П(р)опустите за 8-ми март

Добивај вести на Viber

Дури и да не знам што месец и ден сме, секогаш имам отприлика ориентација кога се ближи 8-ми март (и тоа не оти сакам, туку оти е неминовно). И секоја година со горчина во грлото гледам како се извитоперува еден празник кој има многу посуштинско и подлабоко значење од подарена ружа/каранфил, оро во кафеана и сетови од лак и кармин во бои кои најмалку им се трошеле по продавници низ годината. Не можам и не можам да се помирам дека празникот кој треба да е будење на жената и нејзина борба за рамноправност е сведен на тривијални честитки, особено што борбата не е ниту оддалеку завршена.

Како и секоја година така и оваа, ние жените ја имаме “ексклузивната можност овие денови да сме мудри и да се подновиме со нова машина за перење, правосмукалка, сет апарати за готвење кои ќе ни го направат престојот во кујна да ни биде песна, па имаме неповторлива понуда за чипкаст долен веш кој ќе ни биде главен зачин во спалната соба (просто неодоливо), неизбежните постелнини, фенови, пегли за коса итнитнитн”. Замислете, сето ова да ти било со должна почит кон жената и нејзиниот празник за сузбивање на дискриминацијата, зголемување на свесноста за тоа колку вреди и кои се нејзините права. Не, не велам оти правосмукалката или апаратот за месење леб не се потребни (ова второво особено периодов е must have), не сум противник на провокативна долна облека, ниту на евтини фенови (патем речено итно ми треба еден, ама одбивам да го купам на празников) ама да се промовираат такви акции за “дамите” ми е дури и вулгарно. И кога веќе сите знаеме дека местото на жената не е (само) во кујната, туку и на позиции кои се’ уште се резервирани за мажите и кога сме свесни оти ниту еден маж нема да изгине ако сам си спреми ручек, тогаш зошто побогу на сета борба низ годиниве нудите тенџериња и правосмукалки за денот?!!! Зошто нема акции во некоја сосем случајно одбрана среда во која ќе има попусти на пегли и фигаро за коса (кои се всушност тогаш со својата реална цена, нели?), туку мора да е тоа баш на 8-ми? Дали сте и дали сме свесни каква порака испраќаме на нашите деца и генерациите кои доаѓаат после нас?

Зарем уште ќе создаваме генерации жени кои ќе се плашат да кажат дека сакаат покачување на платите од страв да не бидат избркани од работа? Зарем уште ќе создаваме генерации млади жени кои ќе се плашат да заминат од токсични односи во врска или брак заради тоа што можат да бидат претепани, казнети или да им биде одземен животот? Зарем во 21-ви век ќе растеме женски деца со идејата дека нормалното е да се омажат и да имаат деца (притоа да си ја запостават кариерата), а доколку не сакаат семејство нешто не им е во ред со психата?  Не е дозволено да сакаат нешто поинаку како што тоа го можат мажите, а притоа било кој да не им се качува на глава? И зарем уште ќе создаваме генерации на мажи за кои “се знае бе каде и’ е местото!!!” е појдовна точка за тоа колку вреди една жена? Зарем уште ќе растеме идни дечковци, сопрузи и татковци со идеја дека ТАА е неспособна и дека мора да се однесува онака како што тоа се очекува од неа? До кога “традиционалните семејни вредности” ќе бидат извитоперени со потсвесно поткопување на слободата на жената од која се очекува да биде послушна (во склад токму со традиционалните семејни вредности). Нели нешто поднаучивме? Нели е во прилог на целото човештво да сме рамо до рамо, без оглед на полот? Не, м?

И пред некои од вас да ми одржат предавање дека ова што го зборувам “било некогаш, ама веќе не е така”, прочачкав на интернет и еве кои податоци ги најдов:

1.  На околу 2,4 милијарди работоспособни жени не им се даваат еднакви економски можности, а 178 земји имаат правни бариери што го спречуваат нивното целосно економско учество (World Bank’s Women, Business and the Law 2022 report).

2.  Во 86 земји жените се соочуваат со некаков облик на ограничување на работата, а 95 земји не гарантираат еднаква плата за еднаква работа.

3.  На глобално ниво, жените сè уште имаат само три четвртини од законските права што им се даваат на мажите.

4.  Жените трошат најмалку двојно повеќе време од мажите на домашна работа, а кога ќе се земе предвид целата работа (платена и неплатена) жените работат подолго од мажите (The World's Women, 2015).

5.  Помалку од 15% од сопствениците на земјиште ширум светот се жени и покрај тоа што повеќе жени работат во земјоделството (Food and Agriculture Organization, 2015; World Bank, 2019).

