Силви Плевнеш за Женски магазин: Колку е исконски важна и неопходна топлата прегратка
На само неколку дена пред големиот Христијански празник Велигден разговаравме со Силви Плевнеш. Пејачката, сподели како ги поминуваат деновите во изолација со семејството, но и што ново да очекува публиката од Силви Бенд.
*Како ги поминувате деновивте во изолација дома? Дали правете нешто што досега не било случај во вашето семејство. Си воведувате ли акции при играње на друштвени игри или слично? Или, дали играте игри на компјутер, се натпреварувате ли?
- Во нашето семејство не се променија многу работи, бидејќи ние секако овој период ги подготвуваме нашите проекти, ја планираме предстојната сезона.. така да едноставно продолживме. Ги почитуваме сите препораки, го намаливме социјалниот живот, но активности не ни недостасуваат, напротив, има многу нешта за кои конечно имаме доволно време. Практикуваме прошетка по Водно , музицираме, играме карти, го исчистивме детално целиот дом, гледаме филмови, споделуваме убави мисли, изреки, книги, песни ,готвиме (ќерката и јас ), Влатко ужива, секој од нас му се посветува на своето хоби, спортуваме, медитираме (на 05.04.2020. во 04:45наутро, ќерката и јас се приклучивме на глобалната медитација за ослободување и враќање на балансот на планетата Земја).. уживаме во заеднички обедувања и во смеата на нашата ќерка, која одлично не забавува. Никој од нас не игра игри на компјутер или телефон.
*Вашето семејство е музикално. Пеете ли по дома? Каков тип на музика најчесто? Си правите ли мини концерти?
- Да сето ова што го кажав претходно, е пропратено со многу музика, најмногу смут џез, поп, класика, транс... Од време на време им снимам свои изведби на разни композиции на роднините во Германија, потоа секој од нас става некоја своја имровизација во живо, така се бодриме и го менуваме фокусот на позитивни работи. Секако, секој ден си правиме џем сешн.
*Деновите во изолација се совршени за пробување некој нов рецепт. Споделете со читателите што ново испробавте?
- Бидејќи се уште траат велигденските постови, Влатко и јас се приклонивме кон менито на ќерката, која е веган. Исхраната ни се базира на многу зеленчук и овошје... пробајте да направите ќофтиња од наут ( фалафел), одлични се.
*Сите го очекуваме со нетрпение денот кога ова ќе заврши. Што прво ќе направите кога ќе ви кажат „слободни сте, пандемијата заврши“?
- Би кажала „ќе ги изгушкам сите драги луѓе„ колку е исконски важна и неопходна топла прегратка. Ќе одлетам во Германија да ги изгушкам мојот брат и неговото семејство.
*Малку на музички план. Следно ново што да очекуваме од Силви бенд?
- Го
користиме овој период за подготовка на новиот поп албум. Четири композиции се
веќе готови, во моментот работиме на останатите. Инспирација барам околу себе.
Често се осамувам, во двор, или на некој од балконите, додека трае полицискиот
час. Сакам да ја ослушкувам тишината. Прекрасно е, се изгледа многу појасно и
поубаво и тогаш повторно посакувам да слушнам детска смеа и џагор, зошто тоа ја
враќа надежта.
Н. Миланова