Сè додека аплаудирате, ќе ви свирам: Волшебен концерт на Стефан Миленковиќ во Скопје

Добивај вести на Viber

Не секој ден доаѓа уметник како Стефан Миленковиќ во Скопје. Концертот кој српскиот виолинист со светско реноме го одржа сношти во Македонската Филхармонија, може да се нарече чудо, како прекарот кој Миленковиќ го носи од раното детство, чудо од дете.

Од една страна, неговата изведба те тера да се чудиш и да се прашуваш: Дали е навистина можно некој вака да свири? Од друга страна, тука нема ништо необично. Според багажот кој Стефан го носи зад себе сосема е логично дека изведбата му е перфектна, чиста, драмтична, топла и звучи подобро и од студиска снимка.


За концертот во Скопје, Миленковиќ избра популарна класика, дела кои долго и со леснотија ги свири, но им се посветува и внесува емоции како прв пат да ги изведува. Од Четирите годишни времиња на Вивалди, слушнавме две: пролет и лето. Од Паганини ја добивме La Campanella, a од Сарасате Gypsy Airs како и возбудливата Carmen Fantasy. Некои во публиката, воодушевени, аплаудира додека делото сè уште траеше, помеѓу два става. Други пак ги опоменуваа да почекаат да заврши па да ракоплескаат. Дилемата ја реши самиот Стефан, толку голем а толку едноставен.

„На концертите не треба да постои страв од аплаузи. Слободно, ако ви се плеска, вие плескајте“, рече Миленковиќ.

„Сè додека аплаудирате, ние ќе свириме. Така тоа го разбираме“, рече тој за крај и на вториот бис ја изведе насловната тема од филмот „Шиндлеровата листа“ , како силен крај на оваа убава вечер. 

Миленковиќ беше одлично синхронизиран со музичарите од Македонската Филхармонија, и диригентот, Борјан Цанев. Концертот беше во организација на „Прагма“ продукција. 

Милица Џаровска