Рана

Добивај вести на Viber

Има една граница на болка што откако ќе ја преминеш нема назад. Кај повеќето од жените тоа е болката од пораѓај, веројатно најсилната физичка болка што ја почувствувале до тој даден момент. Кај повеќето. Но кај еден дел, има интро. Има еден живот пред кршењето на карлица, што го чувствуваш не по твоја воља, суден ти е. Знаете, пораѓајот мора да се случи. Ти бираш да донесеш нов живот на овој свет заедно со партнер или сама, епидурално или со царски, но бираш. Само ти бираш, сама и единствена ти. Но има една болка што ти е наметната, создадена од сили над кои немаш контрола, пред или по тој пораѓај, кој го земаме како мерна единица за толеранција, што не си должна да ја трпиш. Ама ете некако, го нашла нејзиниот пат до тебе, таа болка дошла до вистинскиот начин како тебе да ти нанесе рана. Видлива и на видливо место, таа рана завзема своја единствена животна форма, има свој мозок, има свое значење, свој посебен живот надвор од тебе. Инат е, ти ја корнеш, таа се враќа посилна, ти ја лечиш таа ти контрадиктори и завзема свое значајно место во твојот живот со посебно име и посебно минато. И колку повеќе ја корнеш, таа станува се посилна а ти се поимуна на нејзиниот интензитет. И секоја од нас доаѓа до даден момент, секоја од нас која ја носи таа рана, каде веќе нема физичка поента нејзиното постоење, таа веќе не боли, станува дел од тебе. Колку и да ја корнеш, намерно или случајно, колку и да почнува да крвари повторно и одново, тебе веќе ништо не ти значи. Само бојата, таа гримизна црвена те потсетува дека ти си од крв и месо, дека има позадина на твоето постоење, ти имаш мирис и вкус, за кои ти е потребна безусловна слобода да ги манифестираш. Е таа гримизна црвена е проклетието кое те потсетува дека има борба, има војна, има битка која што ја водиш секој проклет ден,  со себе, со твојот најголем непријател, со сите твои одјеци на минатото што те потсетуваат колку и каде си згрешил. Таа црвена е доказот дека си човек, дека треба да те боли како секој околу тебе, дека од тебе почнува и во тебе завршува секоја твоја одлука.

Језиво е колку имаме толеранција за таа црвена. Језиво е колку една жена знае и може да се навикне на болка, тоа да и стане секојдневие, таа болка да ја дефинира неа самата како битие, таа рана да е доказот за нејзиното постоење. И колку секоја една од нас се учи како да живее со сите дадени децибели на бол, од минус до бесконечно, не знаеме зошто, веројатно така ни е наметнато.

Тетоважата боли, за оние кои живеат нормално. За нас преостанатите, тетоважата е минлива фракција од заробена психичка болка. Исекотината боли, за оние кои се плашат од нож. За сите преостанати, подготвени да го прегрнат секое можно сечило, се брои само острината и намената. Раната боли, за оние кои созреваат во целина. За оние кои се кршат, болката се дели на секое парче, на сите дадени фрагменти на постоење. И ние имаме капацитет да ја живееме таа болка секој ден одново. И ние стануваме дел од таа болка, и таа станува дел од нас. И секој пат кога ќе ја искорнеме, тоа го правиме само и единствено со цел да ја продолжиме, да потрае, да остане како траен дел од нашиот живот, бидејќи ние повеќе не знаеме како без неа.

Што е нормално? Што е тоа што го оправдува секој твој избор, секоја твоја одлука, твојот живот, твоите болки, твоите рани? Што е тоа што е дозволено да боли? Плускавецот ? Ударот од сопругот, од таткото, од мајката? Силувачот ? Која е таа оправдана болка што не  натера да наведнеме глава и да ја голтнеме сета толеранција на светов што не ништи и од нас чини мерни единици за како треба или не треба. Или пак феминистки, или пак шовинистки, или пак курви, или пак домаќинки, или пак кариеристки, или пак жени.

За секоја една од вас што ја корне старата засирена рана од плускавец, само за да не ја боли се она што е вистинито, еве ме. Знам како ти е. Знам како боли и знам колку боли. И нема да помине туку така, секоја проклета рана бара соодветен компатибилен лек. Најважно на цел свет е да не се откажуваш од иљачот, најважно мила моја е да сфатиш дека се е во твои раце, или пак ќе корнеш или конечно ќе решиш да ставиш завој, фластер, лек, и да помине. Ќе потрае процесот на лечење, ќе отвори нови врати, нови прагови на бол, ама ќе помине, најважното е дека ти ќе се бориш, ти ќе тргнеш сама по најтешкиот пат и ќе побараш за себе една вистина за која не постои сила на светов која може да ти ја одземе. Таа нова болка, таа нова рана, таа нова зависност од слобода, ќе те однесе на места за кои си сонувала пред да ти ги скршат крилата, пред да ти го одземат идентитетот, пред да те направат нечија без да си своја. Диши длабоко, боли проклето многу кога коските растат, кога се крши за да се создаде, ама ти си навикната на болка, знаеш како. Од болка се раѓаш појака и послободна. И овој пат без рана, без лузна и без страв.

Намасте.