Сезонски салати, супа и без алкохол: Лени Кравиц утре доаѓа во Скопје со личен готвач

Добивај вести на Viber

Светски познатиот музичар Лени Кравиц утре ќе пристигне во нашата земја, два дена порано пред долгонајавуваниот концерт закажан на 3 мај во ВИП арената „Борис Трајковски“. Американскиот пејач, автор, актер и продуцент заедно со неговата екипа ќе пристигне кај нас веднаш по настапот во Австрија.

- Веруваме дека Лени Кравиц во текот на неговиот тридневен престој ќе има доволно време да го запознае Скопје, како и да прошета по нашите културни знаменитости. Од она што се издвојува во неговата рајдер листа, интересно е што Лени носи со себе личен готвач кој ќе му подготвува храна на лице место - открива организаторот за „Женски магазин“.  

Од „Авалон продукција“ информираат дека околу оброците што треба да му бидат подготвени, нема некои посебни барања. Сака да се храни здраво, па на менито ќе има свежи сезонски салати, супа, повеќе видови на месо (пилешко, мисиркино, риба), квалитетни сирења и сувомеснати производи, многу овошје (потребно е да стои налепница дека овошјето е органско) како банани, јаболка, мандарини, круши, манго, авокадо, потоа суво овошје, апетисани, чаеви, кафе и свежо цедени сокови. Алкохол не побарал, а пијалоците бара да бидат исклучиво на собна температура.

Скопје е трета концертна станица на Кравиц во рамки на турнејата „Raise Vibration“. „American Woman“, „Are You Gonna Go My Way“, „Believe“, „Fly Away“, „Again“, „Let Love Rule“, „Chamber“, се само дел од хитовите кои ќе имаме можност да ги слушнеме во сала со капацитет од 8.000 посетители. За ексклузивноста на скопското шоу доволно говори и фактот што во оваа турнеја не се опфатени градови како што се Белград, Загреб и Атина. 

- Екипата на Кравиц брои шеесетина луѓе, а според најавата, шоуто ќе биде досега невидено за што зборува фактот дека продукцијата (звук, светло, бина) брои десет камиони, додека тој и неговата екипа патуваат со 6 тур автобуси. Сосема е извесно дека концертот ќе биде распродаден - нагласува организаторот.  

Како специјална гостинка на концертот е најавена младата соул пејачка Annahstasia Enuke, 23 годишна американска музичарка со потекло од Нигерија. Фокусот на нејзината уметност е на тематики како домот, идентитетот, природата и феминизмот. Музичката критика го карактеризира нејзиниот вокал како моќен, споредувајќи го со оној на Шаде и Ејми Вајнхаус.

Во продолжение погледнете го краткото видео во кое Лени упатува специјален поздрав до македонските фанови.


Ѓ.С.