Се заљубив по втор пат во мини верзијата од мојот сопруг: Цеце од „Телма“ за мајчинството и враќањето на ТВ

Добивај вести на Viber

Враќањето на „Утринска на Телма“ за неа е голема радост, осбено во овој период, затоа што на старо- новиот ТВ проект се врати како мајка. Цеце Тодосовска заедно со колегите Ненад, Ивана и Марко секое утро ги буди гледачите на „Телма“, а таа се буди многу пред нив, уште во 5.30 наутро. Синот Бодан, кој неодамна наполни една година ѝ е совршен тренинг за рано будење, и динамичен ден кој сега може да го истера и со многу помалку спиење. И покрај тоа што синот е многу мал, Цеце и нејзиниот сопруг не се откажаа од својата голема страст, планинарењето, со тоа што сега носат уште еден планинарски ранец плус, за Бодан. Убавата енергија која ја пренесува на ТВ, ја има и во нашиот разговор, каде што Цеце открива дел од својата приказна.

*Синот Бодан неодамна наполни една година, ако се свртиш назад во измината година, како би ја опишала, кои чувства преовладуваат

- Најубавата година за мене, дефинитивно! Веројатно нема доволно зборови за да се опишат во целост емоциите, дознав за една сосема поинаква димензија на љубовта која секојдневно ме прави неизмерно среќна. Ако погледнам наназад, би рекла и дека навистина многу брзо помина... Буквално како вчера да беше моментот кога имав мало бебенце во прегратки, а сега веќе имам слатко детенце кое растрчкува низ домот и ми се насмевнува во секоја можна прилика. 

*Пред извесно време се врати на работа, имаше ли чувство на грижа на сосвет дека нема да бидеш со син ти цело време по породилното отсуство? 

- Мора да признаам дека последните две недели од породилното отсуство беа посебно емотивни за мене, имав измешани чувства... буквално ги одбројував деновите и тоа ми предизвикуваше некоја тага затоа што ќе се разделиме и нема да сме по цели денови заедно со Бодан. Од друга страна пак, ми недостигаше и работата бидејќи имав поголема пауза од истата со оглед на тоа што и бременоста ја поминав дома заради пандемијата. Меѓутоа, враќањето на работа особено на мојот драг проект „Утринска на Телма“ ми влијаеше многу позитивно. Сега, тоа што сме одвоени со Бодан и по неколку часа во денот, прави емоциите да се дополнително посилни кога ќе се видиме. 

*Како се организирате околу грижата на Бодан сега, додека ти си на работа?

- Бодан е среќен со бабите и дедовците и неговите братучеди со кои е најчесто во првата половина од денот. Знам дека ужива во нивно друштво бидејќи кога и да се вратам од работа, ме пречекува едно насмеано, среќно и задоволно детенце. 

*Какво дете е Бодан, препознаваш ли вече свои или особини на сопругот кај него?

- Физички е цел на тато што значи дека се заљубив по втор пат во мини верзијата од мојот сопруг (се смее)  Тој, уште од бебе си покажуваше некои карактерни особини, но, како расте, созрева и се оформува тие се се поистакнати, така што можам да кажам дека и во карактерот веќе препознаваме некои наши особини. 

*И двајцата сте вљубеници во природата, и таа љубов кон планинарењето ја негувате и сега, кога имате мало дете, како Бодан се вклопи во ова ваше темпо? 

- Да, буквално се обидуваме секој слободен заеднички момент да го искористиме за да бидеме некаде во природа. Досега, бевме на неколку планинарски тури низ нашава земја. На почетокот го носевме во кенгур, а сега веќе го носиме во планинарски ранец. Бодан е исклучително среќен кога сме некаде во природа, тоа го забележуваме по неговите реакции и звуци кои ги прави. Инаку Бодан прооде 1 месец пред неговиот роденден, така што сега може и на друг начин да ја ужива природата околу нас и местата на кои го носиме. Едвај чекаме да дојде потоплото, сончево време и да шетаме некаде низ планинските предели кај нас. 

*Како ти поминува еден обичен ден кога си на Утринска на Телма, и какво беше чувството по две години повторно да ѝ се вратиш на старата љубов?

- Искрено, многу се израдував за враќањето на Утринската на Телма. Јас им се приклучив на колегите после 3 месеци од стартот на сезоната и и покрај тоа што емисијата сега започнува 1 час порано од претходно, сепак станувањето рано не ми претставува никаков проблем. Бодан ми помогна да се справам со тоа и ме учеше изминативе месеци како е да се стартува денот уште во раните утрински часови. Порано не можев да си замислам да функционирам во денот ако не сум наспана, а сега гледам дека се се може и со малку сон. Да, денот ми започнува уште во 5.30 часот наутро, а дополнително расонување ми е рутата која ја имам до Телма. Велосипедот е моето превозно средство и тие минути возење додека да дојдам на работа искрено, ми се вистинско уживање. Јас, сама со себе и скопското изгрејсонце... не е секогаш вака идеално, бидејќи зад мене се и студени зимски денови, но како и да е секогаш ми е уживање возењето велосипед. Потоа се подготвувам за емисијата, пиеме кафе со колегите и со гледачите и уживам во работата се до крајот на Утринската.

Милица Џаровска

Фото: Приватна архива