Секоја планина, своја тежина
Научена сум сама да врвам сé што ми приредува животот, сеедно дали е арно или лошо. Не ретко, откако ќе помине некоја тешка битка ќе спомнам пред блиските што ми се случувало (читајте, ќе ми се испушти во муабет) и секогаш ми замерувале дека кријам од нив кога не сум ок. А не е дека кријам, туку во тие мигови ги мобилизирам сите сили кои ги имам и сум фокусирана како да го решам проблемот. Периодов имав тешки денови зад мене, кога и двајцата мои родители ги фати ковидот. Вака или онака, џабе сите се пазевме, џабе вакцини и триста превентиви кога изгледа дека сите или го минавме или ќе го минеме, а некои и по неколку пати. Знаете дека кога се работи за болести, најлошото чувство е она кое ве фаќа а носи име “беспомошност”. Не можете ништо да сторите, не сте моќни да го вратите времето назад и да спречите лошото и единствено што можете да сторите е да сте тука колку што е можно повеќе, да помогнете како знаете и умеете и да се надевате дека ќе мине поскоро. Моите се борци, минале сито и решето и еве ги, сé уште се со лекарства, исцрпеност и општа слабост. Годините и хроничните болести не се олеснителна околност, ама туркаат. И во сета таа мешаница, грижа до полудување и страв, на мене не се приметува ништо. Сега знам дека барем 5-6 од тие што ми се сродни души и кои ми го знаат животот од А до Ш, ќе се јават за да ме испцујат сочно оти не сум кренала телефон. И она што го мислам деновиве е врзано токму со ова што ви го зборувам досега.
Колкумина од нас баш во овој момент додека ме читаат имаат некаква мака за која никој не знае? Колкумина од нас одат на работа и тераат обврски како да се роботи, додека душата им се распарчува? Колку навистина знаеме доволно едни за други, особено кога имаме мака...и зошто не?
Некако сме свикнати да ги проценуваме ситуациите од око, односно да го перцепираме само она што го гледаме. Изминативе месеци знам барем неколку мои блиски кои се соочиле со болест или смрт на некој близок и сите биле херметички затворени во себе. Отсекогаш сум била во дослух со интуицијата и кога ќе станам наутро со чувство на немир и болка во желудникот, едноставно знам дека некој од блиските ми е во хаос. Сега (дури и по цена да ви изгледам неарна во умот) ќе ви кажам како функционира ова кај мене. Станувам од спиење и сум како поболена. Прво што правам е се концентрирам на ќерка ми. Ако ми мине чувството, вртам мислите накај моите и ако ми се смирува немирот и на помислата на нив, ги редам блиските пријатели, додека не ми се засили ѕенѕањето во утробата. Така оди тоа кај мене и сум научила низ годините да си ја почитувам и слушам интуицијата (секој, ама секој пат кога сум ја игнорирала, сум направила огромна грешка). Па така, кога ќе се јавам кај некоја другарка или другар и прашам што не е ок, ми велат “не си нормална, од каде знаеш?!”. А не е дека знам, туку само ги чувствувам оти се дел од мене.
Но, што со останатите?
Еве, одам на работа, по маркети, аптеки, кафулиња и среќавам едно чудо луѓе. Секој од нив си има некаква мака, а не на сите им се познава. Некои ќе ги видите насмеани и веднаш им отпишувате било каков проблем. А секој човек си носи со себе и во себе нешто што го мачи и измачува. Нека не е болест или смрт, можеби е проблем во семејството, финансиите, анксиозност, депресија и слично. Ама ете, баш заради тоа дека не изгледаат како да ќе се срушат на улица, не ги есапиме дека се и тие само едни обични смртници (како секој од нас) кои имаат некакво сра*е во животот. Дури и кога ќе се сретнеме со некој на улица и ќе се прашаме еден со друг “како си”, сите велиме дека сме добро, дека туркаме. И некојпат си помислувам колку би било интересно да сме малку поискрени едни со други, па на едно куртоазно прашање да си ја отвориме душата.
Но, зошто не го правиме тоа? Дали е можеби страв дека нема да бидеме сфатени, дека некој нема да биде доволно емпатичен или едноставно, работи она наученото од дома дека никој надвор не треба да знае како се чувствуваме кога ни е најтешко. А сите сме по една планина која си има своја тежина и која ја носиме на плеќите. Знаете, можев да смислам барем десетина други теми, наместо да ви кажам дека сум тапа периодов, дека сум исплашена и уморна, дека да можам би била јас болна наместо моиве. Ама сепак одлучив да ви кажам. Зошто? За да знаете дека има луѓе кои се свесни дека се соочувате со сé и сешто, дека не сме тука само за честитање родендени и везење зборови кога животот ве гали. Некако ми дојде да ви кажам дека треба да сме присутни едни за други кога автомобилот ќе киниса удолу, а кочниците не работат. Оти налет лажни муабети, ако не сме си поткрепа едни на други.
