Првата македонска ултрамаратонка што го истрча Мон Блан моментно тренира трчајќи по ќерката: Приказната на Светлана Стојаноска Ивановска

Со ултрамаратонско трчање се занимава од 2012. Во 2014 станала првата македонска ултрамаратонка која на Мон Блан во Франција истрчала 168 км, што е приближно растојание колку од Скопје до Охрид. Четири години подоцна ја родила ќерката Марта и целосно му се посветила на мајчинството, а сега полека почнува да му се враќа на планинското трчање.

Ова е накусо приказната на Светлана Стојаноска Ивановска, чиј сопруг Жикица Ивановски минатата недела заедно со Дарко Роглев, обајцата ултрамаратонци, во еден ден 17 пати последователно го искачија највисокиот рид над Штип, Клисибаир. Што ги движи овие луѓе кон вакви подвизи, кои ги тестираат границите на телото и на умот?

- Пред да почнам во 2012 да се занимавам со ултрамаратонско трчање, активно планинарев, претежно по нашите планини, повремено учествував на неколку полумаратони и планински трки. Планинското ултра-трчање ми дојде некако спонтано како спој од планинарењето и трчањето. За овој вид на спорт дознав во планинарското друштво „Макпетрол“, каде започнав да тренирам. Првото учество  на ултрамаратон ми беше на Фрушка гора, Србија на трка од  101,1 км. со искачување од 4300 метри надморска висина – раскажува Светлана за овој напорен спорт, кој бара посветеност, конзистентно и долго тренирање и постојана проверка на физичката подготвеност.

* Ако Фрушка Гора била премиера, маратонот на Мон Блан бил вистинското огнено крштевање. Кај маратон, уште и ултра, згора на сè и на Мон Блан, вториот највисок врв во Европа.

- Тоа е ултрамаратонска трка во планинско трчање со должина од 168 км, 9600 метри надморска височина искачување и уште толку спуштање. Трката се одвива на површината на три држави, а рутата се движи горе-долу во подножјето на Мон Блан, со старт во Шамони, Франција, продолжува преку Италија, потоа се поминува во Швајцарија и повторно финишот на трката е во Шамони.Учествувавме заедно со мојот сопруг Жикица Ивановски и со Јовица Јованчев.

* Ултрамаратонецот Жикица Ивановски станал сопруг на Светлана откако заедно го истрчале Мон Блан.

- Кога започнав со тренирање за ултрамаратонски трки живеев во Скопје. На групните тренинзи за време на викендите се среќававме со Жикица. Подоцна почнавме и заеднички да се организираме за учество на ултрамаратоните. Така постепено се роди љубовта. Во 2014 година по успешно завршениот ултра трејл ди Мон Блан, на враќањето дома, во Трст, Италија, патувањето ми беше крунисано со понуда за брак. Точно 4 години, 3 месеци и 15 дена подоцна бевме наградени со најубавиот благослов што можам да си го замислам – нашата ќерка Марта.

* Сега на лесните тренинзи, како што ги нарекувате 15-километарските трчања во природа, ве придружува и ќерката. Како изгледа таков тренинг? И какво влијаеше мајчинството на вашата пасија за трчање?

- Да, тренинг моментално ми е трчањето по ќерката, долгите прошетки и сите други обврски околу неа. Знам мајки  - ултрамаратонки кои кратко по добивањето на децата продолжија со своите тренинзи и учества на ултрамаратонски трки. Но, кај мене не е таков случајот. Откако првпат ја зедов Марта во прегратка почувствував необјаслива љубов и потреба да се грижам за тоа мало суштество и да оставам сè друго настрана за одредено време. Еве сега, по година и половина, веќе почнувам да се враќам полека на тренинзите. Додека расте Марта, заедно со татко и, сакам да и дадеме пример за здрав и спортски начин на живот. Уште од 4 месеци ја носиме на планина. Се трудиме колку може повеќе да бидеме надвор и во природа. Заедно со неа го следиме Жикица на неговите подвизи и натпреварувања за да му дадеме поддршка.

* Минатиот викенд, кога Жикица и Дарко Роглев 17 пати во еден ден го искачија и спуштија највисокиот рид над Штип, Клисибаир, во Скопје Сања Најдовски во ист ден 19 пати го истрча Водно во тн. еверестинг. Дали е тоа нова дисциплина или резултат на времето на пандемија и на затворени граници?

- Вакви и слични подвизи се прават во светот. Заради новонастанатата ситуација и неможноста да се учествува на ултрамаратонски трки овие подвизи, според мене, се убав начин за да се одржи позитивната енергија и мотивацијата за тренинг. Додека трае пандемијата најдобро е да се прават тренинзи во најблиското место на живеење и да се учествува на локални натпреварувања. Подвигот на Жикица и Дарко, како и на Сања Николовска Најдовски за мене се голема инспирација и предизвик за да почнам поактивно да се вратам на планините и на трчањето по нив.

* Има ли разлика помеѓу машките и женските маратонци? Или сè е само прашање на тренинг на телото и на умот?

- Пресуден за крајниот резултат е тренингот. Секако дека постојат разлики помеѓу машките и женските ултрамаратонци. Но, во ултрамаратонските трки се случува првото место и во машка и во женска конкуренција да го заземе жена. На долги дистанци покрај издржливоста на телото големо влијание има издржливоста на умот и мотивацијата.

* Кое е вашето мото што ве стимулира при долгите патеки? И дали тоа функционира и во животот, кога околностите се чинат тешки?

- Имам неколку методи за справување во моментите на криза при трчањето, патем ги користам и во останатите животни ситуации. Кога ми е тешко си велам - издржи мора да помине, секој почеток има и крај. Другиот метод го научив од мојот сопруг Жикица - да ставам цели на пократки дистанци и кога ќе ја постигнам првата цел да одам кон наредната. Третиот метод е уште пред да започнам со некоја трка целото тело го подготвувам дека треба да ја завршам и тргнувам позитивно устроена.

* Каква е женската екипа на адреналинските спортови? Ја имаме Илина Арсова која ги искачи седумте врвови на седум континенти, ја имаме Сања Николовска Најдовски која ни ја промовираше дисциплината еверестинг, ве запознавме и вас, првата ултарамаратонка што го истрча Мон Блан... Но, сигурно има и многу други посветени жени за кои не знаеме....

- Да, има. Мери Мирческа е втората ултрамаратонка од Македонија која го истрча ултрамаратонот околу Мон Блан минатата година. Моментно е во Германија и е во одлична физичка форма. Покрај неа во планинското ултрамаратонско трчање се и Тања Пенева, Мартина Милева, Катерина Николовска, Катерина Шиповиќ, Александра Ѓорѓиевска –Данда, Софија Панковска и ги има уште многу други во слични спортови како алпинизам, спортско качување, планинарење, возење точак.

* Имаме ли домашна трка во планинско трчање?

- Трката Крали Марко во Прилеп оваа година слави 10-годишен јубилеј и претставува пионер трка за ултрапланинско трчање во Македонија. На оваа трка учествував уште на првото одржување во 2011 година  како натпреварувач и тогаш беше декларирана како планинска трка.

* Порака за сите потенцијални идни маратонци?

- Посветеност на тренинзите, истрајност и интелектуален пристап на тренингот. Според мене најбитни од сè се позитивната мисла и мотивацијата дека трчањето те прави посреќен човек и поуспешна личност. Бидеќи во трчањето дирекно не зависиш од никој друг освен од себеси. Со секој постигнат успех се надминуваш себеси и стануваш подобра личност.

Јасна Франговска