Работел на брод, бил цимер со Угро, приморан да промовира своја книга во „бутик за алкохол“: Златко Симовски за Женски магазин

Добивај вести на Viber

Стравот дека еден ден спомените од работата на брод и едно убаво искуство ќе избледат, 37 годишниот битолчанец Златко Симовски реши да ги преточи на хартија, и така ја создаде книгата „Дневникот на Еден Морепловец“. 

Книгата неодамна ја имаше и првата промоција, но наместо во книжара меѓу книгите, Златко беше приморан првото дело да ѝ го претстави на јавноста и публиката од „бутик за алкохол“ .

„Разочараност од односот на сопственикот на книжарата секако дека имаше, но, по старото „секое лошо за арно“ правило, со огромна помош од вас медиумите оваа необична промоција ја исполнува својата цел.

Мојата порака до читателите, продавачите на книги и издавачките куќи гласи: Поддржете ги македонските автори. Нивните книги можеби не се напишани на изолирани плажи и во планински куќарки, и зад нив не стои огромна маркетиншка машинерија, но произлегуваат од вистината и животот“ , ни раскажа нашиот соговорник.

Златко има интересно работно искуство од брод кој исто така ни го сподели во редовите подолу.

„Токму таму, каде што може да се сретнат многу познати јавни личности, младиот битолчанец го сретнал и раперот и продуцент Никола Угриновски- Угро.

Угро работеше како радиодифузен оператор, и со него заедно бевме на бродоградилиште во Франција, на нов брод кој своето прво крстарење требаше да го има во исто време кога се случи короната. Кога стана јасно дека тоа с***е не е облак кој ќе помине, компанијата нѐ испрати дома заедно со уште 15-тина Македонци кои работеа на истиот брод. Со Угро бевме цимери за време на двонеделниот карантин во хотел во Скопје“ -ни откри Симовски.

А вие повеќе детали прочитајте подолу.

ЖМ: Златко, најпрво претставете им се читателите на Женски магазин ...


-Јас сум Златко Симовски од Битола и имам 37 години. Од образование, имам дипломирано на биотехничкиот факултет во Битола (отсек Преработка на анимални производи).

ЖМ: Автор сте на книгата „Дневникот на Еден Морепловец“ (издадена под псевдоним Теодор Кузман) и истата кажавте дека сте ја напишале за време на вашиот прв 8-месечен работен договор на брод. Како дојдовте на идејата за книгата, и името на истата?

- „Дневникот на Еден Морепловец“ е збир на белешки пишувани на дневна основа и ги содржи сите интересни настани и чувства доживеани за време на тие први 8 месеци поминати на брод. Идејата тоа искуство да се стави на хартија произлезе од реалниот страв дека тие спомени еден ден ќе избледат. Што се однесува до името, тоа е некако најблиску до мојата оригинална замисла која требаше да содржи „брод за крстарење“. Се работеше за премногу долг и не баш звучен наслов.


 *Неодамна ја имавте и првата промоција на книгата, меѓутоа наместо истата да го доживее промовирањето во книжарница, вие бевте одбиени од локална битолска книжара и промоцијата ја направивте во „Бутик за Алкохол“ . Што се случи, колку вие бевте потиштени и разочарани од таквата постапка, каква лекција научивте од таа неубава постапка со која се соочивте?

-Обидувајќи се да договорам продажба и промоција на мојот дневник во таа книжарница, ми кажаа дека престанале да продаваат македонски автори па немало смисла да прават промоција на книги од истите. Бев свесен дека сум тропнал на погрешна врата и дека повеќето би одговориле позитивно на моето барање, но, изненаден од грубиот однос на сопственикот (и од потреба да излезам од матрицата), се одлучив да направам малку поинаква промоција чија главна цел ќе биде подигнување на свеста за проблемите со кои се соочуваат македонските автори, и продолжив кон соседниот „Бутик за Алкохол Гермит“ чии сопственици беа поотворени за соработка. Македонска надреална ситуација во вистинска смисла на зборот.

Разочараност од односот на сопственикот на книжарата секако дека имаше, но, по старото „секое лошо за арно“ правило, со огромна помош од вас медиумите оваа необична промоција ја исполнува својата цел.

Мојата порака до читателите, продавачите на книги и издавачките куќи гласи: Поддржете ги македонските автори. Нивните книги можеби не се напишани на изолирани плажи и во планински куќарки, и зад нив не стои огромна маркетиншка машинерија, но произлегуваат од вистината и животот.


ЖМ: Како помина промоцијата, дали сте задоволни?

-Промоцијата се одржа во опуштена атмосфера (некој ќе рече и дека количината на алкохол со која бевме опкружени имаше свое влијание) и во присуство на најблиските. Од настанот сум презадоволен, а тоа чувство доаѓа од многуте пораки за поддршка од читатели и продавачи на книги кои се вистински поддржувачи на домашните автори.