Баба ми покојна секогаш велеше дека требаат луѓе во животот. Не да се тука и не треба да се тука само за да ги викнеш на свадби и веселби, туку и кога ни треба рамо за плачење. Моето функционирање сама и убедувањето дека можам да пливам и спротиводно, ме направи да бидам од камен. Однадвор изгледам како кога гледате една убава куќичка, со дворче, градина полна цвеќе и зеленило, ама внатре кога ќе влезете ќе видите дека сепак покривот прокиснува, а ѕидовите се напукнати. Сите сме по една таква куќа, за жал.
Некако времињава нé сторија далечни едни од други. Немаме време, немаме нерви, немаме желба да сослушаме, а уште помалку да помогнеме. Трчај по пари и кариера оти живееме во земја во која треба да се откорнеш од ангажмани за да обезбедиш колку толку пристоен живот. А цената е голема, оти ја плаќаме со душите, со нивно отуѓување од блиските, па и оние кои не ни се некогаш блиски.
Пред некое време прочитав на ФБ еден преубав статус кој беше всушност заблагодарување за роденденските честитки кои ги доби особата. Поентата на статусот беше дека единствената роденденска желба е да има искрена и добра волја меѓу луѓето, а заврши со “ПОМОГНЕТЕ МИ ДА СЕ ИСПОЛНИ”. Одамна не бев прочитала нешто поубаво и поточно. Оти токму искрената и добрата волја е наједноставното нешто, но и најкомплицираната работа. А дали ќе е едното или другото, не зависи од никој друг, освен од нас.
Следен пат кога ќе прашате некој како е, не слушајте што ќе ви одговори. Видете му ги очите и ќе знаете. Ако видите во нив тага или страв, жртвувајте барем уште неколку минути од вашето време и повторно прашајте навистина дали е човекот добро. Тие неколку минути нема да ве чинат многу, но ќе значат многу за тој наспроти вас. Можеби токму тогаш ќе му симнете барем мал дел од товарот кој го носи на грбот и ќе му дадете крила. И верувајте ми, не е мала работа да дадете надеж некому. Впрочем, некогаш надежта знае да спаси еден човечки живот со тоа што ќе дадете верба дека сепак, никој од нас не е сам и дека има барем за миг каде да го навали грбот и да се одмори.
Бидете живи и здрави, ви подарувам нова песна.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Трчај по азно
Трчај по моќ
Трчај по слава проклета
Од пусто трчање никаде не стасавме
И зад себе човекот во себе
Некаде попатно го оставивме
Без да знаеме како да се вратиме
За повторно себеси да се најдеме
Трчај по ново руво
Трчај по раскошни одаи
Трчај по сé без што можеме
И од вечна трка со себе
На кревкоста на душите изумивме
Та и блиските странци ни станаа
А странците како непријатели ги гледаме
Демек многу ќе нé чини луѓе да сме
Трчај човеку
Само ти трчај по сето она
Кое в гроб не ќе го однесиш
Оти на оној свет сите боси и голи одиме
Токму такви какви што сме биле
Кога на овој свет сме дошле
Чунки само образот чист ако остане
По него поколенија ќе нé памтат
Трчај
Трчај додека не се препниш
И колена додека не издраскаш
За умот во глава да ти дојде
И да сфатиш оти сé минливо и менливо е
Освен срцето и неговата арнина
Оти само тие со срце ко солза чисто
Смртта ја навјасуваат
СТОП
Сопри се и здивни
За да видиш оти сето трчање
Само те уморува и бесполезно е
Кога немаш до себе алтан луѓе
Кои боја на животот ќе му дадат
И чие присуство ќе те сторат жив
Колку и да ти влече душата удолу
СТОП
Не трчај повеќе залудно
Туку почни да чекориш полека
Мирисај ја земјата и воздухот
Во дождот утеха најди
И на нечие рамо потпри се
Биди убав човек однатре
За да најдеш убави луѓе до себе
Со секој чекор, вдиши
Со секој чекор, издиши
Во секој чекор, живеј
Од секој чекор, дај некому волја за живот