Сара секој ден ни ги растопува срцата: Александра Илиевска, водителката на „Брза кујна“ за Женски магазин

Шарматната радио и ТВ водителка Александра Илиевска, на гледачите позната како домаќинка на шоуто „Брза кујна“, пет сезони по ред, ужива во својот најубав животен период. На 23 јануари, Александра ја роди ќерката Сара и вели дека нејзината ќерка ја научила на она што е нејзината мајка за неа. Александра во интервјуто за Женски магзин зборува за секојдевието со Сара, открива дел од љубовната приказна со сопругот Александар, а неизбежен дел од нашиот муабет и беше и „Брза кујна“ која сега ја води колешката Сања Савевска.

*Колку наполни Сара, како ви поминува секојдневието со неа?

-Сара наполни два месеци. По доаѓањето од болница секојдневието главно се сведува на хранење, пресоблекување, перење и пеглање. Сепак, се трудиме смирено и нежно да ги реализираме сите слатки обврски во текот на денот колку и да сме уморни. Полека ги учиме да ги разликуваме видовите на плачење. Секој ден и овозможиме изобилство на пријатни звуци, тоа што моментално не разбира никако не значи дека не ја препознава нежноста и убавата музика. Бидејќи најдобро гледа на оддалеченост на која е нашето лице кога е во прегратка, па така ова и е најчеста позиција кај мама или тато, а во текот на првиот месец ни ја подари и првата насмевка!


* Како помина чинот на породувањето и времето по него?

-Породувањето беше магично, огромна е мојата благодарност до д-р Горан Кочоски, од Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство во Скопје кој ја следеше мојата бременост од самиот почеток. Тој заедно со целиот стручен, професионален тим од ГАК беа дел од најважниот ден за мене и моето семејство и придонесоа да истиот е најубавото и позитивно искуство, крунисано со живо и здраво бебенце.

Насоките од медицинските сестри присутни на самиот чин, водењето од докторот низ целиот процес направи да се помине природно, а нема да заборавам дека и од самиот настан пративме фотографија до Александар само десетина минути по породувањето за да го известиме дека сè е во ред и има нова улога, татко.

Оваа фотографија и идеја беше супер во целиот процес кој помина навистина уште еднаш ќе кажам повеќе од одлично благодарение на др. Кочоски, сестра Ана, сестра Орнела.... за жал не ги помнам сите по име но до сите кои на 23ти јануари беа со мене. Едно големо БЛАГОДАРАМ.

*Колку мајчинството ве смени, ве омекна, на што ве научи?

-Не постои поголема жртва на светот од онаа што нашата мајка ја прави за нас. Всушност, таа е најдобрата жена во нашиот живот. Таа е наш водич, учител и е одговорна за она што сме ние денес. Било да сме тажни или среќни, таа е секогаш покрај нас, дарувајќи ни безусловна љубов. Мајчинството ме потсети и научи на тоа што е мојата мајка за мене, да во иднина јас бидам најдобрата за мојата Сара. Во животот не постои посуштинска и повечна улога од мајчинството.


*Какво бебе е Сара, што е она што си помисливте кога за првпат ја земавте во прегратка?

Сара е прекрасно бебе и секој ден ни ги растопува срцата. Непроспиените ноќи и исцрпувачкото секојдневие веднаш ги забораваме откако ќе ни подари макар и мала насмевка.

Првата нејзина насмевка беше вистински посебен момент. Кога прват ја земав во прегратка знаев дека таа е вистински благослов.

*Кај нашиот народ, дел од младите мајки сè уште се велат- сопругот ми помага со детето. Постои ли во вашето семејство поделеност на обврските околу ќерката и домот?

-Со Александар немаме генерална поделеност на домашните обврски. Секогаш се трудиме да си го олесниме секојдневието и животот со тоа што обврските ги завршуваме заедно. Вистински среќни партери се исполнети партнери, парнери кои се реализирани и кои ги знаат потребите и она што навистина поттикнува среќа.

* Како се запознавте со Александар, кои се неговите најубави особини и најважни квалитети?

Со Александар се запознавме преку моја другарка од средно, и живoтот не би можела да си го замилам како би ми се одвивал да не го запознаев бидејќи ми е најголемата поддршка во секој сегмент од животот. За да ги опишам неговите најубави особини и најважни квалитети ќе ми требаат многу зборови и ова интервју ќе е најдолгото, па затоа ќе кажам наједноставно дека тој е с è она што јас посакував.

*Дали сте во контакт со готвачите Марк и Никола, вашето друштво од „Брза кујна“?

-Да, особено со Никола и неговата сопруга Стефанија со која ги споделуваме слатките маки за нашите бебиња.

*Ги следите ли новите епизоди со колешката Сања Савевска, како ви се допаѓаат?

-Кога имам можност и време, да. Одлични се, и во ова време на пандемија кога емисијата ги следи сите протоколи и се снима без публика во студио која дефинитивно секогаш ја надополнуваше забавата на ова шоу. За жал новото време наметна нови правила кои мора да се почитуваат, но и на тој начин внесуваат секој ден радост во домот на сите гледачи на Сител ТВ.


* Дали по породилното повторно му се враќате на стариот ТВ ангажман?

-Времето ќе покаже што ќе се случува по породилното бидејќи панемијата навистина нè потсети сите дека долгорочните планови во секунда може да се променат. Па така пред сè посакувам да сме сите живи и здрави, а со кои работни ангажмани ќе продолжам или може нешто сосема ново ќе подготвам за ТВ или радио останува да ве изненадам.

*Има ли некоја забавна анегдота од „Брза кујна“ што никогаш нема да ја заборавите?

-Анегдоти има многу. Со оглед на тоа дека пет сезони бев дел од ова кулинарско шоу многу натпреварувачи оставија белег со анегтоти и со своите животни приказни. Навистина не можам да издвојам.

*Колку сега, како тазе мајка имате време за одмор, прошетка со пријателка, фризер и некој ваш омилен женски ритуал, успеавате ли да „украдете“ момент за тоа?

-Со добра организација за с è може да се најде време. Дали сте мајка или не времето е релативно, или сте добро организирани или сте во постојан хаос тоа зависи само од вас. И пред да станам мајка имав паралелно три работни ангажмани радио, телевизија и постојано вработување. И во тој период секогаш имав време за пријатели, прошетка и фризер. Денес имам само една обврска да бидам мајка на Сара, во овој период се што сакам да правам е да шетам во парк со неа и убаво кафе... Времето лета па затоа секој час од породилното отсуство сакам  комплетно да и го посветам на неа.

Милица Џаровска

Фото: Приватна архива