Лана Марија секое утро ми го бакнува стомакот и ѝ пее на сестра ѝ: Милена Антовска-Станковска за бременоста
На ТВ екраните е од својата 22 година, и по долги години, шарматната водителка Милена Антовска-Станковска (34) оваа сезона нема да ја гледаме на фреквенцијата на Канал 5, во утринската програма „Здраво Македонијо“.
Милена сега го ужива својот најубав период, во игрите со четиригодишната ќерка Лана Марија, и очекувајќи уште една голема радост, втора ќерка. Таа е во речиси во седмиот месец од бременоста, и за да се заштити себеси и најблиските, замина порано на породилно. Во интервјуто за Женски магазин, Милена раскажа како го поминала Ковид 19, зошто уште не е вакцинирана, но прозборе и за нејзината голема борба со анксиозноста.
*По долги години, ќе паузираш од утринската програма „Здраво Македонијо“. Како го доживуваш смирувањето на долгогодишното работно темпо, имаш ли друг ангажман во моментов?
- Се повлеков целосно од ангажманите во телевизија, но тоа е сега привремено заради бременоста и ситуацијта со Ковид 19. Не сакам да ризикувам и секако не сакаат ниту моите претпоставени кои имаат големо разбирање за мене целиот овој период. Наместо во декември, јас одам малку порано на породилно. Инаку не ми е многу лесно што не работам сега, затоа што сум навикната да имам многу обврски и работам од мојата 22-ра година. Но, затоа пак имам друга “работа” аххааха, а тоа се домашните обврски и пред се’ Лана Марија и се’ што треба да работам со неа периодов затоа што не оди во градинка.
* Како сега ти изгледа еден обичен ден, откако немаш секојдневен ангажман и теренски снимања?
- Иако не сум на утринска, сепак станувам рано, не во 05:30, но во 07:00 сум на нога. Планот и ангажманите ми се подредени најчесто според ќерка ми како што споменав погоре. Кога е убаво времето сме надвор, а за дома имаме многу игри, боење, цртање итн. Секако се гледам и со моите блиски колку што можам и колку што дозволува ситуацијата.
* Во кој период од бременоста си, како ја поднесуваш втората во однос на првата?
- Веќе одам накај седмиот месец. И со оглед на тоа дека многу порано заминувам на породилно отколку кога бев бремена со Лана Марија, значи дека малку потешко поднесувам. Се’ е различно, дури не ми се ни верува. Со првото дете одев на работа речиси до две недели пред да се породам, а сега телото си кажува нешто друго и заради здравјето на бебето ги следам тие знаци.
* Како реагира Лана Марија на фактот дека ќе има сестричка, и колку ти и сопругот сте подготвени за моментите кога дома ќе ви стане подинамично и повесело?
- Лана Марија е пресреќна. Секое утро ми го бакнува стомакот и ѝ пее на сестра ѝ. А ние колку сме подготвени? Па сме хахха, мора да бидеме што да правиме, веќе сме поискусни. Нема нешто поубаво од деца така што навистина ќе ни биде лудо и незаборавно.
* На твојот Фејсбук профил во една прилика објави статус дека си прележала Ковид, какво тибеше искуството со вирусот?
- Да, прележав и за среќа со лесни симптоми, речиси незабележливи.
* Спомена исто така дека се плашиш да се вакцинираш додека чекаш бебе, кој е твојот ставза бремените жени кои сепак се решија за вакцинирање по консултација со лекари?
- Секој за себе, секој одбира што е најдобро за своето здравје и здравјето на своето бебе. Јас како прележана и со клеточен имунитет не добив доволно докази дека треба баш сега да се вакцинирам. Она што јас го слушнав од докторите е дека подобро од клеточен имунитет нема и мој став е дека не мора да ризикувам овие месеци и да се вакцинирам што не значи дека понатаму нема да го направам тоа доколку пандемијава трае и трае. Само сакам прво да си се породам и се’ да биде во ред. Ќе си седам дома и ќе си се чувам. Сите околу мене се вакцинирани, јас досега сум со се’ вакцинирана како и мојата ќерка, така што коментарите од типот дека сум антиваксер паѓаат во вода.
-*Неодамна во едно ТВ појавување отворено зборуваше за анксиозноста. Како всушност ти се случи овој „модерен“ проблем на денешницата, како го откри и како се избори против него?
- Против таа состојба што за жал многу луѓе ја имаат не можеш да се избориш. Ја прифаќаш, постои и ја контролираш. Е сега како ќе ја контролираш тоа е веќе друга работа. Потребно е многу време, љубов кон себе, наоѓање на вистинскиот филтер за исфрлање на стресот и разговор со психолог/ психијатар. Проговорив за тоа откако решив да се борам против таа модерна “болест” и тоа го направив од една причина. Сакав да помогнам на некои луѓе кои се исплашени. Воопшто не проговорив за тоа за да се пишува за мене или да бидам во центар на внимание. Не, туку заради тоа што сакав да видат дека и ние јавните личности сме само луѓе. И ние имаме болести, плачеме, често сме тажни итн. Не можам да ви опишам колку луѓе ми пишуваат на социјалните мрежи со свои искуства и колку сум им помогнала. Ние јавните личности имаме задача да влијаеме и за вакви теми кои до пред некое време беа табу.
-*Кои беа најлошите моменти додека се бореше, кога најмногу се плашеше за своето здравје и иднина?
* Мислата е најчесто иста кај сите. Во моментот се плашиш да не ти се слоши, па каде се наоѓаш дали некој ќе ти помогне. Се плашиш нормално како секое живо битие. Јас секогаш сум се плашела за моето дете
*Како се замислуваш следната година ова време?
-Породена и вратена во форма и секако на работното место. Се надевам дека конечно следната година ова време ќе живееме нормално. Да сме живи и здрави само.
Милиџа Џаровска