка понуда и ги промовираат природните убавини и атракции со кои располага нашата држава. Потпроектите за асоцијации опфаќаат активности за промоција на македонската туристичка понуда, градење капацитети на вработените во туристичкиот сектор и збогатување на туристичката понуда, меѓу другото и преку набавка на опрема за изведување активности на отворено.

Проект за локална и регионална конкурентност

  Проектот за локална и регионална конкуретност е водечки проект за развој на туризмот во државата. Преку проектот поддржани се 60-тина потпроекти кои ги спроведуваат општини, микро и мали претпријатија, како и асоцијации кои работат во областа на туризмот, а кои имаат за цел создавање на туристички производи во сите 10 туристички дестинации, кои се од суштинско значење за подобрување на впечатокот на туристите кои ја посетуваат државата.

  Проектот за локална и регионална конкурентост е финансиран од Европската Унија и Владата на Република Северна Македонија, се администрира од страна на Светска Банка, а се спроведува од страна на Кабинет на Заменик Претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, д-р Кочо Анѓушев.