Првпат во земјава, во „Аџибадем Систина“ на ЕКМО-апарат приклучено новороденче старо 10 дена по операција на срце

Добивај вести на Viber

Новороденче старо само десет дена со тежина од 2,7 килограми е во стабилна состојба во Клиничка болница „Аџибадем Систина“, откако по една од најтешките операции во детската кардиохирургија било поставено на ЕКМО-апаратот. Ова е првпат толку мал пациент да биде вклучен на ЕКМО во земјава, што е навистина голем успех за детската кардиoхирургија. Операцијата во која била направена транспозиција на големи крвни садови ја изведе доц.д-р Владимир Чадиковски, детски кардиохирург. Тој вели дека станува збор за еден од најголемите успеси досега во земјава.

„Првпат почнавме со ЕКМО кај деца во ‘Аџибадем Систина’. Се работи за бебе од 2,7 килограми кое е новороденче, односно старо само 10 дена. По тешка операција, која е всушност и најтешката во детската кардиохирургија – транспозиција на големи крвни садови, имаше потреба од ЕКМО. Го вклучивме детето и по пет дена успешно се врати во стабилна состојба. Ова е голем успех за болницата, но и за државата и нова страница во детската кардиохирургија и воопшто за сите состојби на деца што имаат нарушувања со белите дробови и срцето од различни причини,  постоперативни, од ковид, до сепси, сите видови труења и други вродени мани кај децата. Навистина ми е драго што успеавме“, вели доц. д-р Чадиковски.

Изведувањето на оваа процедура кај мали деца е доста комплицирано и д-р Чадиковски вели дека тоа бара голема подготвеност, но и сериозен тим и познавања. И во овој случај, како и за сите болнички лекувања во „Аџибадем Систина“ се применува мултидисциплинарен пристап, а се обезбедува и 24-часовен мониторинг од сите аспекти. Додека пациентот е приклучен на ЕКМО, практично на срцето и на белите дробови им се остава простор да мируваат, односно им се дава можност да се регенерираат, додека машината ја извршува нивната работа за телото. Кога процесот ќе заврши, се оставаат неколку дена за организмот повторно целосно самостојно да функционира.

„Целата постапка со ЕКМО-апаратот кај децата е  многу комплексна,  за разлика од возрасните, многу поспецифична, затоа сакам да му се заблагодарам на целиот тим и се гордеам за овој заеднички успех“, вели доц. д-р Чадиковски. 

Клиничка болница „Аџибадем Систина“ е единствената во земјава во која функционира приватна детска кардиохирургија. Во одделот се изведуваат најсериозни операции на новороденчиња.