Second hand

Добивај вести на Viber

Има нешта за кои имам трпение до небо. Да тинтрам, да слушам, едноставно кажано да потрошам часови и часови. Ама има работи кои не ги можам. И тоа не од сега, иако како стареам и она малку трпение што сум го имала полека исчезнува. Една од тие работи е и шопингот. Ко за женско чељаде, ич не сакам да се акам по продавници (истото ми важи и за одење на фризер). Одењето на пазар ми има друг шмек, башка ми е враќање кон детството кога секоја недела одев со татко ми на пазарење. Каков ритуал беше тоа!

Лекција број 1: прво се шета цел пазар.

Лекција број 2: потоа се гледа каде има најубава роба.

Лекција број 3: од најубавото се гледа кое е со најдобра цена.

Ден денес тврдам дека децата треба да бидат дел од тој ритуал на одење на пазар. Создавање чувство на одговорност, давање важност дека се дел од нешто што е за возрасните и најважното, едукација. Нејсе, низ годиниве стана модерно сите продавници да се собрани на едно место. Големи трговски центри на кои не можам никако да се навикнам. Ми се има случено да ме фати напад на паника од блескавото светло, метежот и лавиринтите низ кои треба да се изврви за да стаса човек од точка А до точка Б. Башка отсуството на природна вентилација. Да скратам, имам другарки кои со мене на телефон го имаат минато моето препотување и тресење за да ме дефокусираат. Да, ми се има случено и клаустрофобичен напад во пресоблекувална, иако немам проблем со лифтови. Учена од дете на ГТЦ кој беше отворен од сите страни, уште (и после години) се навикнувам и психички се спремам за купување кога треба да земам нешто.

Шетајќи низ Скопјево, наидов на Second hand shop, или по нашки, продавница за половна облека. Никогаш, па дури ни во дивите тинејџерски години не сум патела по носење скапи брендови. Сакам удобна облека, во која се чувствувам своја и убава (пред сѐ, за себе) и природни материјали. Можеби е чудно и ќе се згрозите, ама ич не ми е гајле дали тоа што сум го купила некој претходно го има носено. Она што го забележав беше дека во таквите продавници кога ќе сретнете луѓе кои ве знаат и ги знаете, станува незгодно. За нив, мене мува не ме лази. Како да одбегнуваат директна средба, како да е срамно да се купува носена облека, која, патем речено, изгледа како тукушто извадена од излог. Па има одбегнување поглед, за „здраво“ ич да не зборувам. Пред некој ден носев еден таков фустан на мене (душа пуста по фустани) и кога најискрено си кажав дека е од second hand shop и дека чинеше 180 денари (да, да сто и осумдесет денари) бев удостоена со малку сожаливи погледи.

Мене во животот ме учеле дека е срамота да се лаже и краде и дека оној што го прави тоа има вошки и спие на таван. На таван не сум спиела, вошки сум имала, ама не лажам и не крадам. И гледајќи наназад како функционира ова општество, сфатив дека она за што мене и мојата генерација нѐ учеа дека е срамота, се практикува на секој чекор, ама скраја да е да купиш половна облека или автомобил. Веднаш одиш 3 нивоа подолу во нечии очи. Бидејќи мене никогаш не ме интересирало што мислат другите за мене (а доживеав ќерка ми да ѝ каже на мајка ми во една расправија дека не ѝ било грижа што ќе рече некој отстрана, оти јас така сум ја научила), немам намера да сокривам од каде шопингувам кога морам. Впрочем, вода и машина за перење алишта перат сѐ...освен валкан образ и нечиста совест.

И еве полека доаѓам до поентата на денешниот понеделнички муабет. Во ера на second hand people, ние повеќе се грижиме за половна облека. Мене ми е најважно во животот со кого сум и какви се тие луѓе околу мене. Дали се чесни, дали имаат достоинство и образ, дали се лажговци или со еден збор, дали се луѓе кои се достојни за моето време и внимание. Не ми е гајле она што го носам на себе дали чини 200 или 200.000 денари, колку што ми е важно со оние со кои го делам моето време и љубов да се арни луѓе. Опседнатоста со тривијални нешта, како што е каков бренд носиш, што автомобил возиш, накитот дали е со вистински дијаманти, ги изместија вредностите. За човек што не сака накит, кој не купува скапи алишта и кој гледа да вози безбедно и мало возило не разбирам. Уствари, како стареам сѐ помалку разбирам како дојдовме до ова. Како нечиј статус во општеството може да е поважен од нечија душа. Како е можно парите да се поважни од мирен сон. Како е побогу можно лагите да се поважни од вистината и почитта.

