Сама си правам маска за лице со мед и млеко: Пред огледало со Емра Куртишова
Познатата актерка од Театарот за деца и младинци, која пошироката јавност ја засака по ликот на Исаура во популарната ТВ-серија
„Преспав“, има интересни ритуали за убавина. Емра Куртишова лицето го негува со
маска што самата си ја подготвува, а козметички салони посетува само кога има
потреба од длабока хидратација. Кој е нејзиниот омилен парфем, што секогаш
носи во несесерот и како ја одржува линијата, дознајте во продолжение
* Каков е Вашиот дневен козметички ритуал?
- Зависно од тоа какви ми се обврските во текот на денот, одлучувам дали ќе го поминам со шминка или без. Се разбира, започнува со миење лице, крема, а доколку е потребно и шминка. По завршувањето на обврските, најубавото чувство е кога ја отстранувам шминката. Не користам мицеларна вода, бидејќи сум пробала повеќе брендови и ниедна не ми одговара на кожата. Сосема случајно ми ја открија пената за миење лице на „Бекутан“ и сум презадоволна.
* Со какви препарати го негувате лицето?
- Обично купувам производи кои не се тестирани на животни, внимавам да се на природна база, но најчесто користам домашно подготвена маска од куркума, мед и млеко - кој не ја пробал, нема да зажали.
* Посетувате ли козметички салони?
- Со оглед на тоа дека кожата на лицето ми е без значајни недостатоци, поретко, но кога имам потреба од длабока хидратација се разбира дека посетувам.
* Кои производи ги употребувате за нега на коса?
- Користам поблаги шампони и регенератор за коса. Секако тука е и аргановото масло кое е неизбежно. Ги користам и ампулите за оштетена коса на „Lakme“ бидејќи последниов период косата ми имаше доста чести „средби“ со фигара и пегли.
* Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка?
- Ги прикривам темните кругови околу очите, а ги истакнувам очите и усните.
* Кои се Вашите омилени козметички производи?
- Крема за лице, раце и тело, моливче за усни, маскара и руменило.
* Што носите секогаш во Вашиот несесер?
- Пудра, маскара, молив за усни.
* Кој е Вашиот омилен парфем?
- Засекогаш Ј'adore DIOR
* Како ја одржувате линијата?
- Никако, таа ме одржува мене (се смее). Никогаш досега не сум имала проблем со килограмите, тоа е така поради генетиката. Јадам кога сакам и колку сакам, но, промена нема и среќна сум поради тоа. А, заради одржување на кондиција си ветив себеси дека повторно ќе ѝ се вратам на теретаната.
Ѓ.С.