Прва модна ревија на лице со Даунов синдром: Хекланите експонати на Бети ги красат креациите на Македонките
Се започна со едно хеклано срце, кретивно, искрено, полно со љубов, кое Бети Петковска (51), лице со Даунов синдром, сакаше секој да го има блиску до себе. Заврши со модна ревија „Јас, Бети- Сонот се остварува”, на која ја претстави колекцијата на хекланите дизајни.
- Тоа срце го создаде на 13 години. Личноста која ѝ помогна во усовршувањето на хеклањето беше нејзината баба, која изработуваше модни и декоративни парчиња со хеклање. Таа го препозна интересот и талентот за хеклање и максимално ѝ се посвети да ја научи да ја совлада оваа техника- вели Сашка Петковска Савеска , сестра на Бети и открива дека на еден настан организиран од Занаетчиската комора Скопје се случила судбинска средба со две дизајнерки.
- Спојот со дизајнерките Елена Поповска и Јасминка Стојановска, го оствари сонот на Бети, да се одржи нејзината прва ревија. Со уживање ги изработи плетените делови на моделите од летната колекција со традиционални елементи. Ревијата е спој на традиционалните вештини со модерните техники на професионалните дизајнерки – појаснува Петковска Савеска.
Бети е вклучена меѓу најуспешните жени и нивните животни приказни и постигнувања, претставени со своја уникатна и несекојдневна професија. Беше дел од изложбата организирана од Европската Делегација, а нејзини слики и изработки беа претставени на билборд.
-Сите можеме да се согласиме со тоа дека нашето општество е изградено врз стереотипни мислења за децата со попреченост воопшто, што се должи на ниска едукација и на мала заинтересираност за вистината што значи Дауновиот Синдром. Затоа се соочувавме со многу сомнежи за дарбата за хеклаењето на Бети, што и уште повеќе ја истакнува нејзината уникатност како индивидуа со Даунов синдром.
Затоа решивме да не се трудиме повеќе вербално да ги „увериме“ луѓето за дарбата и уникатноста на Бети. Со ревијата таа го доби заслуженото „светло“. Сите видоа како Дауновиот синдром може да го „краси“ општеството – појаснува Сашка.
Бети секојдневно има креативни идеи за тоа што сака да го хекла. Инспирација црпи од различни интернет страни. Знае да чита и да пишува.
Сама оди во продавница и пазарува. Посветена е и на други активностии. Беше дел од театарската претстава „Викај ги среќа“ на режисерот Златко Славенски.
С.А.Н