Каде исчезна она дека убав збор железна врата отвора. Затоа што може сѐ да се купи со пари? Може ли? Може ли да се купи нечие време? Или внимание?

Може ли да се купи искрено кикотење и доверлив разговор. Луѓето, барем оние кои јас ги имам и сакам до себе, не се купуваат. Нивната вредност во мојот живот е всушност самата вредност на животот кој го живеам. Ништо не може да ги замени, никој не може да ги замени. Тоа се луѓе кои во песните ги нарекувам луѓе-лек, луѓе-цут. Оние кои на сред ноќ ќе станат од постела за да дојдат кога ти требаат. Оние чиј збор зацелува рани.  

А сум видела доста половни, па и половични луѓе. Истрошени од манипулации, лаги, заплеткани во приказни кои ги измислуваат за да се издигнат над застоеноста во која живеат. И никогаш, ама баш никогаш не знаат да се препуштат. Се однесуваат токму онака какви што се и тие сами. Стално некаде брзаат, а немаат ниту цел ниту некакво достигнување. Имаат функции од кои си го хранат егото, а во душата се празни. И кога ги гледам, ме фаќа некоја мешавина на бес, гад и жал.

Не бидете снобови. Некогаш и да не ставите слика од вкусниот ручек по социјални мрежи не е греда. Чувајте ја сликата во себе и за себе. Чувајте го моментот со најблиските како светост. Памтете ми го муабетов. Не е сѐ во животот за да се покаже престиж. Налет парата ако не се ужива во изгрејсонцето, во пијачка, во залак, во водење љубов. Налет сѐ ако станете половна роба. Оти ние луѓето не се переме така лесно како облеката. Нашата душа не е фустан кој на 40 степени ќе светне и сите траги од минатото ќе се одмијат.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска


Купуваш скапа облека
Со етикета на која стои име
Кое најчесто не знаеш да го изговориш
Или кое ништо не ти значи
Купуваш скап часовник
Кој го мери времето кое ти преостанува
И кој никогаш нема да ти попушти 
За да поживееш уште некој ден повеќе
Купуваш скапи салонки
Кои ги облекуваш за низ дома 
Вежбајќи го одот дур не ти капнат нозете
Со надеж дека ќе ти го донесат принцот
Купуваш се’ и сешто
Најмногу она што не ти треба
Со надмено движење на раката
Кога ја подаваш кредитната картичка
Со ладен лик и со надеж 
Дека не ти се гледа јанѕата
Ако ти кажат оти картичката ти е одбиена
Купуваш лажни пријателства
Мир кој е најмалку тоа
Почит за која знаеш дека трае 
Дур не го завртиш грбот
Си го лажеш умот оти се’ на светов цена има
И се’ што на светов постои може да се купи
Дека е доволно паричникот да ти е полн
И дека тој ќе ја пополни празнината во тебе
Пиеш коктели кои ти се блуткави
Од кои после желудникот во тоалетот си го вадиш
Пушиш странски и скапи цигари
Иако три колена наназад сите од канцер ти умреле
Возиш бесен автомобил
Во кој никогаш немаш со свој чоек седено 
Да се кикотите дур стомаците не ве заболат
И да се исплачите за сите болки
Живееш лажен живот
Со гламур кој е тажен
И од кој ти е мачно сам од себе
И се тешиш
Така поубаво ти е кога си велиш
Оти се’ на овој свет со пари се купува
Иако знаеш дека насмевката нема цена
И дека сјајот во очи не се глуми
Дека најскапоцена е воздишката
Која не доаѓа од устата туку од душата
Дека трепетот на нечие тело кое го љубиш
Не може да се купи со ништо
И дека си голтар 
Дека најсиромав на светов си
Ако љубов во себе и околу себе немаш
Дека ќе си умреш ко питач
Ако некој до тебе тогаш не седи
И раката силно во својата да ти ја држи
Нежно стихови љубовни да ти шепоти
Голтар си
Голтар си ако барем два-тројца до себе немаш
Кои ко ќе згрешиш ќе ти се развикаат
И кои нема за ништо да те поштедат
Од љубов
Од љубовта кон тебе што ја имаат
И со која сакаат да те сочуваат
Голтар си
И голтар ќе останеш ако не разбериш
Оти искрен чоек со пари не се купува
Ниту срце на жена така се освојува
Ниту душата на мажот по тебе ќе лудува
Оти има на светов работи кои бесценети се
Кои со ништо не се купуваат
Освен со питомо срце
И отворени дланки
На светов сон на праведник не можеш да купиш
Ниту љубов која живот дава
Ниту смрт која утеха ќе биде