Сè што имам премолчено
Нема ништо полошо, потоксично и потешко од премолчени зборови. И кога велам премолчени, мислам на сите оние нешта кои сте требале да ги сплескате некому в лице, ама од пуста култура или неснаодливост, сте ги подголтнале. Па уште ако се погоди да сте ем културни, ем неснаодливи тогаш ја имате добитната комбинација за да се чувствувате лошо. Само нека ви текне на сите ситуации во кои сте биле испровоцирани, па дури и навредени, кога сте биле бескрупулозни изманипулирани или измамени, ама ете, не сте вратиле со иста мера. Фрустрира, нели?
Долги години и мене ми се случуваше да си ќутам и траам, некогаш од што ме мрзело да влегувам во конфликти, некогаш оти ми било незгодно, а некогаш од од помиреност дека џабе ќе биде уста да отворам и да се објаснувам. Така, дозволив секој кој што стаса да си има не само оформено мислење за мене (кое патем речено, немало врска со тоа која сум и што сум), туку и да ми вади муабети кои не држеле место. Па ќе си прочитам некаде некои небулози за мојов живот (кој и не гледам дека е нешто интересен за вадење муабет), па ќе потпрочитам нешто што и сама за себе не сум го знаела. Некогаш ќе се изнасмеам, некогаш не ми иде баш убаво оти се’ што блуеме на нетов, останува запишано. Пред извесно време колега од работа ми покажува еден твит (не научив и не научив да баратам со твитер) кој вели вака “едфкјхгвхнфхоурхфнвфјфохнф”, Ана Бунтеска и срценце (демек таква ми била поезијата). Генијално, ама сериозно генијално. Слатко се насмеав и го замолив да пише коментар во мое име дека е се’ супер и дека се сложувам со напишаното, ама дека моите шкрабаници се многу подолги. Не сум суетна за пишаното, сите имаат оформен вкус и некому му е сигурно смешно или патетично како пишувам. И тоа е ок, додека нема лични навреди.
Да се вратам на муабетот. Не ми е толку за мене кога читам некаква глупоштина за себе, оти некако свикнав дека во големово село наречено Скопје, сите знаат и отповеќе за другите (па и невистини), туку за ќерка ми и моите. Ќерка ми е посебна приказна, во пубертет е и не баш дека ја интересира кој што кажал за мајка и’ (оти живее со мене и ме знае каква сум), ама родителите ми се сосем друг момент. Откако станав мајка знам што значи да ти чачнат дете, па ги разбирам скроз. Моиве, бидејќи се повозрасни (не смеам да кажам стари, оти ми ги читаат колумните) се потресуваат за се’ што е врзано за мене и Нина. Пред месеци ( можеби имаше и година), мајка ми ми се јави цела потресена оти во еден портал ставиле наслов кој беше во најмала рака безобразен и плачеше за тужба. Веројатно и многумина од вас знаат за кој портал станува збор (не, нема да го рекламирам), оти само во него имаше “шокантни наслови”, а со содржина преземена од други портали. Отворив, видов и едвај ја смирив, посочувајќи дека во самата содржина беше една симпатична компилација од неколку мои интервјуа и дел од колумна која била објавена тука, на Женски магазин.
Нејсе, сфатив дека етиката одамна ја напуштила земјава и дека тука е се’ дозволено додека не каже човек “аман, доста е”. Можев да тужам и да си го изгубам раатот, да се објаснувам, да се влечкам по судови, а можев и да игнорирам. Го одбрав второто, не за друго туку оти ваква емотивна ко што сум, ќе си расплачев мамата и ќе бев на апој. Како долгогодишен новинар, татко ми еднаш ми имаше кажано оти со седмата сила не се бијат битки (ако воопшто можеше да се нарече тој портал дел од седмата сила). Е сега, после тоа ми се случи нешто многу интересно, како клик кој малку ме подразбуди од мојот сон и илузијата дека да си седиш мадро е најпаметно кога другите те плукаат. Ма немој! Тоа се прави така само ако сте така скроени, или како што велат старите “од едно уво влегло, од друго излегло”. Не знам дали ме погоди тоа што беше напишано како наслов или ме погоди фактот оти колку и да си во свој свет секогаш ќе има некој кој ќе те поткачи оти така му се сакало. Почувствував голем гнев, а башка ми се погоди климаксот кој (да е жив и здрав) ми ја одврза устата и ме направи поагресивна кога се во прашање туѓите поганлаци. И не само за себе, туку станав дрдорка и кога се во прашање вадењето муабети и за другите луѓе.
