Што е со „заробените“ сурогат бебиња во Украина за кои родителите не доаѓаат: Со денови живеат во подрум

Новите потресни фотографии од сурогат бебиња во импровизирана подрумска клиника во Киев ја изнесоа на виделина тешката ситуација со која се соочуваат оние што ги држат конците на индустријата за „сурогат мајчинство“ во Украина, која цвета со години во оваа земја.

Во моментов во Украина се „заробени“ 21 сурогат бебе, кои мајките ги носеле за парови кои живеат во странство. Бебињата се родени во различни породилишта низ главниот град, а од безбедносни причини биле однесени во импровизирана клиника во подрум на станбена зграда, пишува „Дејли мејл“.

Да потсетиме, слична ситуација имаше и во март 2020 година, кога 46 бебиња не беа земени навреме, поради пандемијата на корона вирусот.


Практиката е родителите да пристигнуваат во Украина непосредно пред породувањето, да ја пополнат потребната документација, по што можат слободно да ги носат децата дома. Сепак, медицинските сестри кои се грижат за бебињата признаваат дека досега само две двојки, една од Германија, други од Аргентина, дошле во воена Украина за да ги земат нивните деца.

Непосредно пред почетокот на конфликтот, имаше неколку среќни завршетоци, кога парови од САД, Велика Британија и Австралија безбедно презедле две деца.

Џеси Милер Бекман, очен хирург од Калифорнија, рече дека пешачела речиси 13 километри до границата со Полска со нејзината ќерка, која тогаш имала само четири дена, откако пристигнала во Украина само неколку дена пред да избие војната.


Бебињата во подрумот ги чуваат медицински сестри, кои исто така се „заробени“ и не можат да се вратат во своите домови, и деноноќно се грижат за децата.

„Немаме време за одмор. Се трудиме кратко да отспиеме, да се менуваме. Тешко е, тешко... Сè е застрашувачки“, вели медицинската сестра Антонина Јефимовиќ.

Украина е меѓународен центар за сурогат мајчинство, а се проценува дека околу 800 Украинки во моментов се бремени со деца на странци. Целиот процес чини околу 50.000 евра, што е една третина од сумата што се бара во Америка за сурогат мајчинство.


Фото: Инстаграм и Твитер

Фото на денот: Полицајци поставија играчки на мостот за децата бегалци