ЖМ: Каде може да се купи вашата книга?

-Единствена физичка локација во која се продава книгата за сега е Book’s House во Битола, кои ме контактираа веднаш откако дознаа за промоцијата. Читателите од другите градови, дневникот може да го нарачаат во порака на мојот фејсбук профил или на лавиринт.мк. Овде сакам да напоменам дека непријатното искуство со локалната книжара е уште еден показател за тоа колку погрешна е таа борба за што поголем личен профит и дека сите ние сме делови од сложувалката  кои треба да функционираат заедно, па ги поттикнувам читателите книгата да не ја купуваат лично од мене туку од споменатите лавиринт.мк и Book’s House.

ЖМ: Дали таа е единствена книга напишана досега?

-Да, ова е мојата единствена книга. Имам материјал за уште 10, но тоа ќе зависи од интересот на читателската публика за ваква содржина.

ЖМ: Колку мислите дека читателите, продавачите на книги и издавачките куќи поддржуваат македонски автори ?

-Од искуствата на оние кои подолго време издаваат книги овде во Македонија, читателите сѐ повеќе даваат шанса на домашни автори. Се надевам дека на тој тренд ќе се приклучат и продавачите на книги и издавачките куќи.


ЖМ: Рековте сте работеле на брод. Раскажете ни нешто за вашата работа таму, каде сѐ имате патувано, крстарено?

-Работев на отворената палуба, служејќи ги гостите околу базенот. И тоа беше мојот рај. Работата беше тешка само на хартија, затоа што струењето на морскиот воздух и пред сѐ магијата што гостите ја носеа во себе, правеа во ниту еден момент да не почуствувам преоптеретеност. Од местата што ги имам посетено би ја издвоил цела Европа со сета нејзина убавина и историја, но лесно се заљубив и во карипските острови, Австралија, Француска Полинезија, Нов Зеланд, глобалната метропола Сингапур, Египет со пирамидите, Аљаска...

ЖМ: Какво е вашето искуство од работа на брод, што ви беше најинтересно, а што најтешко додека бевте во таа авантура?

-Одлуката да работам на брод е најдобрата што некогаш сум ја донесол. Најинтересно и најзначајно беше искуството да се работи и живее на мал простор со луѓе од преку 70 држави, и можноста да се научи нешто повеќе за нивните култури, традиции и обичаи. Најтешки беа долгите отсуства од дома.


ЖМ: Ни кажавте дека сте биле и цимер со Угро за време на ковид пандемијата. Колку време живеевте заедно, како се случи да бидете цимери?

-Најголем дел од луѓето кои работат на бродовите за крстарење доаѓаат од земјите од т.н. трет свет, и среќавањето на вработени кои во нивните држави се познати пејачи, актери, и други јавни личности, е нормална работа. Угро работеше како радиодифузен оператор, и со него заедно бевме на бродоградилиште во Франција, на нов брод кој своето прво крстарење требаше да го има во исто време кога се случи короната. Кога стана јасно дека тоа с***е не е облак кој ќе помине, компанијата нѐ испрати дома заедно со уште 15-тина Македонци кои работеа на истиот брод. Со Угро бевме цимери за време на двонеделниот карантин во хотел во Скопје.


ЖМ: Каков е Угро како цимер, дали останавте пријатели и во контакт? Раскажи ни некоја анегдота од вашето заедничко живеење?

-Угро е сериозно квалитетен лик кој во други околности (држави) ќе беше позициониран прилично високо во индустријата со која се занимава. Што се однесува до анегдотите, тие се редеа како на филмска лента и мислам дека само од тие две недели можам да напишам уште една книга. Се сеќавам дека уште на почетокот го прашав зошто се одлучил за работа на брод. „Претходно, работев како снимател во Африка, за канал сличен на Анимал Планет. Многу досадна работа. Последно, со месеци чекав една жирафа да се породи. Тогаш ми дојде преку глава, па така одлучив да аплицирам за брод“ - ми рече. А, колку материјал има во него сфатив веќе вториот ден, после еден телефонски разговор кој не би можел да го изнесам јавно. Моментално сме во различна временска зона, но одржуваме комуникација.

ЖМ: Ваши идни планови?

-Моите планови за иднината се да останам здрав и жив. Се друго ќе си дојде. А и да не си дојде.


ЖМ: Раскажете ни нешто повеќе за себе. Како ви почнува денот, со кој го пиете првото утринско кафе, со која мисла го почнувате и завршувате денот, што ве мотивира во животот?

-Јас сум човек со едноставни потреби и барања од животот. Денот ми почнува со благодарност до севишниот дека сум се разбудил. Толку многу луѓе ја немале таа среќа. На ист начин и го завршувам. Најмногу ме мотивира големиот човечки потенцијал за личен развој, што е едно прилично неистражено поле.


Ирена Ставрова