Сакајќи да нè исчеличат, ни ја уништија самодовербата

Добивај вести на Viber

Сигурно сте го слушнале оној муабет со кој ве убедувале дека треба да се оди по потешкиот пат за да научите што е животот, за да станете посилни и конечно се исчеличите. Верувам и дека сте го почувствувале секој збор на своја кожа. Но сега сакам да зборуваме за тоа што тој муабет или тоа воспитување ни имаат направено, колку добри нешта ни донеле во животот или колку добри нешта спречиле да дојдат во нашиот живот. Почнуваме.

И јас целиот свој живот мислев дека потешкиот пат е за похрабрите и дека тоа е единствеииот пат до среќата и успехот. Мислев дека е сосема вообичаено да се мачиме за нештата кои ги посакуваме и да бидеме свесни дека нема шанси големи нешта да дојдат до нас тукутака. Немајќи проблем со амбициозноста, се подготвив да работам најнапорно за она што го посакувам, а кога ќе доживеев пораз, се чувствував како најголемиот губитник, бидејќи јас живеев за признавање и аплауз, зaшто само тоа беше мојата мерка дека сум на правилниот пат.

На пример, кога растеме и сме опкружени со луѓе кои ги сакаме и почитуваме, секако дека и нивното мислење ни е важно, но тоа не значи дека овие луѓе само поради тоа што нè сакаат, знаат и што е најдобро за нас или пак кој е патот што треба да го одиме. Многу често, луѓето кои ни се блиски се однесуваат со нас по автоматизам, да не речам – шаблонски. Тоа е така затоа што опшеството сè уште тешко го разбира индивидуализмот и она што се нарекува енергија. Стравот од неизвесното, особено кај постарите може да биде толку голем, што се претвора во главен двигател на животот. Така, честопати, немајќи никаква лоша намера, луѓето околу нас знаат да ни го наметнат својот страв, својот став, своите желби, својата визија за она што е правилно. Сето тоа се пренесува и на следните генерации, кои гледајќи примери и слушајќи приказни, не се осмелуваат ни да поверуваат дека нешто поразлично им следува или пак дека токму тие можат да имаат живот каков што ќе посакаат. Но тука не застанува овој процес. Кога еднаш ќе се етикетирате како некој кој размислува поинаку, тогаш многу потешко ќе добиете поддршка за она што го правите, па дури и да постигнувате успех, ќе треба многу време тој успех да биде препознаен, само поради тоа што не се водите по вообичаената формула на „потешкиот пат“. Е тука се таложат најголемите фрустрации и она добро познато чувство дека сè што правите е залудно. Тоа честопати резултира со екстремно ниска самодоверба, особено во периодот кога една личност допрва треба да го пронајде своето место под сонцето. Ниската самодоверба се нарекува скромност, иако едното со другото нема никаква поврзаност. Скромноста е доблест, а ниската самодоверба е тивок убиец. Еве и зошто.

Времето лета, а ниската самоверба расте како тесто, особено кога се нормализира помеѓу најблиските. Ниската самодоверба значи отсуство на способност за препознавање на сопствените вештини и идеи. На пример, вие можете да имате брилијантна идеа за бизнис, но никогаш да не се осмелите да ја кажате наглас, а камоли да се обидете да направите нешто со истата. Вие можете да поседувате талент, но да се срамите да го покажете. Крајно, ниската самодоверба влијае на енергијата која од вас зрачи, па така и во приватниот живот вие лесно можете да направите погрешни чекори, поради тоа што едноставно мислите дека толку заслужувате. Кога не си верувате себеси, кога немате сигурност во нештата кои ги правите, тогаш многу тешко ќе го добиете она кое во суштина го заслужувате. Сигурноста во себеси создава еден спокој кој ќе ви даде сила да станете после секој пораз. Неверојатно е важно човек да биде сигурен во својата личност и во своите способности. Затоа, методот на исчеличување, иако носи некаква дисциплина, честопати нанесува штета која остава трауми кои потоа се претвораат во сериозни проблеми на кои ако не се работи, станува само потешко.

Затоа, имам една идеја или еден предлог, како сакате. Ајде да се обидеме да го поздравуваме успехот и обидите на луѓето кои ги сакаме, ама онака со цело срце, дури и тогаш кога за нас нивниот избор е чуден, несфатен или невообичаен. Ајде да се обидеме почесто да им кажуваме на луѓето дека вредат, да им ја градиме самодовербата, наместо да им ја рушиме. Ајде да почнеме да веруваме дека потешкиот пат е можеби само измислица и дека нештата можат да бидат поинакви кога меѓусебно ќе се поддржуваме. Ајде да почнеме да веруваме во силата на индивидуалноста и во тоа дека секој човек си има своја ѕвезда.

Има нешто кои не се опишува со зборови, некоја посебна светлина и енергија со која зрачи секој од нас. Со тие нешта нема играње, затоа што тие се нашето јадро. Кога јадрото е полно со елан и љубов, вие ќе ги привлечете нештата кои ги посакувате, тоа е неизбежно. Но кога во јадрото ќе се смести сомнеж, тогаш таа несигурност ќе ве тргне од сето она кое можеби треба да биде ваше.

Не ги исчеличувајте луѓето, животот сам ќе им го направи тоа. Сакајте ги, поддржувајте ги и кажувајте им често дека вредат! Верувајте во луѓето, за и тие да веруваат во себе уште повеќе!

За Женски магазин, 

Ксенија Николова