РЕФЕРЕНДУМ: Дали ги знаеме нашите гласачки права?

Добивај вести на Viber

Право на глас има секој полнолетен државјанин на Република Македонија што е запишан во избирачкиот список.

Избирачкиот список е јавна исправа во која се запишани граѓаните со право на глас.

Секогаш гласаш сам, во свое име и само еднаш.

Гласањето е слободно и тајно и никој не може да утврди како си гласал.

За да гласаш, мора да се идентификуваш со лична карта или пасош издаден од РМ.

Мора да се потпишеш на изводот од избирачкиот список на твоето гласачко место.

Секој гласач добива само едно гласачко ливче.

На гласачкото ливче се става печат на местото определено за печат.

Гласаш со заокружување на еден од понудените одговори.

Важечко е само гласачкото ливче заокружено со хемиско пенкало во сина боја.

Гласачкото ливче се превиткува и се става во гласачката кутија.

Се забранува користење мобилни телефони и фотоапарати за фотографирање на гласачкото ливче.

Никој не смее да те повикува на одговорност поради гласањето, ниту, пак, да бара да кажеш како си гласал или зошто не си гласал.

Ако ти е повредено личното гласачко право во која било фаза од процесот или во постапката на спроведување на гласањето, можеш да поднесеш приговор до ДИК во рок од 24 часа.

ДИК е должна во рок од 4 часа по приемот на твојот приговор да донесе одлука.

Против одлуката на ДИК можеш да поднесеш жалба до Врховен суд во рок од 24 часа по приемот на решението.

Гласачите што ќе излезат на референдумот со заокружување со сино хемиско пенкало треба да се изјаснат за еден од понудените одговори на референдумското прашање: „за“ или „против“. 

Цензусот за референдумот е определен со Уставот на РМ, според кој на гласање треба да излезат мнозинството од запишаните гласачи во Избирачкиот список (50%+1).

Гласањето на 30 септември почнува во 7 часот наутро и завршува во 19 часот.