„Сакам да се разведеме“
Сите си замислуваме како старееме покрај човекот кој
го љубиме. И генерално, сликата (која е повеќе како кратко филмче) е кај секого
горе-долу иста. Весела куќа исполнета со смеа, заеднички патувања, да гледаш
како децата ти растат и си имаат свои семејства, радосното чувство дека си
дочекал деца од своите деца. Во тоа кратко филмче и двајцата сте некако
подостарени, но се’ уште сте во форма,
побелени во косите ама виталноста ви е тука. Не сте пар кој ќе се заседи дома,
иако чувањето внуци ви е задоволство, па правите баланс меѓу нив и вашите лични
желби за дружење со пријатели, уживање во кратки и убави патувања. Сексот е
ист, можеби е без огномети и страст како на почетокот, но е со љубов и пазење
еден на друг. Земено се’ заедно, идилична слика на стареење рака в рака, која генерално е одраз
на еден длабок однос кој сте успеале да го зачувате. Сите ние, кога потсвесно
си го замислуваме животот покрај човекот со кого сакаме да основаме семејство,
имаме непоколеблива надеж дека ќе одржиме стабилен дом во кој ќе има бури,
несогласувања, караници, времиња во кои ќе биде предизвик да се одржи муабетот
без да врескаме едни на други. Кога сме во години кога љубениот ни е дечко за
озбилно (многу ми е симпатичен изразов) со кого планираме иднина, не ни паѓа на
ум дека можеби еден ден ќе посакаме да ја тераме живеачката и сами, без него.
Ригидните велат оти пред да одберете партнер за цел живот, треба добро да размислите. Едно е размислувањето, оти во моментот кога се решаваме со конкретен човек да стапиме во брак и те како сме убедени дека тој е ТОЈ, господинот совршен за нас. И да, размислено ни е и да, тој е дефинитивно ТОЈ. И ова вака би функционирало идеално, ако се’ (па и ние) остане замрзнато во моментот и доколку не се случува феноменот наречен “живот”, кој некогаш знае да ги преврти работите наопаку. Да се премислите за тоа што ви се јаде или пие, е ок. Да се премислите во однос на работата или кој автомобил го сакате, е исто така ок. Да менувате ставови за било што е сосем прифатливо, до моментот додека тој став не го опфати менувањето на статусот од мажена во разведена. За ова, ригидните повторно ќе речат “ама не оди тоа така, треба борба и да се издржи”. За борбата се сложувам, со една мала напомена дека кај секој е индивидуален степенот на војувањето. Нема тука формула со која ќе се пресмета дека ако за две години, седум месеци, четири дена и три часа не се подобрат односите меѓу двајцата сопружници, тогаш е дозволено да се разведат. Некој издржува и три години борба, некој издржува и цел живот, ама некои се сосем поинакви. Ете, за некој борбата завршила после неколку месеци осознавање дека нешто не оди. Знам дека за осуди и делење правда (а и ум) сите сме експерти (тука се ставам и себе), ама исто знам дека никој никому не му е во кожата и дека никој за никого не знае што му се случува во главата, но и душата.
Не секогаш тоа што го сакаме или замислуваме дека ќе го живееме, е остварливо. Некои од нас едноставно кренале раце и решиле поинаку. Тоа не не’ прави послаби или посилни, храбри или за жалење, туку само сме донеле одлука за која сме се пресметале со себе дека можеме да ја истуркаме без каење и дека ќе не’ чини помалку нерви и болка отколку да не сме ја донеле. Јас сум одамна разведена, но кога ќе направам споредба меѓу тогаш и сега, гледам дека работите многу малку се смениле во корист на женита. Од нештата кои се смениле би спомнала само дека сега жените се многу посигурни во себе и не си ставаат невозможни рамки за толеранција на работи кои не се за толерирање. Ретко која жена во денешно време ќе остане во брак со човек кој има љубовница и ќе чека да му мине меракот за да се прибере дома или да му се смачи од главење по кафеани секој ден до ниедно време. Да, слободата е супер работа и треба да се има и во бракот. Единствената разлика меѓу слободата кај самците и оние кои се во брак е дека кај вториве мора да има усул оти не се сами и не се одговорни само за себе. Имам пријатели кои фантастично функционираа и додека децата им беа мали, а и сега. И двајцата си имаа свое друштво, па се договараа кој кога останува со деца а кој шета, со тоа што имаа правила на игра. Камен пијан никој да не доаѓа дома, да се завршат прво домашните обврски и нема расправии пред децата. Ем си тераа секој свој филм, ем заедничкиот им беше ептен погоден. Децата им научија дека треба да си водат сметка за своите потреби и кога се во заедница, но без притоа да наштетат било кому.
Од друга страна, имав и пријатели кои (барем според мене) ја утнаа работата. Таа посветена на децата (дури и претерано), а тој ко да не беше женет. Уште што не ги носеше “невестите” дома за да ги запознае со жена му. На крај, нејзе и’ пукна филмот и си ги спастри децата да заминат со неа, тој си продолжи како и претходно, а најлошо поминаа двете ќерки кои од тоа што гледаа низ годините, научија дека да се биде сопруга е равенство на сунѓер кој впива се’без поговор. Џабе отпосле предавања дека не треба да се трпи ништо и дека е подобро да се реагира навреме и блаблабла, кога во годините кога се оформуваа како личности научија нешто сосем друго.
