Силвија го чува внукот со љубов: Актерката Јана Стојановска во Скопје со синот

Добивај вести на Viber

Актерката Јана Стојановска, која последниве неколку месеци живее во Букурешт, со сопругот Андрија Бојиќ и со синот Ненад кој има пет месеци, деновиве е во Скопје. Јана вели дека нејзиниот син кој го носи името на покојниот татко, бардот на македонското глумиште, Ненад Стојановски и мајка ѝ, актерката Силвија Стојановска поминуваат квалитетно време заедно додека таа е во Скопје.

„ Силвија и Ненад се видоа за прв пат во Букурешт и тоа беше љубов на прв поглед. Имам сериозен проблем да го оставам , го носам секаде со мене , секаде каде што можам. Кога  не можам, го чува баба му со неизмерна љубов. Искрено, иако бев противник на тоа да имам било каква помош додека е Ненад мал, мора да признаам дека тоа што можам да ја поделам љубовта со баба му и тетка му овде во Скопје е сериозно олеснителна околност. Драго ми е што ќе расте со луѓе кои можат да му подарат богатство од различни аспекти на животот“, ни изјави Јана зборувајќи и за сестра ѝ, актерката Ана Стојановска.

Актерката во Романија се пресели поради ангажманите на сопругот кој игра за кошаркарскиот клуб „Волунтари“. Екслузивно за „Женски магазин“, во ноември, таа искрено раскажа низ што поминала изминативе месеци, откако го роди синот во седмиот месец од бременоста.

„ Ненад нѐ изненади сите, нѐ извади од кондури. Беше 31 август и јас се мислев каде да одам да се сончам дента додека е Андрија на тренинг. Сѐ уште беше лето, два месеци пред мојот термин. Прсна водењакот, не бев ни сигурна што се случува, знам само си реков: „Многу е рано” и трк во првата болница што ни ја препорачаа од клубот. Морав да останам во болницата додека не ми се качат леукоцитите, не можевме да знаеме дали тоа ќе трае еден ден или еден месец“, ни раскажа Јана. Сега, кога е сето тоа зад неа, и синот одлично напредува, Јана вели дека е среќна што во Скопје е со синот.

„ Дојдовме заради концертот на Раде Шербеџија на кој бев гостинка, и за снимањето на песната  „Кад умре љубав“, која ќе ја работиме со браќата Тавитјан.  Неизмерно сум благодарна за довербата на Раде бидејќи знам колку му значи таа песна. Уште толку сум благодарна зошто мене лично таа песна ми разбранува многу длабочини. Ми беше една од омилените уште пред Раде да реши да ја снимиме заедно“, ни раскажа актерката која имаше емотивен настап на концертот на Шербеџија во Филхрамонија.

„Иако се сметам себеси за динамичен човек, бебето отвори еден цел нов универзум . Ќе излажам ако кажам дека е лесно, исто така ќе излажам ако кажам дека не е прекрасно. Би сакала да можам да имам уште два паралелни животи за да можам да стасам да направам сѐ што сум замислила , и во врска со него и во врска со себе. Не знам какви се другите бебиња пред да останам бремена и не бев некој дечар , ама чувствувам дека почнувам да сочувствувам со сите мајки па и баби, со сите жени кои поминале низ оваа улога низ која поминувам јас сега. Повторно отворен уште цел еден универзум“, вели  Јана за мајчинството.

За крајот на овој женски муабет, таа зборуваше за одржувањето на својата форма по породувањето. „Јасно е дека еден глумец работи со своето тело. Телото е инструмент и важно ми е да го добијам назад што побргу. Вежбам и иако не редовно се трудам да јадам според “интермитент постот” . Тоа е дури и препорачливо од нутритионист за време на доење. Шеќер и сложени јаглехидрати избегнувам зошто нема потреба да се внесуваат. Имав некој мал застој, нешто со хормоните , застанав со губењето килограми ама сега кога открив што е проблемот, одам понатаму стрпливо и упорно до саканата цел.  Имам уште 6 килограми вишок“, низ насмевка вели шарматната актерка.

М. Џаровска