Секој нов ден ни е подарок: Романтично со Масимо Савиќ во Скопје

Добивај вести на Viber

Со многу интересни приказни и сценски движења по кои е познат и карактеристичен, Масимо Савиќ на првиот од двата скопски концерт во Филхармонија, нѐ прошета низ неговите безвременски хитови.

„Леб и сол“ се едни од најзаслужните што станав музичар. Уживав да ги учам нивните песни“, раскажа хрватскиот пејач. Господски и префинето, со добар хумор и значајна порака, Масимо раскажуваше колку е вреден животот.

„Секој нов ден ни е подарок. Ценете го тоа“, порача хрватскиот музичар кој како никогаш да не се менува. Длабокиот глас, насмевката, специфичниот вокал, хитовите и држењето на сцена се нешта кои се негово обележје од 1983 година, кога ја започна кариерата како фронтмен на бендот „Дориjан Греј“. Токму тогаш се појави „Сјај у тами“, песната која и денес звучи свежо и модерно, а скопската публика со радост ја пречека.

„Странац у ноќи“ како да немаше потреба од гласот на Масимо, публиката го следеше во секој стих и го надвика, а тој беше пресреќен за топлиот прием. Џентлменски, му даде значење и на својот бенд, претставувајќи член по член, и за секого имаше посебна приказна.

На крајот, на бис изведе микс од најголемите хитови. Додека ја пееше „Замисли живот у ритму музике за плес“, целата сала беше на нозе. Концертот го организираше „Авалон продукција“, како и вечерашниот кој ќе се одржи во Филхармонија од 20 часот.

М.Џаровска

Фото: В. Тануровски