Што поскоро да се гушнеме, да се смееме, па и да запееме: Блага Петреска искрено за Женски магазин

Секогаш насмевната и весела пред камера, на улица, на фестивал, секаде! По тоа е и препознатлива Блага Петреска, но публика ја знае и по нејзините многубројни испеани македонски народни хитови, песни без кои не може да се замисли скоро ниту една македонска свадба или веселба. Каде и да се појави ги развеселува сите со својата позитивна енергија.

Токму поради нејзината богата музичка кариера, годинава на познатиот фестивал на новосоздадена Македонска народна шегобијна песна „Тумба Фест“ во Куманово ѝ беше доделена наградата за Животно дело. 

А, пред една година на фестивалот „Евро Фест 2020“ ја доби наградата Гранд При за најслушана песна од 1992 година до денес, „Свени ми свени Невене“.


Легендарната пејачка Петреска за Женски магазин сподели дека целата ситуација со коронавирусот ѝ годела, како што вели таа, со оглед на нејзините години ѝ годело повеќе време да поминува дома со семејството. 


Блага има две деца, син и ќерка, и четири внуци. Синот Олег Кондратенко е еден од највлијателните македонски музички уметници и работи во земјава, а ќерка ѝ Оља работеше и живееше во странство. Но, како што ни откри Петреска ќерка ѝ се вратила овде во земјава. Сега се сите овде.

- Мојата ќерка се врати со своето семејство и сега сум многу среќна што сме сите тука заедно, вели музичката легенда на народна музика и додава: Јас сум во постојан контакт со моите четири внуци, додека нивните родители се на работа, баба е овде да зготви и да ги пречека децата, вели пејачката.


Како семејство кое се занимава со музика, Блага вели дека слободното време не го користат за дополнително консумирање музика, туку за да разменат мислења и да се дружат како семејство. 

А, за крај на нашиот разговор таа додаде: 

- Во едно вакво време невреме желбата за нови песни и за концерт ми се во втор план сега сакам и го молам Господ да ни помогне да ја одминеме оваа пандемија да останеме здрави и да се надеваме што поскоро да се гушнеме, да се смееме па и да запееме.


Фото: Фејсбук/Блага Петреска

Видео: Youtube

Наталија Миланова