6.  Во 2018 година, проценетиот глобален јаз во платите меѓу половите е 22%, при што жените заработуваат околу 78% од она што го земаат мажите (ILO, 2018).

7.  Речиси 82 милиони жени ширум светот немаат никаква правна заштита од дискриминација на работното место (World Policy Analysis Centre, 2017).

8.  Жените сочинуваат само 25% од парламентарците ширум светот (Inter-Parliamentary Union, 2019).

9.  Помеѓу 1990 и 2019 година, жените сочинуваа 2% од посредниците, 5% од сведоците и потписниците и 8% од преговарачите во главните мировни процеси ширум светот (Council of Foreign Relations, 2019).

10.  Кога жените се вклучени во преговорите, веројатноста за мировен договор кој трае најмалку две години се зголемува за 20 проценти, а 15 години за 35 проценти (Preventing Conflict, Transforming Justice, and Securing the Peace: A Global Study on Implementation of Security Council Resolution 1325, 2015).

11.  Во изминатите 20 години, бројот на жени софтверски инженери е зголемен за само 2%.

12.  42% од жените тврдат дека биле дискриминирани на работа поради нивниот пол.

Уште треба да зборуваме за рамноправност.....упс, простете....уште ли да зборуваме за отсуство на рамноправност со негирање на истото? Повторно ќе спомнам дека ударот врз рамноправноста бил секогаш на грбот на жената, признавале или не. Тргнете само од дискриминацијата дека отворено и безобразно сте биле прашани на интервјуа за работа кога и дали планирате семејство! Еве, само еден единствен пример барам да ми се посочи кога мажот бил прашан дали планира семејство? Демек значајно ќе ја оштетиме фирмата во која ќе бидеме вработени ако раѓаме и бидеме отсутни 9 месеци од работа? Една од придобивките на рамноправноста на мажите е што можат и тие да земат породилно отсуство. Многу ме интересира дали во денешниве интервјуа и нив ги прашуваат дали ќе користат породилно и кога.

Не, не е завршена нашата борба за местото кое со раѓање ни припаѓа. Не е завршена борбата со која жените ќе бидат подеднакво вреднувани во општеството како што се мажите. Колку и да ме убедувате дека работите се сменети, нема да ви успее. Можеби сме еден чекор напред, ама маршот не е завршен. И да знаете дека борбата започнува со секоја од нас. Колку сме погласни, толку повеќе ќе допреме и до оние жени кои не знаат како да си ги сменат животот и кои се’ уште мислат дека 8-ми март е нивни ден, оти другите денови се резервирани за да угодат на сите околу нив. Стереотипите тешко се менуваат, особено на Балканот и во руралните средини. Патријахатот уште е вкоренет во сите пори од општеството, економската зависност на жената е плодно тло за поднесување на многу неправди. Не бараме погача преку лебот, бараме да бидеме вреднувани заради нашата способност која никој не може да ни ја оспори или одземе.

Зборувајте гласно, зборувајте без страв и не дозволувајте никој да ве убеди дека имате само еден ден во кој за вашите права ќе се говори колку да се мине од редот. Учете ги ќерките и внуките дека е привилегија да се биде жена и дека таа привилегија е нешто за што секогаш вреди да се бориме.

Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Не бранувај

Немај свое мислење

Не влегувај во свет

Во кој мажот владее

Покори се и биди тивка

Биди одмерена

Што и да значи тоа

Не се бунтувај

Остави да се грижат за тебе

Оние кои не те познаваат

Оние кои најмалку знаат

За што ти пати душата

Терај си ги женските работи

Има кој да мисли наместо тебе

Има кој да одлучи

А тоа никогаш не треба да си ти

А сега земи лист хартија

И напиши се’ што треба да правиш

Молчи

Готви

Биди столб

Негувај се за си некому убава

Заработувај помалку

Жртвувај се за неговата кариера

Искини го листот

Или уште поарно

Сврти нов

И стави си го животот на него

Она што си ти

А не она што треба да бидеш

Оти местото ти е секаде

И подеднакво важна си

Како оној кој до тебе е

Сврти нов лист

На кој ќе се испишеш себе

Твоите желби

Потреби

Соништа

Врами го и почни да живееш

Токму онака како што ти вели срцето

На начин на кој сакаш и ти прилега

Храбро

Оти жена си

Достоинствено

Оти жена си

И крени го гласот

За да кажеш НЕ

За да кажеш ДА

За да кажеш ДОСТА Е

За твоето САКАМ да се чуе до небото

Оти жена си во свет во кој

Борбата никогаш не завршува

За да кажеш МОЖАМ, оти жена сум