За жал, она што е непроменето е како се гледа на разведените жени или “распуштениците”, кој е израз на се’ што некој сака да каже негативно за разведените. Не се потресувајте ако сте го чуле за себе, ниту една од нас која завршила сама не била поштедена од тој епитет. Не е сменето и тоа дека кога ќе се решите на развод, ќе чуете многу верзии на вашата приказна. Во едната, вие сте таа што “шврља”, во друга ќе бидете за жалење, во трета сте ја претепале љубовницата на сопругот, во четврта сте биле претепани од жената на вашиот љубовник, па тој се пропил, па вие сте се пропиле и уште неколку креативни сценарија, кои најчесто немаат допирна точка со вас или вашиот екс сопруг. Непроменето е и тоа дека наеднаш ќе сфатите колку всушност сте сами, кога како со волшебно стапче ќе исчезнат заедничките пријатели. Заборавете на покани за празници, викенди и летувања, припремете се дека дури и да одите некаде, токму заради вас бројот на повикани ќе е е непарен. Бидете подготвени на тоа дека ќе треба сами да се снаоѓате за се’, од мајстори (кои патем речено, кога ќе видат дека сте сама во домот обврзно се обидуваат да ви увалат нешто и да ве убедат дека и тоа што работи совршено треба да се смени) до триста тракатанци околу автомобилот. Дури тогаш сфаќате колку има вистина во тоа дека нема машки и женски работи, оти се’ си правите сами. И да знаете дека ќе научите се’ што треба да знаете и дека ќе почнете дури и да уживате во тоа.
Прво, расчистете со тоа што ќе ве гледаат со сожалување. Фуј! Не сте за жалење што сте се развеле, за жалење ќе бевте ако останевте во брак во кој ќе живеевте НЕсреќно до крајот на животот. Имајте предвид дека дел од оние кои ве жалат се љубоморни дека сте имале храброст да направите чекор напред и да го смените тоа што дотогаш сте го живееле.
Второ, се’ има позитивни и негативни страни, па ако до вчера сте биле во брак ги знаете и убавите и грдите нешта во бракот, ама не ги знаете за самечкиот живот. Грдите работи нека ви бидат предизвик, а убавите само уживајте ги, ќе се изненадите дека набрзо ќе се чувствувате како препородени.
Трето, никогаш не е доцна да почнете со ново хоби или да си го организирате слободното време како ви се сака, а најубаво е што притоа ќе се стекнете со нови пријателства кои ќе ве охрабрат.
Четврто, запомнете дека никому не должите објаснување зошто и како сте се развеле. На безобразните прашања за вашата интима, бидете дрски и отворено прашајте “а што имаш ти од тоа, некаков бенефит или за да се озборува некаде?”. Тие што се грижат за вас ќе ви дадат до знаење дека се тука, без да поставуваат прашања и без да чекаат отчет.
Петто, не трчајте во нови релации со мажи, уживајте во себе малку, видете кои сте и што сакате. Нема поголема грешка од создавање однос со друг маж заради емотивна изгладнетост (не прашувајте од каде знам).
Шесто, никогаш.....не, НИКОГАШ да не се споредувајте со бившиот маж, особено ако после вас коцките му се наместиле на убаво и завршил во нова љубов која го прави среќен. Не доживуваме некои работи на ист начин, нема тука “мерење и премерување” кој од вас двајца минал поубаво или полошо после разводот. Гледајте си се себе, без да се споредувате не само со бившиот, туку и со други разведени жени кои се во врска или се премажиле. Фокус само на себе!
За крај, во животот никогаш не знаете што ќе ве снајде. Можеби токму она за што сте најголеми противници, ќе ви се погоди во кармата. Затоа, повеќе разбирање и поголема широчина во размислувањата, оти се’ бива....и арно и лошо.
Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Да не те лажи умот
Оти љубовта е збор
За зборој сите мајстори сме
Та ќе ги везиме и плетиме
Ќе ги тегниме и растегнуваме
Ќе им додаваме зачини
Од кои после блуткаво во устите ќе ни е
Ич умот да не те лажи
Оти љубов бол е
Или оти ударот од неа
Однатре или однадвор
Е нејзината моќ
Та да си дозволиш
Некому черга да бидиш
Од која калта од чизмите ќе си ги бриши
Немој да се лажиш себе
Ниту да се залажуваш
Оти љубовта е растреперени прсти
Кои играат од страв
И дека црните кругови под очи
Е силата нејзина
Дека љубовта ќе стори сенка да си
Со стиснати усни и грч во утробата
Не верувај на оној
Кој со уста полна шербет
Отров во тебе ќе внеси
За да те залаже и прелаже
Дека љубовта најмалку спокој е
И дека окото полно сјај
Од солза такво ќе свети
Дека модрото е нејзината боја
А солената вода низ образ
Е вкусот нејзин
Оној кој навистина ќе те љуби
Е тој кој тело ќе ти растрепери
Само во постела топла
И кој ќе те храни и пои со нежност
Оној кој сонот ќе ти го чува
За да му траеш и за на старост
Оној кој вистинска љубов за тебе ќе има
Ќе те насолзи само од среќа
И ќе те чува ко жеден чоек
Последната капка вода
Кој од тебе ќе се причести
И од телото свое тебе причест ќе ти даде
Оти во љубовта душите едно се
И срцата ист ритам фаќаат
Во љубовта здивот на среќа мириса
И од него никој не се донадишува
Оти љубов
Љубов е се’ од што животот ќе го славиш
И со насмев од овој свет ќе си заминиш
Рака в рака
Како од првиот ден
Како од првиот бакнеж