Проширени вени: Како да се заштитите советува Д-р Ирена Димитровска
Хронична
прогресивна слабост на венскиот систем е состојба кога крвта не може да се
врати од периферијата кон срцето, пред се од долните екстремитети. Оваа болест,
која е се поприсутна, претставува значаен здравствен, социјален и економски
проблем во општеството. Според д-р Ирена Димитровска, дерматолог во Градска болница
8-ми септември, оваа состојба има големо влијание на квалитетот на живот на
пациентот, а покрај естетското значење има и физичко, бидејќи ја намалува
подвижноста и физичката активност. Од оваа состојба страда околу 13% од возрасната
популација е почесто се јавува кај жените ( 25-33% ) за разлика од мажите (10-20%).
Од што се состои венскиот систем?
Венскиот систем се дели на површен и длабок, а комуникацијата помеѓу овие два системи е со вени и перфоратори. Вените за разлика од артериите имаат потенко стебло, со послаба мускулатура во својот ѕид и имаат тешка задача да се спротивстават на гравитацијата и да ја вратат крвта кон срцето. Во оваа функција им помагаат мускулатурата на листот на потколеницата и активноста на скочниот зглоб.
Вените во своето стебло имаат прегради, валвули, кои не дозволуваат крвта да прави застој и да се враќа ретроградно, туку држи правилен правец кон срцето. Ослабнувањето и оштетувањето на овие валвули води кон развој на хронична венска слабост. Венската слабост може да биде примарна како последица на генетска предиспозиција, неправилен начин на живот, отсуство на физичка активност, долготрајно седење или стоење, прекумерна телесна тежина, бременост, орална контрацепција, пушење... Секундарна венска слабост е премин кон тромбоза (површна и длабока) кога валвулите се оштетуваат и стануваат нефункционални.
Кои се симптомите и знаците?
Клиничката слика на варикозните вени варира во зависност од степенот и тежината на заболувањето. Првично се јавуваат тегоби-дискомфорт, тежина во потколеницата, грчеви и парастезии. Се јавува оток кој на почетокот е дискретен, со текот на времето станува поизразен и се повлекува во текот на ноќта при спиење и хоризонтална положба на нозете. Потоа се јавуваат флеки, пигментации по нозете, капилари, поизразени венички, но исто така и змијовидни проширени и површни вени. Со прогресија на болеста доаѓа до стврднување на поткожното ткиво и потколеницата добива изглед на превртено шише. Во напреден стадиум на венската слабост се создаваат венски рани, кои можат да бидат болни и да се шират долж потколеницата. Овие рани може да бидат влезно место за сериозна инфекција, намалена физичка активност и значајно влошување на квалитетот на животот на болниот.
Како да ги заштитиме вените?
Најдобриот лек во медицината е превентивата. Потребно е да се едуцира населението за карактеристиките на оваа болест и како да се променат личните навики и стил на живот за да не се дозволи прогресија на болеста. Се препорачува физичка активност како пешачење, пливање и други спортски активности кои треба да бидат секојдневна навика. Исто така се препорачува намалување на телесната тежина.
Еластичната компресија е неопходна терапија за нефункционалните вени и профилакса истите да не прогредираат. Колку побрзо се спроведе компресија толку поуспешно се одложува појавата на проширени вени и нивни влошување.
Како компресивните хулахопки и чорапи помагаат во третман на венска слабост?
Компресивната терапија им ја олеснува функцијата на оптеретените вени со притисок од надвор Го намалуваат отокот, при движење вршат масажа и ја подобруваат лимфната дренажа. Еластичната компресија може да биде во вид на компресивни завои и чорапи. Завоите можат да бидат еластични и нееластични и се препорачуваат кога еластичната чорапа не може да се примени, кога треба да се намали отокот во ногата. Чорапите може да се доколенки, високи над колено со или без ремен и хулахопки. Постојат и специјално дизајнирани хулахопки за трудници. Компресивните чорапи се со степен на компресија од 1 до 4, која ја определува докторот. Ова се однесува на терапевтски компресивни чорапи. Постојат и превентивни компресивни чорапи, кои секој може слободно да ги набави од специјализираните ортопедски продавници. Компресијата се спроведува во текот на денот, а кога болниот има рана потребно е континуирано да се носат во текот на денот и ноќта.
Покрај компресивната терапија, кои се останати опции за третман?
Како дел од третманот се и лекови од групата на флавоноиди, кумарини, флавоноиди, русцин, дисомин- флеботропни лекови кои го засилуват ѕидот на вената, ја подобруваат микроциркулацијата и лимфната дренажа. Друга опција е и хируршкиот третман на проширени вени- склерозација, венектомии, ендоваскуларна аблација или класични стрипринзи на просирените вени, перфоратори.
За Женски Магазин, Д-р Ирена Димитровска –дерматовенеролог во Градска болница 8 ми Септември