Премолчував кога ми коментирале дека сум била премногу слаба, па кога накачив килограми премолчував на навидум шеговитите коментари за задников (кој колкав и да е, мој си е), премолчував кога и шуто и рогато коментираше кој ми бил бившиот маж, па зошто и како сме се развеле, па за името на ќерка ми (Аргентина дека се викала), премолчував на коментари дека сум добивала пари од државата за книгите (кои патем речено никогаш не стасале до Министерство за култура и тоа ми бил услов за да потпишам договор со издавачка куќа), па дури и тоа дека Женски магазин бил мој и сум си го користела за самопромоција (инаку, Женски магазин е ќерка на Фактор, а на луѓето кои го водат сум им благодарна за поддршката, почитта и љубовта која несебично ми ја давале низ годиниве). Премолчував кога ме врзуваа интимно за луѓе со кои површно се знам, или кои ми биле пријатели. Премолчував за се’ за што требаше да отворам уста и да отерам во мајчината, оти кога некој си дава за право да јаде лајна за вас, имате неспорно право да го сместите онаму каде што му е местото. Само јас си знам колку ме чинело моево (демек) добро воспитување и одбивањето да влегувам во конфликти.
Научив (пак ќе речам, фала им на годиниве кои ги имам и на климаксот) дека молчењето е злато само кога има повисока цел. И сега премолчувам се’ што може да повреди или навреди некого, ама не по секоја цена. Зборувам јасно и гласно секој пат кога се чувствувам загрозена, кога некој сака да си пополни време со ширење муабет или невистина. Она што ме остава забезекната секој пат е фактот дека душевната храна за многумина е да ви го џвакаат животот. Може да сте најприбрани на свет, самотници, повлечени или најкултурни, но тоа никако не значи дека ќе бидете поштедени од озборување. Може да сте најчесни, највредни, најработливи и најуслужни, ама тоа не значи дека нема да бидете тема на некоја собиранка. И не чекајте ко мене да ве фати климактериум за да ви е баш рамно дали ќе распердашите некого. Ако гледањето своја работа е половина здравје, верувајте дека другата половина е да си кажете се’ што ве мачи. И никого да не штедите, особено ако си го бара со боринче. Никој од вас не е тука за да биде крпа за бришење под, ниту за да пополни време оти некој не знае што со себе. Интересно е колку има ефект директното прашање “слушам дека си зборувал/а за мене, има нешто што те интересира или?”. Првичниот шок е невиден сеир. Ќе наидете на ококорени очи и уста во форма на О. После доаѓа моментот на подголтнување и избегнување директен контакт со очи, па дури и се гледа напрегањето да се смисли некој изговор. Фуј! Е, потоа бенефитот е во тоа што кога некој ќе сака да ве стави во уста, ќе се подзамисли малку. Поарно да ве бие глас оти сте кавгаџии (со причина), отколку мутави (како што бев јас).
Молчев, долго време премолчував и мислев дека сепак има нешто што се вика осет и усул. Ама нема. Бидејќи нема, да си се изборите да го има, оти се’ што ќе игнорирате во моментот ќе ви се врати како бумеранг. Впрочем, дур сами си се борите во животот и си ги плаќате сметките, некој нема право да ве става на астал како тема за муабет.
Молчете само тогаш кога немате некому нешто убаво да кажете, ама кога треба да си го одбраните интегритетот и достоинството бидете гласни колку што ве држи гласот. Учете си ги децата да си го користат правото да се одбранат од се’ што ги загрозува, за да не ги гледате несреќни.
Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Ако на чоека немаш нешто убо да му кажиш
Молчи си пиле и не си ја погани устата
Оти чоек сам знај за шо арен не е
И не му треба твојот отров за да го дотепа
Кажи му ја убајната во него
Погали му ја со збор душата
Јазикот да ти биди ко да си го гушнал
Со милост во очите кажи му збор-два
Ама убај да се
Да бидат миризливи ко на доенче здивот
И чисти ко детска игра
Нека бидат невини ко млада невеста
И мудри ко стар чоек
Гали го чоек
Кажи му го убото во него
Оти некогаш оќоруваме
Некогаш, ете така низ животот ослепуваме
Та сами себе не можиме да се видиме
И троа лоши стануваме
Троа полни нетрпение и нервоза
Пиле
На таквите луѓа нешто убо да им кажиш
Оти подзаборајле
Та потсети ги на чоештината
Покажи им ја љубовта
Во твоите очи себе да се видат како во огледало
За да можат да се засакаат
За да можат глата да ја кренат
Над сите јадови да се исправат
И чекорот посигурен да им е
Да знаат оти сами не се
Оти уште некој љубов во срцето за нив има
И ќе видиш
Ех пиле, ќе видиш како ликот им се менви
Како ќе засветат
Како од милост и боја во образите ќе им се врати
И грбот како кроце им се исправа
Та смеата ѕвонлива им станува
Како од болест да оздравеле
А несреќата и тагата болест се
Зато
Ете зато треба чоек со чоек да се чува
И со убост да се гоштева
Со збор и рака подадена
Ама не за да турни и навреди
Туку да го избавиш чоек некогаш од сам себе
Како што некој некогаш и тебе од себе ќе те спаси
Гали ги луѓето
Гали и сакај ги
Оти векот тука на сите ни е краток
А часот дур да дојди, чоек биди
И памти ми ги зборојте
Молчи пиле, молчи и врви си по патот
само молчи и устата не погани ја
ако на чоек немаш ништо убо да му кажиш