Се урна натстрешница на Железничката станица во Нови Сад, меѓу загинатите е и македонски државјанин

Добивај вести на Viber

Голема трагедија ги снајде Нови Сад и Србија, 14 лица загинаа, а се надеваме дека ова ќе биде конечната бројка, објави во петокот вечерта српскиот претседател Александар Вучиќ по несреќата на железничката станица во Нови Сад и побара кривична и политичка одговорност.

Четиринаесет лица, меѓу кои и шестгодишно дете, денеска околу пладне загинаа при уривање на настрешницата на железничката станица во Нови Сад. Тројца помлади луѓе се тешко повредени, од кои на едното му е ампутирана ногата, потврдија од обвинителството и лекарите.

Осум од загинатите се државјани на Србија, еден од Македонија, а петмина од загинатите сѐ уште не се идентификувани.

Веста ја потврди српскиот претседател Александар Вучиќ. 

„Уште не успеавме да го дознаеме идентитетот на пет лица, осум лица се државјани на Србија, едно е од Македонија. Во име на сите граѓани сакам да изразам сочувство до семејствата и роднините. Мораме да се обединиме и да им помогнеме на семејствата на жртвите, да направиме се за да ја минимизираме штетата и што е можно повеќе да им помогнеме на луѓето кои ги загубија своите најблиски“, рече претседателот.

СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА И ФИЛИПЧЕ ИЗРАЗИЈА СОЧУВСТВО

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вечерва изрази сочувство до семејствата чии членови загинаа во денешната несреќа во Нови Сад во Србија каде се урна натстрешница од Железничка станица.

„Нашите мисли се со сите погодени од трагичната несреќа што се случи денеска на Железничката станица во Нови Сад. Изразуваме длабоко сочувство до семејствата кои ги загубија своите најблиски, а на повредените им посакуваме брзо закрепнување“, напиша Силјановска-Давкова на Фејсбук.
Лидерот на СДСМ, д-р Венко Филипче изрази сочувство до семејствата на загинатите во трагичната несреќа што се случи денеска во Нови Сад, Република Србија.